Илинден во Лазарополе и Доксологија за Татковината во Бигорски

Откако време долго измина, гледајќи злоба човечка,
смисли уште потешка казна за нив Илија.
Гледајќи го, пак, ова Штедриот, му вели вака на пророкот:
„Ревноста што за правда ја имаш, Јас ја познавам и јасна Ми е намерата.
Но сострадувам со грешните кога тешко ги казнувате;
ти се гневиш зашто си непорочен и затоа не ги трпиш.
Јас, пак, не трпам да гледам од нив никој да Ми пропадне,
како единствен Човекољубец…
Ако не можеш, како што реков, пророче, со луѓето што грешат да живееш,
дојди, премини и насели се в пределите безгрешни, при пријателите;
Јас, пак, слегувам, зашто можам овцата заблудена
да ја земам на рамо и да викнам кон паднатите:
‘Скоро, сите грешници, кон Мене дојдете, успокојте се,
зашто Јас не дојдов созданието со пекол да го казнам,
туку оние што грешат од нечестие да ги грабнам,
како единствен Човекољубец‘“.

Кондак кон светиот пророк Илија од свети Роман Слаткопевец

Лазарополе, тоа величествено село кое гордо се издигнува на падините на Бистра, и ден денес нескриено сведочи за својата слава и достоинство. Таму верните Мијаци подигнале крстови и храмови, оддавајќи Му почит и благодарност на Својот Бог и Спасител за бројните Неговите дела со кои Он ги поткрепил и прославил. Ова славно мијачко село, во чијшто дух на храброст и богопросветленост се изродиле и воспитале голем број преродбеници и културни дејци, во сета негова историја сведочи за силната молитва, за длабоката богобојазливост на неговите жители, кои отсекогаш трогнувале со својата благоразумна ревност, подигајќи ракотворни храмови на големите Светии. Велелепен сведок за оваа ревност е и храмот посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, изграден од славниот ќаја Ѓурчин Кокалески, кој токму оваа година слави 180 лета од неговото осветување. Секој негов камен, прекрасниот живопис, живиот иконостас – сето тоа сведочи за верата на Лазоровци, кои го вградиле во него својот внатрешен неракотворен храм, изграден од многуте добродетели, оставени во завештание на нивните потомци.

Затоа и денес, кога го прославуваме споменот на Светиот пророк Илија, со истата таа топла ревност и мијачко достоинство, лазоровци во храмот на светиот Георгиј му приготвија срдечен пречек на нашиот Старец и Владика, Епископот Антаниски г. Партениј, кој отслужи торжествена архијерејска Литургија. Вдахновен од неискажливата ревност за Божјата слава на Светиот Пророк и поттикнат од гостопримството на домаќините, Старецот ги поткрепи лазоровци и другите присутни во храмот со пригодна пастирска беседа. Воедно, тој не пропушти да им се заблагодари и на младите хористи од градот Кичево, кои по Божја промисла, денес, на овој голем ден, учествуваа во литургиското богослужение, симфонично пеејќи ги византиските мелодии. Несомнено, тие му се заблагодаруваа и оддаваа почит кон делото на неуморниот и ревносен Ѓурчин Кокалески, со чијашто несебична жртва бил изграден огромниот Пречистански храм посветен на Пресветата Владичица Богородица – храм во кој овие прекрасни млади деца секојдневно се воспитуваат и духовно растат:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, Светата Црква го прославува споменот на славниот пророк Илија Тесвитјанинот. Овој великоименит пророк спаѓа меѓу најголемите пророци од старозаветната епоха. Бил особен молитвеник и ревнител за правоверието во единствениот вистински Бог. Овие две нешта најсилно го отсликуваат неговиот пламен карактер. Тој огнено се молел за својот народ Израилот и тоа во времето кога владеел царот Ахав, идолопоклоникот. Тој, бидејќи оженет за жена идолопоклоница и заблуден од неа, ја напуштил правата вера и најпрво во својот царски двор, а потоа и во сета израилска држава, го вовел идолопоклонството како званична религија. Пророкот Илија, понесен од големата му ревност за вистиноверието, почнал да се моли, за Бог да го вразуми својот народ и неговиот земски владетел, така што најусрдно просел од Него да го затвори небото и да не испраќа дожд во израилската земја. И како што е кажано во Светото Писмо, дека молитвата на праведникот има голема сила, Бог навистина го послушал Својот угодник и го затворил небото три години, така што насекаде настанала голема суша и глад. Оваа сеопшта непогода го погодила и самиот Свети Илија, кој според повеление Божјо, се повлекол на пусто место кај потокот Керит, гладувајќи заедно со народот и молејќи се за негово спасение. Меѓутоа, Господ не го оставил долго во немоќ, туку се смилувал над него и му испраќал храна преку гавраните. Потем го испратил при вдовицата од Сарепта Сидонска, која продолжила да се грижи за него, повторно со чудо Божјо. Најпосле, Бог го испратил Илија при царот Ахав, прекинувајќи ја тригодишната суша и испраќајќи дожд врз земјата. Тоа било знак дека ќе настапи покајание во народот и дека Свети Илија ќе биде послушан.


