Дојде постот, мајка на чистотата, тужител на гревот, проповедник на покајанието, сожител на ангелите и спасение на луѓето. Верни, да извикаме: Боже, помилуј нѐ. (Стиховна самогласна стихира на утрена)
Покајанието не е еден збор, или само едно чувство, или просто една мисла. Покајанието, кога е вистинско – а треба да е вистинско – е нешто што го прави човекот да се промени од длабочината на неговото битие, коренито да се промени таму во длабините, во срцето негово, во душата негова, да го промени умот, размислата, менталитетот и следствено, да се промени целокупниот начин на живот и сета негова внатрешност. Да се променат сите душевни сили, та онаму каде што правеле А, сега да прават Б. Зашто, во подлабока смисла, човекот, искушуван од гревот, бега од Бога, или се крие, или прави нешто скришум од Бога (се разбира, тој само си мисли дека може нешто да сокрие од Бога).
Она што треба да го направи е да се врати при Бога, да се отвори пред Него, да не биде скриен и да Му ја објави Нему својата состојба, со безрезервна доверба во милоста Негова.
Чесниот и Велик пост е одлично време, од Бога дарувано, за човек да влезе во себеси, да се запознае добро и својата болка, својот немир, несигурноста своја – сета своја внатрешност да Му ја довери на единствениот Човекољубец. Потоа, Христос знае што треба да направи…
(Извадок од синаксис на Старецот, Архимандрит Партениј, со браќата монаси)