Незаодното Сонце доаѓа да засветли од утробата на Дева, за да просветли сè што е под сонцето; со чисти очи и чисти дела да побрзаме да Го пресретнеме, и духовно да се подготвиме да Го примиме Оној што доаѓа при Своите со чудесно раѓање, како што Он благоволи. Како Милосрден, се раѓа во Витлеем за да не врати повторно нас кои се оддалечивме од рајското живеалиште.
Стихира на претпразненство
По Божјата благодат еве нè пред самиот крај на благо–радосниот Божиќен пост, на прагот на великиот празник – Рождество Христово. Нашата света Црква нè повика и подготвува со силен дух и обновена ревност, исполнети со љубов, радост и почит, духовно да се поклониме пред скромните Витлеемски јасли, кои сјаат со Божествена слава. Заедно со Богомајката, со благоволение да се наведенеме над Богомладенецот Христос, стоејќи со восхит и славословие пред несфатливоста на откриената пред светот тајна, бидејќи заради нас и заради нашето спасение Он се понижи и се воплоти. Заедно со ангелите да Му принесеме славословија и да ја запееме песната; „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.
Да ја исполниме нашата душа со благодарност и да се запрашаме: што би можеле да направиме во животот, за да ја изразиме својата благодарност кон воплотениот Бог? И како одговор ќе го добиеме следново: Дарот што Богомладенецот го бара од нас е да Го примиме да живее во нашето срце. Срцето на секој од нас да стане благословени и свети јасли, каде што Тој благоволи да се роди. Да го запишеме Христово име во нашите срца како во срцето на Св. Игнатиј Богоносец, кое кога било пресечено на две половини, на двете страни со златни букви било врежано името „Исус Христос“.
Она што најмногу остава впечаток е фактот дека Господ се јавува во смирените души. Пастирите, кои Го виделе, биле смирени и едноставни во срцето. Јосиф, свршеникот на Пресвета Богородица, исто така, бил смирена душа. Самата Богородица била полна со смирение, но и мудреците од Исток, иако биле мудри луѓе, сепак имале едноставни и смирени души.
И ние длабоко, со смирено и скрушено срце, да се помолиме, за Тој со светлината на Неговите љубов, милост и благодат да ги просветли нашите души, нашите манастири, татковината и целиот свет, затоа што таму каде што доаѓа Господ Исус Христос, таму има светлина, мир, радост и спокој во срцата на луѓето.
Радувајќи се на доаѓањето и на воплотувањето на Господа, празнуваме и си спомнуваме за Неговите праотци и прадедовци по тело. Предвид ги имаме: великиот Авраам, Исаак и Јаков; чудесниот меѓу пророците Даниил и трите момчиња Ананиј, Азариј и Мисаил, кои, облечени со верата како со оклоп, ја скротија јароста на ѕверовите.
Чествувајќи ги нив и нивниот светол подвиг, денес нашиот Старец и Епископ г. Партениј отслужи Божествена Евхаристија, во сослужение со браќата јеромонаси и ни ја пренесе благодатта на претпразничното подготвување за празникот на сесветото Рождество Христово.