Литија со моштите на св. Јован Руски го спаси селото од пожар

Извор:

Додека беснее огнот на грчиот остров Евија, уништувајќи ги прекрасните шуми и принудувајќи многу луѓе да побараат евакуирање, сепак сведоци сме и на многу чуда што жителите на островот ги доживеаја во овие последни две недели.

Така наспроти сите очекувања и предвидувања, пожарот едноставно запрел и го заобиколил манастирот на Св. Давид, при што иако наоколу изгорело сè, ниту еден манастирски објект не бил допрен од огнената стихија, вклучително и малите црквички распоредени во околината на светилиштето. Како што пренесоа грчките известувачи, во мигот на непосредната опасност, кога огнените јазици буквално го опколиле манастирот издигајќи се во висина од 40 метри, еден дел од монасите одбиле да бидат евакуирани, препуштајќи се на молитвата во манастирскиот храм. Тие никако не сакале да ги остават своите најголеми светињи – моштите на св. Давид Евијски и гробот на светиот Јаков Цаликис. Токму и на нивното молитвено застапништво монасите му го припишуваат ова чудо, бидејќи како што огнот се приближувал кон манастирот, и гореле дрвјата околу малите црквички, пожарот не се проширил понатаму, туку како да запрел пред една невидлива граница обиколувајќи го светилиштето.

Mанастир Св. Давид, Евија

Не помало чудо се случи и со моштите на св. Јован Руски. (+1730), кои се наоѓаат во селото Прокопи, на островот Евија. Иако првично жителите на селото намеравале да се евакуираат и така да ги избегнат огнените искушенија, тие најпосле решиле да се обратат кон Бога во молитва и да го побараат застапништвото на нивниот возљубен Светија. Сите жители зеле учество во литијата со моштите на Светиот, молејќи го да ја запре погибелната стихија. Грчките медиуми известија дека само неколку часа после литијата во утринските часови започнал пороен дожд кој го изгасил огнот и го спасил селото.

Веќе следниот ден митрополитот Хризостом Халкидонски отслужил Божествена Литургија во храмот каде што се чуваат светите мошти и во својата беседа тој ја изразил сеопштата благодарност кон Светиот заради неговото чудесно посредување со кое тој покажал големо милосрдие и поддршка кон народот во овие тешки испитанија. Потоа била направена уште една литија со моштите за Господ да се смилува и да го оттргне целосно ова огнено искушение.

Mоштите на св. Јован Руски

Меѓу другите храмови кои го избегнале уништувањето од огнот бил и малиот семеен храм на имотот Василијадис. И во овој случај, огнот кој неколку дена претходно ја зафатил околната шума и наближувал до границите на имотот каде што се наоѓал храмот, наеднаш го сменил правецот и го поштедил и храмот и семејниот дом. Сега во тој храм се случува обилно мироточење од иконата на св. Пајсиј Светогорец.

Мироточење од иконата на св. Пајсиј Светогорец