Нека ни е лесен и богоугоден светиот Божиќен пост
Вистинската љубов е над човечките поделби и спротивставености. Ја победува омразата и острастеноста. Ги надминува личните огорчувања и се простира над сето човештво, без користољубие и задни намери. На тоа нè научи Господ и тоа сме должни да го применуваме. Да се грижиме, ‘да ги чуваме’ нашите браќа.
Старец и Епископ г. Партениј Бигорски
Со силен дух и обновена ревност и обилно преисполнети со љубов, радост и почит кон Богомладенецот Христос, го започнавме благо-радосниот Божиќен пост. Сите ние заедно, духовно и таинствено да се подготвиме да застанеме пред малата, скромна Пештера во Витлеем, таа земна палата на Небесниот Цар, пред смирените пастири и боговдахновени мудреци, опкружени со безбројното воинство ангели. Да стоиме молитвено со душите приклонети кон Преблагословената Владичица наша Богородица, со срца подарени на најпрекрасниот Богомладенец. Да се удостоиме да бидеме поклоници на божественото Новороденче и со зарадувани срца и озарени лица да го возвестиме ангелскиот поздрав за Рождеството Христово: „Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“
Господ да нè благослови да го поминеме постот со богоугодни дела и да го дочекаме светлото Христово Раѓање. Нека ни е лесен и богоугоден овој свет Божиќен пост и по молитвите на славната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, да се удостоиме сите, во радост и чистота, да се поклониме на Богомладенецот Христос.
По повод почетокот на чесниот Божиќен пост, кој се совпадна со неделата на Добриот Самарјанин, нашиот Старец и Епископ г. Партениј вчера отслужи Божествена Евхаристија, со браќата јеромонаси и јероѓакони и испрати од своето срце благослов за добри и богоугодни пости.