Седум дена. Една седмица на пост, молитва, покајание, покаен канон, преждеосвештена Литургија, Акатист, коливо. И најпосле – недела! Првата недела на Великата Четириесетница. И не каква-годе недела, ами Неделата на Православието: денот кога Црквата Божја торжествува, затоа што верата победи, иконите се вратија во храмовите, Христовиот лик, изобразен на дрво, на ѕид, на злато, на мермер, повторно го зазеде своето место пред очите на верните.
„Ден полн со радост; овој ден дојде,“ пее канонот на утрената, „зашто сјајот на вистинската догма блесна пресветло, и Црквата Христова сега блеска, украсена со издигнувањето на иконите на светиите.“ И навистина, Бигорскиот храм денеска сјаеше со посебен блесок. Ликовите на светителите од иконостасот, фреските по ѕидовите, малите икони во рацете на верните – сè говореше за едно: дека Бог стана човек, дека Невидливиот прими видлив лик, и дека ние, гледајќи го тој Лик, не се поклонуваме на бои и дрво, туку на Оној Кого тие Го претставуваат.
Со светата Василева Литургија на оваа прва недела тајноводеше нашиот возљубен Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, во манастирско сослужение со браќата свештенослужители. Беше радост да се види братството и верните собрани околу светата Чаша Господова, по една цела седмица подвиг, со лица осветлени од постот и со очи исполнети со радост и мир. Зашто Литургијата по седмица строг пост е навистина поинаква. Химните звучат подлабоко, молитвите достигнуваат повисоко, светата Причест е најслатка. Душата, олеснета од товарот на ситоста, полесно лета кон Бога.
По крајот на светата Литургија следуваше пригодната раскошна литија со светите икони – свечена поворка во и околу храмот, во која браќата и верните ги носеа иконите на Христа, на Богородица и на светиите, како знаменосци кои ги носат знамињата на победоносната војска. Зашто иконата е токму тоа: не украс, не декорација, туку знаме на верата, сведоштво дека Бог навистина стана тело, дека Словото навистина стана плот. Кондакот на празникот тоа го кажува со совршена јасност: „Никој не можеше да Го опише Словото на Отецот; но кога од тебе, Богородице, прими плот, прими да биде опишан и го обнови паднатиот образ во неговата поранешна состојба, соединувајќи го со божествена убавина. Го исповедаме и го провозгласуваме нашето спасение со слово и со образи!“
Со слово и со образи – во ова се состои целото Православие. Не само со зборови, не само со мисли, туку и со очи, со раце, со целото тело. Ние Го гледаме Христа на иконата, Го целиваме, Му се поклонуваме, не затоа што сме идолопоклоници, туку затоа што Он стана плот, и телото беше удостоено да Го прими Бога. „Чувајќи ги законите на Црквата примени од Отците,“ пее осмата песна на канонот, „ги насликуваме иконите на Христа и на Неговите светии, и со усни, и со срце, и со волја ги целиваме.“
А потоа, крунскиот миг на овој ден. Старецот владика, со величествен восторг, го прочита Синодиконот на Православието, тоа древно исповедно писание што ја собира во себе целата вера на Црквата: „Како што пророците видоа, како што апостолите научија, како што Црквата прими, како што учителите догматизираа, како што вселената се согласи, како што благодатта просветли, како што вистината откри… така веруваме, така говориме, така проповедаме.“ Зборовите одекнуваа низ храмот како удари на ѕвоно, и секое „Вечен им спомен“ за бранителите на верата и секоја „Анатема“ за хулителите беше не одмазда, туку разграничување: граница меѓу светлината и мракот, меѓу вистината и лагата, меѓу иконата и идолот.
Химната на светлината го пее ова со зборови што вибрираат од радост: „Разменете добри вести и заплескајте со раце! Поздравете се еден со друг радосно, викајќи: Колку чудесни и колку големи се Твоите дела, Христе! Кој може да се осмели да зборува за нив, зашто Ти создаваш согласие и единство во една Црква!“ Единство – тоа е плодот на Православието. Не еднообразие, туку единство во различноста: единство на иконописецот и на богословот, на монахот и на мајката, на детето и на старецот – сите собрани околу единиот Христос, Кого Го гледаат на иконата и Кого Го примаат во Причеста.
А стихирите на вечерната веќе го насочуваат нашиот поглед кон следната великопосна седмица и кон целиот преостанат пост: „Да ја почнеме втората седмица на постот, браќа, исполнувајќи ја со радост, ден по ден, правејќи си огнена колесница како Илија Тесвиќанецот, од великите стожерни добродетели, издигнувајќи го умот со покорување на страстите, вооружувајќи се со чистотата.“ Огнена колесница од добродетели! Постот не е пешачење низ пустината, тој е летање кон небото, на колесница изградена од љубов, молитва, милосрдие, чистота и смирение.
Денес, на Неделата на Православието, ние не прославуваме само минато; не ја славиме само победата на бчаговерната царицата Теодора во 843 година. Ние прославуваме сегашност: дека и денес, во Бигорски и насекаде по православната екумена иконите светат, Литургијата се служи, Синодиконот се чита, верата се живее. И прославуваме иднина: дека постот продолжува, дека уште пет недели нè делат од Света Пасха, и дека секој чекор на тој пат е чекор кон Воскресението.
„Се поклонуваме на Твојот пречист образ, Добри, и бараме проштавање на нашите гревови, Христе Боже.“
Нека ова поклонение на светите икони биде наш верен придружник низ сите денови на Четириесетницата и на животот наш, сѐ до оној ден кога ќе Го видиме Ликот не на икона, туку лице в лице! Амин.































