Празнично богослужение во чест на ктиторите на Светата Бигорска Обител

Според востановената пракса на православната еортологија, по секој поголем празник, Господов или Богородичен, се прави спомен на светителите кои директно или индиректно учествувале во спасителните историски настани поврзани со празникот. По истиот пример, следејќи го древното манастирско предание, по централната слава на еден манастир, се врши спомен на првиот ктитор и на сите останати ктитори, градители, игумени, монаси и подвижници кои го граделе и се подвизувале во манастирот низ вековите.

Така, и оваа година, во Бигорската Света Обител, празничниот амбиент за споменот на славниот Претеча и Крстител Господов Свети Јован, кој е секогаш тука за сите кои го поминуваат бурното море на животот, вчера попладне беше заокружен со свечената Ктиторска вечерна богослужба. Веднаш по службата, Старецот на Обителта, Епископот Антаниски г. Партениј, отслужи молитвен спомен, на која со смирение и благодарност се помоливме за покој на душите на сите блаженоупокоени бигорски ктитори, градители, благоукрасители,  монаси, кои го посветиле својот живот на овој свештен илјадалетен Манастир.

Празничното молитвено собрание продолжи и денес, со светата Божествена Евхаристија, со молитвен помен за сите оние што ги вложиле своите животи и дела во темелите на Бигорскиот манастир. Со благодарност ги спомнуваме сите наши претходници во расо, кои со своите трудови, пот и молитви придонесоа за величието на Претечевиот дворец, а пред сѐ , Свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв Ктитор на нашата Света Обител, на чија молитвена поддршка ние денес смирено се крепиме.

Со Светата архиерејска Литургија чиноначалствуваше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој ја принесуваше бескрвната жртва на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос во молитвено сослужение со браќата од Бигорски и со презвитерите од православната Црква на Албанија: о. Ирине Гега од Ставропигијалниот манастир „Св. Јован Владимир“ во Шијон, Елбасан, о. Спиро Пипа и о. Никола Давиди од Митрополијата на Аполонија и Фиер.

По молитвите на Свети Јован Дебранин и на сите бигорски свети отци и подвижници, Господа Бог да ја зачува и утврди нашата Света Обител, Старецот и монашкото братство и сестринствата во веки веков. Амин.