Навечерие на Крстоведен во Рајчица

Спаси ги, Господи, луѓето Твои и благослови го Твоето наследство. Победи дарувај му на православниот христијански народ и со Крстот Твој спаси го Твоето жителство.

Црквата денес, украсена со Крстот, знамението на победата, победнички ги пее стиховите што од ропство го избавија жителството Христово. Крстот е дарител на мирот, спроводник на благодатта, Дрво на животот, на кое нашиот Господ со крвта Своја смртта наша ја уништи. Крстот е живот и спасение за жителството Христово, победа и воскресение за народот Божји, оружје моќно со кое Он цврсто нè заштити. Основание на Црквата, поткрепа на вселената, пофалба на Христијаните, блага надеж за монасите. Во страдањата наши извор на трпение, во неподносливата болка исцеление, во злите напади моќен штит и утеха. Некогашниот символ на срамот, кој во Распетието Христово символ на смелоста постана, сега влева сили во сечија човечка душа. Дрвото на кое човечката нечестивост бесрамно се покажуваше, знак на благочестието преку Распнатиот Господ се покажа. Орудието кое казнетите ги поразуваше, Господ во орудие против нашиот непријател го претвори. Она кое некогаш осудениците од живот ги лишуваше, сега извор на живот за доброволно постраданите стана. Глетката во Распнатиот на Крстот е глас на совеста, кој заслепените од својата гордост не го слушаат, та поради тоа што Он рече: „Кој не го земе Крстот свој и не иди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10, 38), не можат да Го познаат и да Го следат. Да, сите ние крстот го примивме, Христијани се нарековме и преку благодатта на Светиот Дух богати дарови примивме, но крстот на служењето, крстот на љубовта, крстот на простувањето и помирувањето не го подигнавме како што треба и не го носиме со достоинство.

А нема таков кој со сето срце го возљубил Крстот и од него не нацрпил сила животворна. Нема таков кој, макар и за миг, гледајќи со вера во Крстот, не се трогнал и не се довел во недоумение. Крстот збунува, но и мислите човечки ги разбиструва, крстот страстите ги согорува и кон чистота поведува, крстот распнува, но и пат до воскресение отвора. Ете, и во ова 2024 лето Господово, во навечерието на празникот на Крстот, очите на Христијанинот се вперени во Распнатиот на него, смирено молејќи Он нас да нè погледне, да нè спаси и како Негово наследство да нè благослови, да ни дарува победа над погубната гордост, да го сотре високоумието наше, да ја згасне во нас секоја зла желба.

И не случајно денот на Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст во манастирот на великиот и свет Победоносец Георгиј во Рајчица се прославува толку торжествено. Тука секогаш најмоќно одекнуваат прекрасните песнопенија и пофалби за Крстот, кои овој пат беа предводени од истакнатиот псалт, професор и наш драг пријател, Јоргос Савас, кој допатува заедно со својот сотрудник Атанасиј Куѓас од далечната Атина, за да го споделат со нас своето умилно пеење, збогатувајќи го на тој начин прекрасниот амбиент во рајчичкиот храм. Празничната богослужба на која претстоеше Старецот, Епископот Антаниски г Партениј, го носеше во себе печатот на крстовоскресната радост, силно почувствувана од многуте учесници во празничната богослужба, на која дополнителна радост ни приреди смирениот поклон на двете духовни рожби на нашиот Старец, нашите сестри Снежана и Луминица, кои примајќи апостолник, примија и благослов за послушнички монашки живот. А зборовите на нашиот највозљубен татко во Христа и владика и неговата моќна пофалба за Крстот, беа утеха за сите присутни: