Застануваме со страхопочит, љубов и свештено уважување пред лицето на Мајката Божја, Мајката на сиот свет. Пред нас се наоѓа двонеделниот пост во чест на нејзиното славно Успение и Вознесение на небесата. Подготовката со воздржание, молитва и дела на љубовта за „летната Пасха“ започнува од денес. И како што во Црквата Божја сè станува промислено, богомудро, за надградување и утеха на верните, така, почетокот на Богородичниот пост се одбележува со изнесувањето на Чесниот и Животворен Крст Господов – како еден вид показ дека нашиот живот на земјата има голготски, но и воскресенски карактер, бидејќи секогаш, доколку останеме верни на Крстот Христов, се крунисува со блесокот на победата од Воскресението. Крстовоскресниот пат на Христијаните, радосната тага и таговната радост, е тоа благословено искачување кон пределите на Божјата радост, овозможено во Црквата преку нејзините свети тајни, преку добрината, молитвата, исповедта, постот, Светата Причест.
Големиот триумф на Крстот Христов, како и споменот на Седумте Маченици Макавеи, кои на почетокот од постот нè вдахновуваат со ревност за вистинската вера, Бигорската Света Обител го прослави со молитва и со благодарност, со изнесување и поклонение на Светото Дрво во храмот, на крајот од големото славословие на утрената богослужба. Победоносно издигнувајќи го во своите раце, нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, ги благослови верните со знамението на Христовата љубовна прегратка за светот, а во продолжение ни отслужи Божествена Евхаристија. По завршетокот на Литургијата, согласно црковното предание, Старецот освети вода во манастирската фијала, благословувајќи им на сите добар и богоугоден пост. Навистина, според неговите зборови, „влеговме во денови кога, иако сме многу грешни, ни се дава благодатна можност да стоиме сосема блиску до Божјата Мајка, да најдеме спокој за нашите души под Нејзиниот мајчински покров и да се удостоиме преку смирена молитва, воздржание во чистота и дела на милосрдие, да станеме сопричесници на Царството во кое влегла Таа на денот на Своето блажено Успение“.
Нека ни биде благословен почетокот на светиот Богородичен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на нејзиното сечесно Успение!