Концертно торжество во Кичево

Откако се насладивме со Рождественската радост, која после божикното литургиско торжество во храмовите продолжи со големиот Божикен концерт во прекрасниот амбиент на Македонската Филхармонија, еве повторно, новото лето Господово нѐ повика на ново духовно веселие. Овој пат, домаќин на празничниот амбиент беше градот Кичево, кој блескајќи со посебен сјај, чиниш од секое свое катче ја излеваше божикната радост за сите.

Специфичниот и богат византиски мелос на древните божикни и новогодишни каланди, со кои се излеваше голема пофалба за Бога, зазвучи повторно, сега во преполната сала на Центарот за култура на град Кичево, во изведба на бројни талентирани музичари, предводени од г. Петар Христов, и придружени од хористите на „Митрополит Козма Пречистански“ и „Илија Николовски – Луј“. Низ милозвучните гласови на Ламбе Алабаковски, Јована Богданоска, Дарио Стојановски, Евангелија Грбиќ и Јована Јакимоска, одекнуваше поздравот: Христос се роди!, а желбите за добра и богоугодна нова година ги зарадуваа срцата на сите присутни.

Среде бројните гости на празничниот концерт се најде и нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој беше придружуван од многупочитуваниот Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано, г. Андреј, кој заедно со архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј ни допатува од Православната Црква во Грција, носејќи ни го патријаршискиот благослов за благодатно преуспевање во Новото лето Господово.

Меѓу почитуваните гости на свечениот концерт беа и сечесните отци при парохискиот храм на светите апостоли Петар и Павле во Кичево, дел од монаштвото на епархијата, потоа претставници на локалната самоуправа на град Кичево, како и голем број видни граѓани и покровители на овогодинешниот настан.

Ова духовно веселие во Кичево претставуваше голем придонес за културно- уметничката атмосфера во градот, а тоа можеше да се види и преку големите напори што се вложија за подготовката на овој настан. Вредните кичевчани се потрудија да организираат и празничен базаар, каде беа изложени разни производи и сувенири кои му дадоа уште позабележителен празничен амбиент на градот.

После свечениот концерт, за гостите следуваа бројни изненадувања, а најрадосни беа најмладите кои со голем восхит го следеа спектакуларниот огномет со кој на симболичен начин се прослави почетокот на новата година.

Организаторите на настанот, меѓу кои се наоѓаа и членови на здружението Бадникови поворки, изразија голема благодарност до градоначалникот на општина Кичево, г. Фатмир Дехари, како и кон неговите општински соработници, за нивната безрезервна поддршка во реализацијата на овој празничен настан. Голема благодарност беше искажана и до директорот на Центарот за  култура, г. Мазлам Османи, кој со нескриен восхит го проследи целокупниот настан, како и кон претставници од јавниот и приватниот сектор на градот за нивната техничка поддршка во уредувањето на градскиот плоштад.