На Светиот Пророк му било заповедано да отиде при царот Ахав и да го укори за лажеверието – што Илија бестрашно и го направил. Притоа, за да му докаже на царот која е вистинската вера, му предложил да ги собере на гората Кармил сите свештеници на идолските богови и да направат таму два жртвеника: еден за нив самите, а другиот, кого тој ќе го подготви, за вистинскиот Бог. И да не пали никој оган, туку сите предано да се молат, па оној жртвеник врз кого ќе се спушти оган од небото – ќе биде сведоштво за тоа кој е вистинскиот Бог. Свети Илија ископал дури и канал околу жртвеникот и го наполнил со вода, потопувајќи ги во неа и дрвата што требало да горат. Оној Бог, рекол тој, Кој ќе одговори преку оган, Тој е Бог (1. Цар. 18,24) – и сиот народ се согласил. Свештениците на идолот Ваал се молеле долго и викале и го преколнувале да го запали огнот, но – ништо не се случило. Додека, пак, жртвата на Свети Илија, иако била сета наводенета, по усрдната молитва на праведникот, веднаш се запалила. Тоа ги воодушевило сите што виделе, така што извикувале: Господ е Бог, Господ е Бог! (1. Цар. 18,39) Така еврејскиот народ се вратил во својата прататковска и богооктриена вера.

Поведен од преголема ревност, пророкот Илија тогаш сторил нешто страшно: наредил да се соберат идолските свештеници и пророци на едно место и сите ги исклал. Со тоа го возбудил гневот на царицата Језавела, та, гонет од неа, повторно побегнал на пусто место и, воден од Божјата промисла, стасал до Божјата гора Хорив, каде што се засолнил во една пештера. И тогаш, интересно, Бог го поучил и го смирил со едно чудо. Најнапред го прашал: „Зошто си овде, Илија?“ Тој одговори: „Пламнав од ревност за Господ, Бог Саваот, зашто Израеловите синови го оставија Твојот завет…, само јас останав, но и мојата душа сакаат да ја земат“. Тогаш Бог му рече: „Излези и застани на гората пред лицето Господово; и, ете, Господ ќе мине, и голем и силен ветар кој ридови урива и соборува карпи пред Господа; но не е Господ во ветрот; по ветрот – земјотрес, но не е Господ во земјотресот; по земјотресот – оган, но не е Господ во огнот; по огнот – здив од тих ветар, и таму е Господ“ (1. Цар. 19,9). Со ова боговидение Господ сакал, всушност, да му укаже на Свети Илија дека ревноста во верата треба да биде благоразумна. Не дека Свети Илија имал неблагоразумна ревност, но, сепак, таа, освен Божја, била и човечка. Впрочем, токму во своето човечко ревнување тој ги исклал лажните свештеници и пророци. Бог, пак, никого не сака да погуби. Неговата љубов е над секоја човечка љубов, над секоја наша имагинација за љубовта. Ние имаме Бог, Татко небесен, „Кој ги љуби праведниците и ги милува грешниците“, па затоа му покажал на Илија дека дури и во најголемата ревност љубовта кон грешниците треба да преовладее; исто онака како што нашиот добар Бог ја излева Својата милост по сиот Свој свет, подеднакво и за грешните и за праведните, и за верните и за неверните.

