Празникот на Сечесното Успение во Имврос

Со благослов на нашиот возљубен Високопреосвештен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот почитуван Старец, Епископ г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за со неизмерна радост и молитвена преданост да учествува во прославата на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица. Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, Старецот и нашата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот наш народ и на сиот род христијански.

Нашето монашко поклонение започна во вторникот, на 13 август, кога на островското пристаниште бевме пресретнати и прегрнати од широката душа и од срдечната љубов на домаќинот, Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил.

Попладнето истиот ден, во топлата прегратка на древниот Имврос, каде што и природата, и многуте храмови и параклиси говорат дека ова некогаш било средиште на ромејската душа, но и место, каде што денес минатото и сегашноста се сплотуваат, изразувајќи непосрамлива надеж во светлата иднина, среде овој многустрадален, но силен народ кој живее за да го сочува возвишениот ромејски дух, таму, пред самиот залез на Сонцето, во малиот храм на Пресвета Богородица Баломени, сместен во преполната со живот пустина на островот крај морето, се изврши Молебниот канон во чест на заштитничката на Имврос, Пресветата Богомајка, на кој претстоеше нашиот Старец, Апископот Антаниски г.  Партениј, а свештенослужеше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Анатолиј, заедно со имвроски свештенослижители собрани околу својот Митрополит г. Кирил.

Следното, пак, утро, во средата на 14 август, во селото Агридија, во храмот посветен на Благовештението на Пресветата Богородица, зедовме учество на Божествената Литургија, по чиешто завршување се упативме кон имвроското пристаниште. Таму беше организиран свечен пречек за таткото на Православието, Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, кој огромната радост заради посетата на своето родно место, ја сподели со многубројните присутни, поздравувајќи ги и татковски благословувајќи ги. Веднаш потоа, Светејшиот Патријарх беше пречекан во сечесниот Митрополитски храм, каде што ги облагороди присутните со своето топло и присно обраќање. Дедо Патријарх говореше пред официјалните личности и пред бројниот народ од срце, искрено и трогателно за своите лични чувства секогаш кога доаѓа во своето родно место. Тој посебно и со благодарност го поздрави присуството на нашиот Старец и на нашата заедница, истакнувајќи дека „Неговото Богољубие Светиот Антаниски и многуте негови придружници, во празничните денови нè благословуваат, ни ја пренесуваат љубовта и почитта од еден друг православен народ, чијашто ориентација е заснова на древната Охридска Архиепископија“. Тој ја искажа и својата надеж дека „Охридската Архиепископијата ќе се движи во рамките на канонскиот поредок, како би дошол моментот да го добиете своето канонско признавање на автокефалноста“.

Во одговор на срдечниот поздрав, Преосвештениот Антаниски ги сподели со Светејшиот своите лични впечатоци уште од првите мигови кога слушнал за изборот на дедо Вартоломеј за Вселенски Патријарх: „Во времето кога како млад искушеник престојував на Света Гора Атонска, за прв пат слушнав дека за Вселенски Патријарх е избран Светејшиот Константинополски г. г. Вартоломеј. Тогаш во моето срце почувствував голема духовна радост, нешто внатре во мене како да ми зборуваше дека мојот духовен живот ќе биде поврзан со овој Сесвет и голем Патријарх. Имено, знаев дека за нас во Црквата, најважно од сè е да сме заедно во Светата Евхаристија, заедно во Христа, да се обожуваме и да се соединуваме едни со други“. Старецот ја истакна исто така и заслугата на Сесветиот Патријарх кој со голема жртва нè воведе во заедницата на православните Цркви, и ја искажа својата верба во неговите молитви со надеж дека за скоро време ќе бидат надминати сите проблеми и дека накрај ќе го добиеме очекуваниот Томос за автокефалност од Мајката Црква во Константинопол. Тој му ги пренесе на Светејшиот поздравите и од нашиот почитуван пименарх, Митрополитот г. Тимотеј.

Во самото навечерие, пак, на празникот Успение на Пресвета Богородица, во светиот храм посветен на Нејзиното славно име во Агридија, се одржа празнична вечерна богослужба. На оваа благословена богослужба претстоеше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, додека сослужуваше нашиот собрат, архимандритот на Вселенскиот Престол Кирил, заедно со браќата свештенослужители од Бигорскиот манастир и од Имврос. Домаќинот на прославата, Високопреосвештениот Митрополит г. Кирил, со голема грижа и љубов го надгледуваше редот на целата свеченост, додавајќи му на овој светол собор духовна длабочина и радост. На крајот од Вечерната, тој сесрдно му се заблагодари на нашиот Старец за неговото доаѓање тука:

„Преосвештен, свет и возљубен Анатаниски, Ви благодариме што го разубавите сеимвриското празнување на нашата Пресвета Богородица, во нашата прекрасна, историска Агридија. Ви благодариме што се потрудивте сред лето да тргнете од Охрид, од Северна Македонија и да дојдете овде на крајот од Егејот и заедно со нашиот Вселенски Патријарх и со сите нас да го сопрославите празникот на нашата Богородица. Ви благодариме Вам и на Башата чесна синодија и ви посакуваме, Ваше Богољубие, Царицата Богородица да ги благословува делата на Вашите раце, да ги поткрепува Вашите свештени манастири, Вашите светињи и да го зголемува драгоценото духовно дело што го вршите во државата Северна Македонија“.

