Пасхалното торжество на најсветата и светлозарна ноќ, кое се удвои следниот ден во Рајчица, во славната Обител на Победоносецот со празнувањето на неговиот славен спомен, вчера се пресели во убавата Струга, за и таму, преку триумфалната свечена Литија (Еордија) по струшките улици, уште еднаш да ја објави Христовата победа над смртта и вечната слава на неговиот сведок на Воскресението – Светиот Георгиј.
Навистина, амбиентот што се почувствува таму, топлината на насмевките, силата на громогласното „Христос Воскресна“ од сите страни, радоста на веселите дечиња, облечени во разнобојни традиционални носии што и самите наликуваа на оние разиграни цветни латици со кои ја поздравуваа Литијата; благодатта на светите мошти на Маченикот, на неговата древна икона, како и на Крнинскиот образ на Пречистата, раскошниот лик на цветниот балдахин како достојно украшение на благоуханите мошти, и светнатите лица на она недобројно мноштво верни – сето тоа сведочеше дека денес Струга навистина воскресна! Со право стружани се израдуваа со овој пасхален поздрав од небесата. Беше тоа навистина една прекрасна посета, на која тие, заедно со светите архиереи: Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Епископот Дремвицки г. Давид и нашиот Старец Епископот Антаниски г. Партениј, и со многубројните гости дојдени отсекаде, одговорија со целото свое срце, со сета своја љубов кон Бога Воскреснатиот и кон Неговиот Светија. Со каква почит избраните видни граѓани: Јован Јаулески, Цветко Аврамовски, Виктор Кочоски и Симон Грданоски – го носеа вискоко издигат на своите раце цветниот Балдахин, на кој величествено беа положени моштите на Светиот и одозгора, блескајќи на Сонцето, го благословуваа секое катче на градот. А оние, пак, што се удостоија да ја понесат неговата чесна икона беа: Гоце Илчески, Александар Китески, Бошко Карадакоски и Танче Спироски. Реката народ што ги следеше не можеше, а да не се насладува од оваа чудесна благодат што извираше од Светињите, и немаше срце денес кое остана рамнодушно на ваквата прекрасна глетка што возвишуваше до небесата. Како и претходните години, Литијата заврши таму каде што и започна – во пространиот двор на храмот Св. Георгиј, кој сепак беше претесен за да ја собере онаа огромна река народ. Тука присутните се насладија и од распеаните гласчиња на „Православна Младина“ с. Враништа – Струга, Парохија Вранишка како и од настапот на членовите на КУД „Бисер“ од Кичево.