Во денешно време во Црквата имаме многу верници коишто се исполнети повеќе со човечка, отколку со Божествена ревност, па наместо да се посветат на молитва, на пожртвувана љубов и добри дела, повеќе се трудат да изигруваат црковни „полицајци“, љубат многу да говорат, да проповедаат, да ја „очистуваат“ Црквата од престапниците, од грешниците, од недостојните свештеници и владици и сл. А, знаеме од пракса, многуговорливоста секогаш доведува до осудување, до лажливост и лицемерна праведност. Сведоци сме на таквата состојба денес меѓу Христијаните. Затоа, добро е да се поучиме од житието на Свети пророк Илија дека Бог е секогаш во тивкото ветре, во мирниот и благ Дух Божји, Кој нè упатува најнапред кон ревност за искоренување на нашите сопствени страсти, на нашите негативни настроенија. И така, давајќи личен пример преку борбата против злото во самите себе, ние ќе дадеме придонес во искоренувањето на општото зло. Токму таква е вистинската ревност Божја. Тоа и Самиот Господ Христос го потврдил во Своето Евангелие со приказната за пченицата и каколот. Имено, Тој пред Своите ученици го уподобил Царството небесно на човек домаќин што посеал добро семе на својата нива. Меѓутоа, во текот на ноќта, дошол човек непријател и среде житото посеал и какол. Кога никнало житото, никнал и каколот. Тогаш слугите на Господарот кој го насадил житото го запрашале дали да појдат и да го исплеват каколот од нивата. „Не“, рекол Господарот, „да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата“ (Матеј 13,29-30).

Ова е мошне поучно за Христијаните коишто имаат ревност, но не според сознанието (сп. Рим. 10,2) и се трудат да ја „спасат“ Црквата од недостојните свештеници, владици, монаси, или Христијаните коишто не се согласуваат со нивното мислење. Притоа, во своето неблагоразумно ревнување, тие се замислуваат себеси како „спасители“ на Црквата, а ползуваат најниски методи на дискурс, со навреди, клевети, озборувања, иронични потсмеви и сл., предизвикувајќи соблазни и одвраќање кај недоволно упатените. Забораваат, меѓутоа, дека еден е Спасителот, Христос Бог, Кој ја љуби Црквата повеќе од нив! Ете, да земеме, на пример, дека во Црквата има многу недостојни клирици и пастири. Но, што ако, „ревнувајќи“ да ги судиме и искоренуваме не само клириците, туку и сите, според нас, недостојни во Црквата – ставајќи се себеси на местото од Бога, Кој е единствен праведен Судија! – соблазниме макар и една душа отстрана, којашто, според зборовите Спасителови, е подрагоцена од сиот свет?! Тогаш на нашата совест ќе треба да ја понесеме одговорноста за погубувањето на таа душа, поради тоа што сме имале ревност, не да се поправиме внатрешно себеси, ами некаква човечка, извитоперена ревност, којашто секогаш покажува со осудувачки прст кон другите, а не кон себе. Многу е погрешно да се сметаме себеси за повикани и компетентни да критикуваме и разобличуваме какви било појави во животот на Црквата, имајќи го лажното мнение дека единствено ние сме во право. Сетете се што му рекол Бог на денешниот славеник, Свети Илија, кога овој си помислил дека останал сам што ја исповедал правата вера: Но сепак оставив меѓу Израелците седум илјади мажи; сите тие не ги свиткувале колената пред Ваал (1. Цар. 19,18).

