Молитвено поклонение на св. Параскева во Дебар

Кога со леењето солзи го угасна распалувањето на телесните страсти, а го запали огнот на божествената љубов, ти се озари со бесмртноста на Царот Христос, и Му се придружи Нему, добра девојко, и со Него влезе во духовната палата. Параскево, моли се за душите наши.

(Слава на Господи повикав)

Светиот апостол Павле, зборувајќи за чудесната Божја промисла, вели дека Бог го избра она што е слабо и немоќно за да ги посрами силните. Така Бог ја избра светата девица Параскева, која беше кревка по тело, но по духот се покажа силна како карпа и со својот натчовечки подвиг и крајно воздржание, ја победи лукавоста на исконскиот наш непријател. Иако богата по род и прекрасна на лик, не дозволи суетните задоволства да ја заведат нејзината чиста душа, туку наместо со сјајни ѓердани се украси со силна вера и совршено смирение, и откако Му ги принесе на Христа, од Него прими дар на исцеление и бројни чудеса. Затоа денес, ние верните, со љубов го славиме нејзиното свето име, со почит се поклонуваме пред нејзиниот непорочен живот, со кој го придоби небото, и молитвено ја ублажуваме, просејќи го нејзиното застапништво за нас, немоќните и слабите.

Денес, нејзиниот храм во градот Дебар ликуваше поради двојниот повод за слава: што ја има оваа силна подвижничка за свој закрилник и молитвена помош во искушенијата и што го имаше за свој драгоцен гостин владиката наш, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој ги израдува големиот број верни ревносно собрани во чест на светата Параскева и свечено го преосвети храмовиот престол. И навистина, таинствениот молитвен призив на светителката ги собра сите дебарчани во нејзиниот храм, на една соборна празнична богослужба, па таа, радосна во духот, гледајќи го храмот богато украсен со светли лица, штедро го излеа врз сите присутни својот благослов, и измоли од својот Младоженец милост и духовна поткрепа за сите нивни идни потфати Христа ради.

Таквата поткрепа како да извираше и од секој збор на просветленото слово на нашиот возљубен архиереј, кој зборувајќи за примерот што ни го остави преподобната со својот подвижнички живот, ги поучи присутните за значењето на вистинската среќа и за непропадливата храна на душата:  

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Драги браќа и сестри,

Секој човек во својот живот постојано сака, бара и очекува нешто, независно од тоа колку има. Сите тие желби, барања и очекувања имаат една цел: да се најде и обезбеди среќа во животот и да се постигне удобен и комфорен живот. Кога го спомнуваме зборот ‘среќа’, се поставува прашањето: што е тоа среќа? Постојат многу и различни погледи на ова прашање. Едни наоѓаат задоволство и среќа во храна, други во пиење, трети во убава облека, некои во гламур и пари, некои во положба и чест, некои во знаење и наука, некои во спорт, музика и сл. Но, вистинска и трајна среќа не наоѓаат ниту првите, ниту последните. Ова категорично ни го потврдува, како нашето, така и животното искуство на другите луѓе.

Премудриот Соломон во својот живот имал можности да доживее задоволство и во богати трпези, со разни пијалаци, со своето големо богатство, со голема власт и чест, но не наоѓајќи ја бараната и очекуваната среќа, вистинското и трајното задоволство, овој голем мудрец кажал една голема вистина: Ги видов сите работи што се вршат под сонцето и ете – сѐ е суета и мака за духот. (Проп. 1, 14) Секој човек од својот личен живот знае дека една остварена желба раѓа друга, а оваа, пак, трета и така сѐ до недоглед. Постојано се раѓаат нови желби, иако можеби старите не се остварени и на тој начин сѐ повеќе и повеќе ја оптоваруваме со грижи својата душа. Никогаш нема да се постигне таква духовна состојба, човекот да биде мирен и спокоен за да може да рече: сѐ сум остварил и повеќе ништо не ми е потребно. Човекот е психофизичко битие. Има привремено земно тело и бесмртна вечна душа. Телото има потреба од материјална храна, но душата не се задоволува со таа храна, туку бара посебна душевна храна. Затоа човек, иако има во изобилие разновидна храна, облека и богатство, чест и власт, положба и знаење и стручност во својот позив, најчесто е незадоволен со тоа што има и со тоа што е. Телото е презадоволно, а душата е пуста и празна.

Нашиот Спасител Господ Исус Христос советува: Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, а сѐ ова ќе ви се придодаде. (Мт. 6, 33) Рековме дека душата е од Бога и дека е вечна, а телото е од земја, преодно, од прав постанало и во прав се враќа. Затоа и во службата на Опелото, обраќајќи се кон покојникот велиме: земја си и во земја ќе се вратиш. Затоа духовното е вечно, а телесното преодно. Духовното е повредно од телесното, а и душата од телото. Затоа и храната за душата е повредна отколку храната за телото. Затоа Господ Христос советува: Немој да се грижите што ќе јадете и пиете или во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната и телото од облеката? (Мт. 6, 25) Господ Христос не нѐ поучува да не се грижиме за своето тело, туку да не ја запоставуваме душата. Ние знаеме дека телото е дом или храм на душата.

Ние денес ја прославуваме света преподобна Параскева – Петка Епиватска. Преку нејзиниот подвижнички живот треба да се поучиме како таа со пост и молитва и подвижништво се уподобила на Бога, грижејќи се за нејзината душа, а не за нејзиното тело. Затоа и Бог ја прославил со нетленост, па и нејзините свети мошти кои и денес почиваат во катедралата во Јаш во Романија, прават многу чуда, лекувајќи секакви болести и маки на секого кој со вера и надеж ѝ се обраќа за помош. И ние како верници, да се обратиме за помош кај света Петка и таа да ни го покаже патот на духовниот живот, па и ние да најдеме среќа во вистински христијански чесен и праведен живот и така да спечалиме спасение на нашата душа, сега и во сета вечност. Амин“.