Царско име, царско свештенство, царско достоинство: Светиот Василиј Велики. Споменот на праведниот е со пофалби, особено споменот на еден таков огнен столб на Црквата Христова, кој со своите молитви ги крепи Христијаните. Господ на Светиот Ефрем Сирин уште за време на животот на земјата му открил во видение за Свети Василиј Велики, дека тој е како огнен столб што се издигнува до небесата. Велик е наречен заради величината на духот негов и за неговата големата улога во зачувувањето на побожноста и на правоверието.
Вочовечениот Син и Слово Божјо, Господ наш Исус Христос, денес, во осмиот ден, се обреза по тело, исполнувајќи го на тој начин старозаветниот закон; ги обрезува телесните страсти и слабости во човечката природа, настанати по гревопадот на првородителите наши Адам и Ева. Иако Самиот совршен Бог и совршен Човек, немајќи потреба од такво нешто, доброволно од љубов кон своето највозљубено создание, прима крајно понижение: Рождество во јасли, Обрезание на телото, а наскоро и Крштевање во реката Јордан од раката на Светиот Крстител.
Овој ден остави особено силен белег во историјата на Манастирот, затоа што се случи уште едно историско сослужение, во овој случај со владиката од Крит. Имено, нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ г. Партениј сослужуваше со Високопреосвештениот Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано г. Андреј, кој со својата придружба, архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј, дојде со благослов на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј и ги пренесе неговите поздрави и благослови. На крајот од Светата Литургија тој се обрати кон бројните верни со благослов и благопожелби за Новото Лето Господово:
„Преосвештен Епископе Антаниски, брате Партение, сакам уште еднаш да Ви се заблагодарам од срце за укажаното кон нас гостољубие во овој свет Манастир, како и за сослужението со ова избрано братство. Би сакал да ги испратам своите благодарности и кон Високопреосвештениот Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, кого вчера го посетивме и кој нè прими со особена чест, изразувајќи ги своите благослов и радост што сме гости во неговата епархија. Ви посакувам на сите да имаме една добра и благословена година . Утешителот и Христос е за сите, за сите православни Христијани, по сета екумена и во целиот свет. Сè друго е човечко секојдневие, но над човечкото секојдневие на овој свет, кој се изменува и минува, постои таинството на благодатта на Троичниот Бог; постои Утешителот, Духот на вистината, Кој ги обновува, исполнува, осветува и оживотворува срцата на сите православни Христијани. Ви посакувам една убава година, година на мирот, на помирувањето, на взаемната почит, на прифаќањето на другиот кој има различна религија, различно потекло, различна положба, различна боја на кожата. Оти, Христос ни кажа дека е љубов и оној кој пребива во Христа, пребива во љубовта. И Христос дојде за да донесе мир во целиот свет, но тој мир започнува од помирувањето во срцето на секој еден од нас од православните Христијани. И повторно му се заблагодарувам на братот Партениј и го очекувам, заедно со неговата чесна синодија, на гости во Аркалохори“.
Одговарајќи, пак, на љубовта на Високопреосвештениот Митрополит, нашиот Старец, Епископот г. Партениј истакна:
„Сесрдно му се заблагодарувам на Високопреосвештениот Митрополит Аркалохориски од Крит, г. Андреј, кој љубезно ја прифати нашата молба да биде неколку дена со нас, и допатува во нашиот манастир со чесните отци, архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј. Еве, денес, според милоста Божја, го крунисавме нивното престојување со оваа света Литургија на Светиот Василиј Велики, кога ние, според стариот календар, го славиме Обрезанието Господово, споменот на Свети Василиј и Новата Година. Владиката Андреј е воедно и професор по црковна историја на Аристотеловиот Универзитет во Солун и има напишано неколку книги и статии за Охридската Архиепископија. Она што е најинтересно и за кое треба да бидеме особено благодарни е тоа што тој научно и канонски основано ја поврзува нашата денешна возобновена Црква со славната историја на Охридската Архиепископија, јасно покажувајќи го нејзиниот богат континуитет. Па така, можеме да кажеме дека денес со нас сослужуваше еден посветен познавач и голем пријател на светата Охридска Архиепископија.
Ви посакувам и јас убава и благословена година, со силно здравје, многу радост и молитви, особено за Црквата, бидејќи токму таа е онаа која нè води сите кон спасението и нè приведува кон вечноста. Оти, календарот, броењето на годините, месеците и деновите, се човечка работа. Господ, пак, е вон и над времето. Затоа нашиот стремеж е да се соединиме со Вечниот, како би постанале и ние вечни. Оваа можност да се издигнеме над времето и да бидеме во вечноста ни ја даде Господ Исус Христос, преку Своето распнување и Воскресение. Затоа Црквата ни е суштествено важна и неопходна во нашите животи, бидејќи во неа се сокриени ризниците на вечноста. Нека нашите молитви бидат управени кон тоа што поскоро да се оконча целиот процес на признавањето на нашата света Црква, та таа да добие Томос од првопрестолната Црква, Вселенската Патријаршија, онака како што и сите други Цркви ја добиле својата автокефалност. На многаја лета на сите!“
По литургиското заедничарење и Евхаристија и по празничната трпеза, во атмосфера на голема радост беше благословена и поделена празничната Василопита со паричка во свечената сала на Бигорската Обител. Меѓу присутните беа и министерката за одбрана г-ца Славјанка Петровска и градоначалникот на општина Центар г-дин Горан Герасимовски, кој подари голем број пакетчиња за деца и намирници за Манастирот, за што длабоко му се заблагодаруваме.