Би можело да се каже, мили мои, дека денес нашето торжество е двојно. Од една страна, го славиме со љубов и молитва Светиот пророк Илија, а од друга, со благодарност си спомнуваме за навршувањето на 180 години од осветувањето на овој велелепен храм посветен на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец. На сите нам овде добро ни е познато дека низ историјата ова славно село дало многу големи преродбеници, знаменити духовни и културни дејци на нашиот народ, великани на верата, на духот и на словото. Еден од најзначајните меѓу нив бил, се разбира, ктиторот на оваа чудесна црква, ќајата Ѓурчин Кокалески – нека му биде споменот вечен! – кој бил исклучително побожен Христијанин, со таква силна вера и правилна ревност за спасението на народот, што наликувал на пророкот Илија. Впрочем, тој ја започнува својата автобиографија, од него наречена Наказание, со славословието: Во славу свјатују единосуштнују и неразделнују Отца и Сина и Свјатаго Духа, амин. Тукуречи на секоја втора реченица тој Го споменува Господ, Богородица, Свети Јован, Свети Георгиј… Вели: „Господ да нè помилува“, „по нивните молитви“ и сл. Што ни покажува ова? Дека само луѓе со силна вера и молитва наоѓаат сила и храброст, за да направат големи и славни дела, коишто остануваат за идните поколенија. Следствено, иако денес ова село е раселено – главно поради неблагопријатните историски собитија во последните стотина години, особено за време и по Втората светска војна – сепак, овој храм-споменик останал да сведочи за некогашната вера, за славата и достоинството на предците. Едноставно, делото на Ѓурчин не престанало. Лазоровци не ја изгубиле верата. Се радувам што сега сте собрани во еден пристоен број, за литургиски да го прославиме славниот пророк. Патем, вашето село отсекогаш со голема ревност и љубов го прославувало споменот на Свети Илија. За тоа ни сведочи и неговата икона на иконостасот и неговите претстави на фрескописот.


Првата страница од „Наказанието“ на Ѓурчин Кокалески

На наша голема радост и за чест на овој храм, денеска со нас е хорот составен од млади деца од Кичево, коишто со своето прекрасно и молитвено пеење го украсија празничното богослужение. Тие, предводени од нивниот учител по источно-православно пеење, хорархот Димитар Угриновски, се радост и чест и надеж не само за нас, присутните овде, ами и за градот Кичево, па и за сета наша Црква. И нивното присуство денес не е случајно, бидејќи ова село, историски гледано, е нераскинливо поврзано со градот Кичево, преку манастирот Пречиста Кичевска. Имено, и тој голем манастир е подигнат од силната вера на Ѓурчин и на други Мијаци од крајов, коишто не ги чувале алчно парите само за себе, туку ги вложувале во градењето на храмови, манастири и училишта, помагале на сиромаси и на неволници… Ѓурчин, на пример, се однесувал како вистински татко на селото. Бил голем визионер, ги поткрепувал сите, неговата најголема грижа била да не некако згасне верата кај луѓето и така да пропадне целиот народ. Затоа, додека се градел манастирот Пречиста, им имал заповедано на сите соселани, кога ќе оделе на пазар во Кичево, било заради купување или продавање, да не одат натаму празни, без товар на своите коњи, туку секогаш да носат камен бигор, со кој била изградена големата купола на манастирскиот католикон. Овој храм на Пречиста бил, замислете, најголемиот дотогаш на територијата на Македонија! Значи, молитвата и ревноста за Бога и за спасението на народот се мотивите што го движеле Ѓурчин да го изгради и овој преубав храм во кој се наоѓаме сега, а и значително да го помогне градењето на манастирот Пречиста.

Молитвата и ревноста на нашите предци се причината поради којашто ние до ден денес опстојуваме како народ и како општество. Зашто, темелот на еден народ е верата. А ние сме благословени и удостоени да ја имаме богооткриената вера. Токму затоа и имаме посебна одговорност, да ја сочуваме и да ја сведочиме оваа вера, со љубов, со добри дела, со ревност за добро и за убаво, а не со неразумно ревнување, кое, наместо да даде плод, може да прерасне во страшна страст што ќе предизвикува поделби, фанатизам, неслога и омраза. Православието, пак, никогаш немало ништо заедничко со фанатизмот. Тоа никогаш не ги разделувало луѓето, туку ги обединувало и сплотувало. Затоа треба да бидеме внимателни, за да не ни се случи да бидеме изместени од фундаментот на православната вера, кој е љубовта и пожртвуваната грижа за спасението на сите.

