Пасхална Литургија и Литија во Пречиста

Третиот ден на Пасхалното ликување нашите монашки заедници го поминаа собрани околу Воскреснатиот Христос во манастирот на Богомајката Пречиста, Која ги рашири своите мајчински прегратки и ги прими своите чеда, радувајќи ги со слатка радост. Воскресните восклици и химни одекнуваа не само на архиерејската Литургија во храмот, отслужена со велигденско честољубие од нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј, туку и насекаде низ околината на Цоцан, која, облечена во блескаво руво, ги пречека оние што со своето движење во Пасхалната литија ја облагородуваа и осветуваа. Прекрасно беше да се види како побожните кичевчани, поткрепувани од нивната Мајка и заштитничка Богородица, преку нејзиниот чудотворен Пречистански образ, се радуваа и благодареа за големата благодатна посета. Зад Крнинската икона достоинствено се издигаше и образот на Пречистанските Преподобномаченици, Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, носен од рацете на еднаквите им по род – монасите од Бигорската Обител. Најголема, пак, радост за сите беше присуството на нашиот возљубен старец и владика, Неговото Преосвештенство г. Партениј, кој и овој пат не пропушти да ги поткрепи присутните со своето вдахновено пасхално слово, инспирирано од денешното прочитано Евангелие:

Христос воскресе!

Господ Исус Христос, мили мои, Чиешто Воскресение од мртвите го славиме во оваа света и светла недела на Пасха, е несомнено вистинското духовно Сонце на овој свет; Светлината кон којашто треба да биде свртен нашиот устрем, како што Самиот во Евангелието вели: Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот (Јован 8,12).

Во денешниов, трет ден од Неговото славно Воскресение, Црквата наша го положила за читање евангелското зачало за апостолите Лука и Клеопа и за нивното необично патување. Слушнавме како тие разговарале помеѓу себе за сè што се случило со нивниот сакан Учител. Биле исполнети со сомнеж, но и со голема желба да дознаат што точно се случило, бидејќи, како што разбрале од жените Мироносици и од апостолот Петар, кој во гробот ги видел само погребните повои, телото Исусово не било таму. Биле збунети. Он исчезнал, не бил во гробот. Каде би можел да биде? Навистина ли воскреснал, како што тврдат некои од жените дека Го виделе жив? Им било тешко да поверуваат во тоа. Се прашувале еден со друг, биле во недоумение. Евангелистот сведочи: И додека расправаа и разговараа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив; но очите им се замрежија за да не Го познаат (Лука 24,15-16). Одејќи во приквечерината кон селото Емаус, на Лука и Клеопа им се придружил Самиот Господ, Кој ги прашал за што разговарале патем и зошто биле натажени. И бидејќи за Него и за настаните поврзани со Него се зборувало по целиот Ерусалим, тие, зачудени од Неговото „незнаење“, Го прашуваат: Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни? (Лука 24,18)

Во продолжение на евангелскиот расказ, Христос ги укорува за нивното неверие и за скаменетите срца, па започнува да им објаснува за Писмото и за пророците што укажувале на Него и за нештата што требало да се случат со Него. Ги упатил учениците на сè што било проречено за Него во Стариот Завет и за сè што Он, додека бил со нив, ги поучувал и им напоменувал. Воскреснатиот Христос можел веднаш да им се открие и да им се покаже дека е Он, па да Го видат во неизмерна светлина и да Му се поклонат. Но, бидејќи нив ги опфатил сомнеж, Он сака да ги упати на Светото Писмо, на Пророците, на сите претскажувања, та да научат дека сето тоа се исполнило во Неговата Личност. Сакал тој сомнеж, тој разорен црв што ги јаде човечките души и мисли, да го претвори во вера преку знаење; да ги потсети на сите Негови добротворства, на безбројните чудеса и исцеленија, на поуките и пророштвата што Он им ги кажувал. Ги упатува сега да размислат на сето тоа, за да можат да станат Негови вистински ученици и проповедници, утврдени со цврста вера и знаење.

Откако Го виделе Христа жив и Му се поклониле, Лука и Клеопа се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Единаесетте и оние кои беа со нив, каде што говореа дека Господ навистина воскреснал (Лука 24,33-34). Иако сомнежот ги исполнувал мислите на сите Апостоли, сепак тие имале голема желба да разговараат и да слушаат за Него, да Го видат и тие како што Го виделе Мироносиците, како што, еве, Го виделе сега Лука и Клеопа. Значи, тие биле собрани заедно, во Негово име, разговарале за Него. А Христос во Евангелие вели: каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив (Матеј 18,20). И ете, продолжува очевидецот Лука, додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: „Мир вам!“ А тие, така збунети и уплашени, помислија дека гледаат дух. Но Тој им рече: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? … Јас сум Истиот“  (Лука 24,36-39).


Мили мои, со денешното Евангелие Црквата сака да нè поучи дека не треба да дозволиме сомнежот, и тагата и стравот што произлегуваат од него, да ги завладеат нашите души; дека помислите на неверие што многупати внатрешно нè разјадуваат сите нас, треба да ги изгонуваме со посредство на верата и на знаењето на Светото Писмо и на православното Предание. Познавањето на Светото Писмо животот според светоотечкото Предание е суштински важно, бидејќи без откровенијата и тајните опишани во нив, без спознанието на Христа, овој свет е темнина. Животот без Христа нема никаква смисла. Замислете да се состоеше човечкиот живот само од нештата во овој свет и да завршуваше со смрт?! Каква тогаш би била смислата на нашето постоење? Се трудиме, работиме, се преморуваме, тагуваме, за накрај да умреме… Ужас! Но, во Бога не е така. Човекот е создаден од Него за вечен живот. Затоа Христос дојде и помина преку смртта, за да преминеме и ние преку неа, преку нејзините врати што ги отвори Синот Божји, во вечниот живот, во светлината на Царството Божјо.

