Велик Петок навечер: радостотворно оплакување на Христа

Велик Петок навечер. Измачен, изнаранет, распнат заради нашето спасение, Господ Исус телесно е положен во темниот и мрачен гроб. Се наоѓаме во „тридневието на смртта Христова“, време на таинствените денови на Воскресението. Овој ден е навечерие на спасението: „Ова е благословената Сабота, ова е денот на покојот, кога Единородниот Син Божји отпочина од делата Свои“ (Од Утрената на Велика Сабота). Во Своето Тело Господ мирно почива во Гробот, и Неговото Божество не го напуштило Неговото Тело. „Иако храмот Твој беше разорен во часот на страдањето, и тогаш Ипостасот на Твоето Божество и на Твоето Тело беше една“. Телото Господово не ѝ подлегна на распадливоста, затоа што тоа пребива во длабините на Животот, во Ипостасот на Словото Божјо, Кое е Живот. И во таа нетрулежност Неговото Тело било преобразено и прославено. Тело понижено било погребано, а Тело прославено стана од Гробот. Се сее во бесчестие – воскреснува во слава; се сее во немоќ – воскреснува во сила. Се сее тело душевно – воскреснува тело духовно… Првиот човек Адам стана жива душа, а последниот Адам – животворен дух (1.Кор. 15, 43-45). Во смртта Христова, за која денес си спомнуваме, се открива немоќта на смртта над Него. Во полнотата на Својата човечка природа Господ беше смртен. И Он навистина умре. Но смртта не Го задржа. Бидејќи смртта немаше сила да Го задржи (Дела 2, 24). Самото Христово слегување во адот, во царството на смртта, се покажа како триумф на животот. Животот беше затворен во Гроб, но Животот засветли од Гробот.


Собрани во текот на изминатата ноќ околу Кувуклијата со светата Плаштаница, како подобие на Гробот Христов, во созерцание и молитва се поклонувавме пред тајната на тој живоносен Гроб. Трогателните Статии на оплакувањето со неизбришливи зборови на таговен крстовоскресен плач ја впишуваа таа тајна на Страданијата и Погребението во нашите срца. „Родот човечки и бесплотните сили зачудени стојат пред Твојот Гроб, Христе, невидената тајна ги порази“ – одекнува трогателниот глас на владиката, нашиот возљубен старец, Епископ г. Партениј (од статиите од Велика Сабота). И ете, од длабочината на тоа погребение, од темнината на смртта, одеднаш бликнува поток на радост и надеж поради едно чудесно видение за идното општо воскресение на мртвите, за гласот Господов што ќе ги повика сите упокоени кон живот: Коски суви, чујте го словото Господово! Така им вели Господ Бог на оние коски – еве, Јас ќе внесам во вас дух и вие ќе оживеете (Језек. 37, 4-5). Се открива тајната дека на крајот од вековите на целиот род човечки во полнота ќе му се открие „Благословената Сабота“, вистинскиот ден на покојот, таинствениот „Седми ден на Созданието“. Залогот за тој ден е даден. Тој залог е Христовото Воскресение од мртвите.