Во нашево време гледаме дека, за жал, ние, Христијаните, во голема мера сме се изместиле од евангелската траекторија. Последица на тоа е загрижувачкото застранување на младите. Голем дел од нив просто не знаат каде одат во животот, зашто, немајќи Го Христа во себе, немаат темел на своите животи и тие стануваат бесцелни за себе самите, мрачни и нихилистички настроени. Мислам дека сите ние сме сведоци за духовната ерозија што се случува денес со европската цивилизација. Деновиве читав за една анализа што ја направил еден американски институт, во која се вели дека во Европа сè повеќе се намалува бројот на Христијаните. Меѓу другото, една од причините е драстично намалениот наталитет кај Христијаните, за разлика од припадниците на други религии. Зошто? Затоа што Христијаните Го напуштија Христос. А кога темелите на една зграда ќе ослабнат, нејзината статика се нарушува и таа ќе почне да се распаѓа. Темелот, пак, на сета европска култура беше, рековме, Христос Бог. Многу европски народи, претходно примитивни и неписмени варвари, токму преку Христа и со Христа станале писмени и културни. А денес? Денес повеќе не им треба Христос. Затоа, како резултат на тоа, европските општества духовно и културолошки се уназадуваат, се враќаат кон паганството, кон примитивизмот. Гледате, на пример, дека бракот во Европа е речиси целосно распаднат. А кога основната клетка ќе се разболи, неминовно ќе се инфицира и целото општество, во сите негови сфери. Бракот е, пред сè, Божествена институција и е цивилизациска придобивка на Христијанството. Христос е создател на правилното, богоблагословено семејство. Во ниедна друга религија претходно, а ни потоа, бракот не беше дефиниран како соединување во Божјата љубов на еден маж и една жена.

Би можел уште долго да ви зборувам, од срце и со љубов кон сите вас, но ве замолувам и вие самите да испитувате, да учите за верата на предците ваши, подражавајќи ја според силите, та да не одиме кон уназадување. Не велам да се вратиме во времето, туку, имајќи ја верата на предците, да се надоградуваме себеси, и духовно и морално. Верата во Христа е секогаш прогресивна, напредна. Немојте да мислите дека доколку некој стане посветен верник, ќе биде назаден. Напротив, искуството сведочи дека оние што се отклониле од Христијанството станале назадни, приличат на старите пагани, коишто не знаеле што прават, се давеле во нечистотија, неморал, заблуда, блудство и очај.  Ете колку „напред“ води општеството без Христа. Всушност, тоа е толку многу ретроградно – сведоци сме на едно враќање толку многу наназад, една таква декаденција кон примитивизам и варварство. Значи, единствено со Христос, Кој е ист вчера, и денес, и во веки (Евр. 13,8), ќе бидеме вистински луѓе, луѓе на духот и на убавината, луѓе на прогресот.

Бог да ве благослови и нека векува нашиот народ и Мијачијата до Второто Христово пришествие, и никогаш да не згаснат кандилата, најнапред во срцето на Мијачијата – Бигорски, а и во овој храм – туку да светат до крајот на времињата, за радост на предците наши! А нема да згаснат доколку во нас горат духовните кандила на верата. Свети Илија да нè чува сите!


Илинденско торжество од Лазарополе, попладнево се пренесе во Бигорската Обител, каде што како и секоја година беше извршен чинот на Доксологија, во кој се принесуваат молитви „за вечен спомен и блажено упокоение на сите кои се бореле и паднале во светите борби за верата и Татковината, особено во Илинденското востание“. По благословувањето на празничното коливо, нашиот Старец, Епископ г. Партениј, во своето пригодно слово, меѓу другото истакна:

„На овој празник посветен на светиот и велик старозаветен пророк Илија, пред 118 години нашиот многунамачен и напатен народ херојски востанал против гнетот и јаремот на големата Турска империја. Пред малку, во молитвата ние си спомнавме за душите на сите оние кои јуначки се бореле и славно паднале во светите борби за нашата вера и Татковина, или биле измачувани и убиени од непријателските војски или паднале во заробеништво, односно за душите на сите што низ историјата се бореле и паднале за идеалот за слобода и државност. Меѓутоа, како што чувме од чинот на Доксологијата, ние се помоливме и за началниците кои се поставени да управуваат. Зашто, навистина, голема одговорност имаат оние на коишто Господ им дал власт да управуваат со државата, за којашто многумина ги дале своите животи, го дале најсветото што го имале…“