Ете зошто, мили мои, да одиме секогаш кон светлината, а не кон залезот. Апостолите Лука и Клеопа тргнале кон Емаус во приквечерината, кон крајот на денот и се нашле заробени во мракот на сомнежот. Симболично, како да тргнале во погрешен правец, во темнината на неверието. Оти, сомнежот подразбира нешто магловито, замрачено. Нашите очи, пак, се блажени (Сп. Матеј 13,16). Духовните очи на Христијаните се благословени, оти го гледаат Воскресението, ја гледаат невечерната Светлина, духовното Сонце, Исток на правата – Христа Бога. Затоа православните храмови секогаш со олтарот гледаат кон источната страна – симболично, како патоказ за нашиот внатрешен вид, секогаш да гледа кон предвечното Сонце, та срцата наши никогаш да не ги опфати ’рѓата на сомнежот. Зашто, на некој начин, и ние денес сме апостоли во своето време. Со нашата силна вера и радост, треба да го сведочиме она што Господ Христос го направи за нашето спасение и за нашиот живот. Иако изминаа две илјади години, делата Христови, Неговото распетие заради нас, погребението, смртта и победата над смртта преку Воскресението, сè уште ја имаат истата преобразувачка сила. Воскресението Христово е една необична енергија, чудесна моќ што нè обновува и телесно и духовно. Потребно е само да имаме желба да Го побараме, да разговараме за Него и со Него. Па, и почетниците што поради незнаење пристапуваат кон верата со сомнеж, ако продолжат да Го бараат со искреност, ќе стасаат до Него.

Меѓутоа, откако еднаш сме Го виделе Христа воскреснат, сме Го почувствувале во нашите срца, да не дозволуваме да ги труеме повеќе со сомнежот. Ние веќе сме Го спознале Христа, Го гледаме воскреснат и прославен. Секојдневно сме со Него на трпезата, на Тајната Вечера, како Лука и Клеопа. Што вели евангелскиот расказ: кога им се отвориле очите, за да Го препознаат? Тогаш кога Он го прекршил лебот и седнал да јаде со нив. Истото се случува на секоја Литургија. Он седнува со нас и ни се принесува Себеси на Својата трпеза, го прекршува лебот, кој е телото Негово и ни се открива на еден чудесен начин. А, Литургијата не е само конкретното богослужение во храмот, туку и нејзино применување надвор од него, во нашето секојдневие, служење во љубовта на нашите ближни. Ако на овој начин ја живееме Светата Литургија, тогаш постојано ќе бидеме со Него и ќе се сеќаваме на сè што Он направи и прави во нашите животи. Еден грижлив поглед врз нашиот живот, ќе ни Го покаже Христа како патник, Кој секогаш сопатува со нас и во нас. Како што сопатувал денес со Лука и Клеопа, но кои не Го забележале, бидејќи нивните очи биле замрежени од сомнежот.

Христос е не само наш сопатник, ами и причината за нашето суштествување. Он е причината што ние денес се разбудивме; што сме собрани овде на овој евхаристиски собор; што сме приведени во живот и што ќе го наследиме и вечен живот, кој започнува уште одовде, од Земјата. Господ да ни подари силна вера, како онаа на светите Апостоли, што ја стекнале откако го виделе Воскреснатиот Господ и Му се поклониле. Сега, сите ние што земаме учество во благодатниот живот на Црквата го гледаме и го живееме Воскресението. Влезете во тајната на Воскресението и ќе го почувствувате тоа. На богослужбите од Светлата Седмица, како и на утрените во неделните денови през годината, има едно мошне силно славословие по читањето на воскресното Евангелие, а кое започнува со зборовите: „Откако го видовме Христовото Воскресение, да Му се поклониме на Светиот Господ Исус, единствениот безгрешен“. Откако го видовме… – значи, ние го гледаме Воскресението Христово, го чувствуваме таму, во срцата наши.

Потсетник за ова нека ни биде сето она што Христос го прави за нас. На Златоустовата Литургија, на Канонот на Евхаристија – што ние во нашите манастири според древниот обичај го читаме гласно, така што ќе имате можност да слушнете и денеска –во една од молитвите, благодарејќи Му на Господа, велиме: „Ти благодариме за сите знајни и незнајни, видливи и невидливи добродетелства што си ни ги направил“. Бог непрестајно ни прави добродетелства. Да Му благодариме за Неговите добрини во нашите животи, а особено за тоа што ја спознавме целта на нашиот живот, за познанието на Неговото спасително откровение, за зборовите Негови: Кој верува во Мене од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода (Јован 7,38). Што значи текот на живата вода? Тоа дека нашиот живот, преку светотаинското присуство во Црквата, секојдневно се влева во вечноста. Верувајќи во воскреснатиот Господ Христос, во тајната на Воскресението и на Светата Литургија, ние уште одовде се слеваме во вечноста, во тивките благодатни води на обожението – кое е и нашата цел. Него да ни го подари Христос Бог преку Своето Воскресение!

Христос Воскресе!