Посета на Митрополитот г. Андреј Аркалохориски од Вселенската Патријаршија

Божјото самопонижување и снисходење кон човекот, преку воплотувањето на Синот и Словото на Отецот, е настан со неспоредлива егзистенцијална важност за целото човештво, но и за секој еден човек поодделно.

Радоста од тој неискажливо љубовен акт на Бога кон човекот, која во Бигорски го исполнува целиот простор, материјален и духовен, во овие свети и светли празнични денови, беше надополнета и збогатена со посетата на почитуваниот Високопреосветен Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано, г. Андреј, заедно со неговата придружба од Архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј, кои допатуваа со благослов на Сесветиот Архиепископ Константинополски и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј.

Ценетите гости допатуваа во четвртокот попладнето. Според изворниот манастирски типик и предание, архиерејот беше пречекан со свечено иподохи. Во храмот нашиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј му посака топло добредојде, гостопримливо и домаќински обраќајќи му се со зборовите:

„Високопреосвештен Владико и брате во Христа, господине Андреј, добредојдовте во нашата Света Обител!

Ве поздравуваме со голема радост и љубов и сесрдно Ви благодариме што ни ги донесовте молитвите и благословот на Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. Иако Ве познаваме подолго време, преку Вашите дела и постигнувања, како и преку Вашите значајни истражувања и убави текстови за нашата најсвета Црква Охридската Архиепископија, денеска ни е особено драго што Ве запознавме и лично. Знаеме за Вашата искрена љубов за решавањето на нашето црковно прашање, за што Ви изразуваме голема благодарност. Веруваме дека отсега нашето пријателство ќе биде уште поголемо и ќе продолжиме заедно да се молиме за конечниот исход на долгогодишниот проблем со нашата Црква, со добивање на Томос за автокефалност од првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, согласно каноните и древното предание, како што, впрочем, добија и сите помесни Цркви, со исклучок на древните патријаршии.

Ви благодариме уште еднаш и Вам лично, како и на Вашата чесна придружба за оваа братска и за нас многу радосна посета. Ви посакувам убав престој во нашата Свештена Обител“.

Светиот Митрополит на Аркалохориската епархија на Крит и воедно професор по црковна историја на Теолошкиот факултет на Аристотеловиот универзитет во Солун, г. Андреј (Нанакис), кој, меѓу другото, има направено сериозни истражувања за историјата на Охридската Архиепископија, отпоздрави со пригодно обраќање, во кое ги нагласи најважните моменти од историјата и денес на коишто треба да посветиме должно внимание:

„Многу драг и особено сакан брате, архијерее Антаниски, господине Партение,

Ја сметам за голем благослов Вашата покана овде во Манастирот, како и заедничарењето во Христа со Вашата почитувана личност и со Вашето братство, но и со народот Божји кој се наоѓа тука во поклонение на оваа Свештена Обител.

Духовната борба што ја водите е од највисок степен и го успокојува Утешителот и тајната на Троичниот Бог. Голем благослов е што овде во државата Северна Македонија сега суштествува веќе канонската Црква, Охридската Архиепископија. Нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, чиишто благопожелби, благослови и љубов ги пренесувам до драгиот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, до Вас лично, свет Игумене, до Вашето монашко братство и до присутните поклоници, сослужуваше заедно со Блаженејшиот Господин Стефан, кој е именуван како Архиепископ Охридски. Нашиот Вселенски Патријарх ѝ го понуди на Црквата на државата Северна Македонија еден од најскапоцените духовни и цивилизациски скапоцени камења од својата патријаршиска митра – имено, оној на Охридската Архиепископија. Вселенската патријаршија го исползува еклитонот како свое канонско право, па така Неговото Блаженство Архиепископот Охридски г. Стефан и Охридската Архиепископија сега се наоѓаат во заедница со сите православни цркви.

Сјајна и исклучителна е историјата на Охридската Архиепископија. Да ги спомнеме само Светите Климент и Наум. Тие биле ученици на Светите Кирил и Методиј, коишто Константинопол ги испратил, за да го христијанизираат словенскиот свет. Светиот Теофилакт, Архиепископот Охридски, го напишал Житието на Светите Климент и Наум, кои се погребани во Охрид.

Ние, православните Христијани, од 330 година по Хр., кога од автократорот Константин Велики бил основан Константинопол, продолжуваме и учествуваме во светодуховното наследство и предание, преку евхаристиското единство и канонскиот поредок, кои ги пази Вселенската Патријаршија, како центар на православниот свет, преку молитвените жртви.

И очекуваме „Слава на Бога во висините и на земјата мир“ да надвладее и во искушуваната украинска земја.

Доаѓајќи од Скопје, главниот град на Северна Македонија, до вашата Свештена Бигорска Обител, на патот сретнав многу џамии. Во овој 21. Век, ние луѓето сме повикани да живееме со љубов, спогодба, мир и меѓусебно почитување во однос на културниот идентитет и свеста на другиот.

И се прашувам: џамиите што ги сретнав, како и муслиманите на Балканот, не се ли и тие продолжување на новата реалност што се формирала во Константинопол, кога по болката и скрушувањето предизвикани од Падот на Цариград во 1453 година, таму запоседнал муслиманскиот султан? Затоа, да го најдеме темпото на мирот, на соживотот и на помирувањето, во рамките на почитувањето и зачувувањето на културниот идентитет и верската свест на секого од нас. Да ги земеме предвид и Евреите кои живееле на овие простори, и кои по формирањето на израелската држава се населиле во Израел.

Брате Свети Антаниски, господине Партение, чувствувам дека се наоѓам на Света Гора, каде што живеевте извесно време во близина на блаженоупокоениот Игумен на Свештената Григоријатска Обител, секогаш споменуваниот отец Георгиј. Православното предание е заедничко за сите нас, без разлика на границите на државата и татковината во која живееме.

Повикани сме оваа наша вера во Христа да ја зачуваме и да ја продолжиме како што, по благодатта Божја, вие, свети брате, тоа примерно го правите.

Со овие мисли, уште еднаш ја изразувам својата срдечна радост, за мојата денешна посета на Свештената Обител на Чесниот Претеча и ги пренесувам сесрдните благопожелби, молитви и љубовта на нашиот Сесвет Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј до Охридската Архиепископијата и до нејзиниот Архиепископ г. Стефан“.

Митрополитот г. Андреј престојува во нашата Света Обител неколку дена, а вчера тој и неговата придружба имаа можност да се поклонат на Светињите во Охрид, каде што, во седиштето на Дебарско-кичевската митрополија остварија средба и со нашиот драг и почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополит г. Тимотеј.