Чист понеделник

Многубројни се примерите во Светото Писмо за полезноста на постот. Старозаветниот пост преминал и во новозаветната Црква, со него се подвизувале и Светите Апостоли, како и сите Светии и угодници Божји. Но, најважно, постот го запазил и Оној Кој немал никаква потреба од него – Пречистиот наш Спасител, Господ Исус Христос, само за да ја покаже полезноста на постот, проследен со христијанските добродетели.

Па така, мили мои, имајќи ги како пример сите Светии и пред сѐ, Самиот Христос како превосходен показ, да се потрудиме богоугодно да го поминеме ова време на покајание и духовно очистување и издигнување. Духовната пролет, како што ја нарекуваат светите отци Великата Четириесетница. Време кога поради нашите мали трудови расцутуваме со многу благодатни дарови. Затоа, охрабрете се! Потребно е со храброст да пристапиме кон постот, не со колебање, ами со љубов. Да влеземе во овие свети денови на посното поприште како духовни воини, како атлети Христови. Само тогаш постот ќе ни биде од полза, а ќе бидеме поткрепувани и од светите Ангели. Великопосниот богослужбен ред предвидува во секоја среда и петок да се служи т.н. Литургија на претходно осветените дарови. На оваа специфична и преубава богослужба, наместо вообичаената херувимска песна што се пее на Златоустовата и Василиевата Литургија, ќе се пее песната Ныне Силы Небесныя с нами невидимо служат, т.е. Сега силите небесни со нас невидливо служат. Светиот папа Григориј Двоеслов, кому му се припишува составувањето на оваа Литургија, сакал да ни покаже дека заедно со нас служат и Ангелите. Бог ни ги испраќа за да нѐ поткрепуваат во текот на постот и да нѐ поттикнуваат да правиме богоугодни дела, преку кои се доближуваме до Него.

(Извадок од беседата на Архимандрит Партениј „Постот и простувањето – подвиг на христијанската љубов“, изговорена на Умилителната вечерна на простувањето, на 11 март 2019 година)