Упокој ги, Спасителу наш, заедно со праведните, слугите Твои, и всели ги во дворовите Твои, како што е пишано, проштевајќи им ги, како добар, прегрешенијата нивни, волни и неволни, направени со знаење и незнаење, Човекољупче.
(Од службата на панихидата)
Погледнете ги внимателно сите општества во светот, минати и сегашни, моќни царства и држави, најубавите градови и најраскошните тврдини… Погледнете ги добро и најбогатите владетелски домови, дворските луксузи и балови, најубавите куќи и палати, но сиромашните квартови и трошните куќарки… Погледнете ги длабоко нивните жители и со сигурност ќе забележите нешто заедничко за сите нив, нешто што однатре го плаши и потресува човечкото битие. Покрај кратките мигови на суетна радост и минливо веселење, соочен со својата самотија, човекот останува нем и престрашен од суровата реалност на приближувањето на – смртта. Ах, тој безмилосен тиранин на човештвото, предизвикан од гревот, непослушанието кон Бога и злоупотребата на слободната волја, кој ги предизвикува сите болки, стравови и страданија во срцето и душата! Ете, и современата научна психологија тврди дека во основа на сите фобии, беспокојства, депресии и анксиозности, лежи токму стравот од смртта. А, во своето незнаење, луѓето често пати ја поврзуваат смртта со Божјата волја. Колку пати сме слушнале за прераната смрт или големите страдања на некого: „Божја волја било“, „Бог така сакал“, „Господова работа“ и сл.
Но, ние Христијаните треба да знаеме дека Бог нема никаква поврзаност со злото и со смртта. Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој што живее и верува во Мене, нема да умре довека (Јован 11,25-26) – вели Господ Исус Христос. Како Христијани не можеме да прифатиме дека Бог и Богородица сакаат да умираат луѓето, да гинат во војни, несреќи и беди, да страдаат во онколошките одделенија на болниците…
„Бог Кого што ни Го откри Христос“, ќе рече во една прилика нашиот старец и владика, Епископ г. Партениј, „не е крволочен убиец, делател на смртта, не се радува на страдањата на солзите и на болката на луѓето. Он не ја измислил смртта, не ги предизвикува несреќите, не ја бара смртта на човекот. Избира да умре Он наместо ние. Крстот Христов засекогаш ќе остане скандал во погрешната логика на човечката историја. Христос се распнува на нашето место, токму за да ни покаже дека никогаш не ја посакувал нашата смрт; умре Он наместо ние. Добро вели Павле Евдокимов, дека ‘Бог на Христијаните е многу необичен, не се уподобува во ништо со човечките идеи за Бога и оваа нечуена црта го определува духовниот живот… Горе на Крстот, Бог го зема уделот на луѓето, наспроти Неговата сопствена Божественост; умира Самиот, за да живее човекот’. Бог на Христос и на Евангелието не го предизвикува злото во светот, за потоа да стои наспроти оскрбените луѓе коишто со раскинати од болка срца плачат за загубата на нивните возљубени. Он не е наспроти нивната болка, туку е заедно со нив, до нив, среде нив како слуга кој страда. Овој свет не е оној што го посакал Бог, туку оној што човечката слобода го изобличи и го претвори во една бескрајна ноќ на смртта. Ноќ, којашто беше поразена од утрото на Воскресението“.
А потсетници на Неговото и јасни предвесници на сеопштото Воскресение се саботните задушници, што Црквата, како простор на Неговата полнота, ги востановила, за со љубов и должна почит да си спомнуваме за починатите на земјата, но живи во Него членови на Неговото тело. Со воскресенската благодат излеана во оваа Митровденска задушница, Бигорската Обител, собрана околу својот владика и игумен, г. Партениј, молитвено си спомна за душите на своите благочестиви ктитори, градители, монаси, благоукрасители, помагатели, поклоници и за сите од веки упокоени Христијани, коишто си заминале од овој свет со вера во Воскресението и надеж во вечниот живот.
Упокој ги, Боже, слугите Твои, и во рајот всели ги каде што е соборот на Твоите светии, Господи, и каде што праведниците светат како светила: починатите слуги Твои упокој ги, превидувајќи ги сите нивни согрешенија.