Посета и сослужение во Неделата на блудниот син

Во втората подготвителна недела за Чесниот и Велик Пост, Светата Црква ни ја предочува една од највозвишените и најутешителни Христови параболи – расказот за блудниот син и за милосрдниот Татко. Оваа божествена приказна за падот и покајанието, за човечката слабост и безграничната љубов на Отецот небесен, е духовен повик до секого од нас да се вратиме во обителта на милоста и спасението. Таа нè уверува дека колку и да сме далеку, секогаш има пат за назад во синовството и слободата, а очите на Бог со љубов нè очекуваат. 

Оваа година, Неделата на блудниот син во нашиот Манастир беше збогатена со посебен благослов – посетата на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Берлинско-Германски г. Марко. Со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, овој уважен архиереј допатува во нашата Света Обител, заедно со својата чесна придружба составена од двајца свештеници и група од дваесетина православни верници од Германија. 

Владиката г. Марко, родум Германец, одамна имал желба да ги посети православните светињи на Македонија, особено Бигорскиот Манастир, за кого многупати слушал. Своевремено тој бил колега и пријател на нашиот голем филолог, Блаже Конески, со кого споделувал љубов кон словото и кон духовното. 

Со духовна радост, архиерејот претстоеше на синоќешното бдение, а утрово, во монашкиот дух на тишина и молитва, чиноначалствуваше со Божествената Евхаристија, во сослужение со нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, и браќата свештенослужители. 

По читањето на Светото Евангелие, Старецот г. Партениј произнесе боговдахновена беседа, во која зборуваше за неискажливата љубов Божја, која нè повикува на враќање од нашите скитања по далечните земји на гревот, за радоста на небесниот Отец Кој секогаш нè прима во своите прегратки. 

На крајот од Литургијата, со свое слово се обрати и почитуваниот владика г. Марко, кој зборуваше за послушанието како темел на христијанскиот живот, истакнувајќи го Свети Симеон Богопримец, денешниот славеник, како пример за таков живот, исполнет со доверба и предаденост на Божјата волја. 

Вистински благослов за нашата Обител беше оваа духовна средба, исполнета со љубов, заедништво и покајничка радост, кои нè подготвуваат за светиот подвиг на Постот – патот на враќањето во домот на нашиот Отец небесен.