Веднаш потоа кон Светиот Имвроски и кон присутниот народ се обрати и Епископот Антаниски г. Партениј, пренесувајќи ги благословите и поздравите на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј:

Блажени се оние кои живеат во домот Твој − во веки веков ќе Те фалат. Блажен е човекот кому заштитата му е откај Тебе… Зашто, еден ден во дворовите Твои е подобар од илјада другаде. (Пс. 83)

Ваше Високопреосвештенство,

Високопреподобни,

Сепочитувани отци, монаси и монахињи

драги Имвријци и гости,

Го избравме овој псаломски восклик на душевен восторг, затоа што навистина чувствуваме дека, наоѓајќи се на овој светителороден остров, ние се наоѓаме во едно древно светилиште на Оној Кој вечно суштествува, во еден исконски дом на Живиот Бог, во дворовите на Господ заштитникот наш. Оти, имајќи ја повторно можноста да чекориме по страдалната и со подвиг осветена земја на Имврос, островот каде што времето го ткае својот раскошен гоблен од спомени и преданија, чувствуваме како во неговите древни карпи и свети храмови и параклиси одекнува ехото од минатите величија, шепотот на вековите кога Ромејството цветаше насекаде, или поскоро, сѐ беше цвет и украс на Ромејството. Тука, во ова светилиште на ромејската душа, под благодатната сенка на православните светињи, историјата и верата се сплотуваат, носејќи го духот на народот кој со векови ја чува својата светлина, како светилник среде темнината на времето и околностите.

Со право Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Сесвет Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј во една прилика ќе рече: „За ова место секогаш чувствувам дека во него има нешто што не може да се пренесе, нешто длабоко, нешто многу древно, уверливо и допирливо. Не можејќи тоа да го опишам, јас само го живеам секојпат кога доаѓам. Тоа е нешто суштествено, искуствено“. Се чини дека во потполност ги споделуваме и ги живееме и ние овие зборови.

Вие, пак, Свет Имвроски, со сета Ваша грижа, борба и жртва, докажувате дека Имврос е жив споменик на светлината што ја пренесуваат поколенијата, светлина којашто никогаш не згаснува, туку сјае со вечна надеж и со обновувачка сила. Токму затоа, дозволете ми од длабочините на нашето срце да Ви се заблагодариме за оваа благословена можност, за овој свештен дар, да бидеме повикани во ова место со духовно величие и заедно со Светиот Патријарх, заедно со Вас, заедно со овие благоверни жители на Имврос и со сите гости, да учестуваме во славењето на Сечесеното Успение на Покровителката на Имврос Пресветата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија. Исповедаме дека со нескриена радост и благодарност го правиме тоа, бидејќи Пресветата, нашата неуморна застапничка пред престолот на Царот на небесните воинства, е неисцрпниот извор на милост, Мајката на сите благослови, од која секој дар небесен се излева врз нас. Таа, како вечна Мајка на Црквата, ја прегрна со својата милостива прегратка, преку Мајката Црква на Православните – Светата Велика Христова Црква Константинополска, и нашата света Охридска Архиепископија во канонско единство со целото Православие. Мајчинската љубов на Царицата Мајка се пренесува врз Мајката Црква од царствениот Град, а оттаму и врз сите други.

Вистинуваат зборовите на нашиот свет Блаженејши Архиепископ г. Стефан, изговорени по примањето на Синодалниот Акт за востановување на канонското единство од рацете на Сесветиот Патријарх дека „има една очигледна вистина – ако сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија. Многу од наследството на Охридската Архиепископија е поврзано со центарот – и во црковната уметност, и во градителството, и во богослужбената традиција итн. Сè што ќе се сотворело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид. Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата…“

И токму од прославениот и светителороден Охрид, местото каде што таа историска синергија продолжува да живее, Ви ги пренесуваме со радост, Високопреосвештен владико, поздравите, молитвите и благопожелбите на нашиот сакан и свет Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Неколку дена пред да дојдеме овде, го посетивме Високопресвештениот во неговата Света Митрополија од Охрид, каде што го примивме неговиот благослов да допатуваме од нашите манастири дотука.

Во овој светол ден на Успението на Пресветата Владичица наша Богородица, ги возвишуваме нашите срца кон Мајката на Ангелите, молејќи ја со цела душа да го обгради со својата благодатна мајчинска прегратка островот Имврос, да го заштити и укрепи Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј и да го зацврсти во мудрост и љубов драгиот владика на Имврос г. Кирил. Нека нејзината бескрајна милост нѐ благослови сите нас и нека нè води на патот на преданието на верата, со просветление и сила; нека продолжи да биде нашиот водич и заштитник, и нека го крепи единството на Православната Црква, која како неразделен столб стои врз апостолските темели на Божјото откровение. Секогаш под закрилата на нашата Небесна Мајка, нека ни се множат мирот, љубовта, сомилоста и разбирањето.

На многаја лета!

Денеска, на самиот ден на светлиот празник на Успението на Пресвета Богородица (според реформираниот јулијански календар), во нејзиниот свештен и сечесен храм во Агридија, се одржа величествена и историска Света Литургија, која останува запишана со златни букви во нашите срца и спомени. Со оваа благодатна Евхаристија, која беше како една мајчинска посета од Царицата Мајка, чиноначалствуваше Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, чијашто духовна закрила и горешти молитви беа извор на вдахновение и радост за сите присутни. Нему му сослужуваа: Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, Митрополитот на Мосхонисија г. Кирил, Митрополитот на Мира г. Хризостом, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, како и нашите архимандрити Кирил и Анатолиј, заедно со чредниот свештеник на храмот, отец Хрисант. Оваа свештена Литургија ги собра на едно место благочестивите верници, монасите и монахињите, кои со воздигнати души во молитва и со длабока почит го прославија сечесниот спомен на Мајката Божја, доживувајќи ја нејзината мајчинска закрила како сијание на љубов, радост и мир.

По завршувањето на Светата Литургија, на плоштадот во Агридија се одржа прекрасна културно-уметничка програма, исполнета со традиционална музика и песни, изведена од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, заедно со учениците од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје. Нивниот настап го најави грижливот домаќин и организатор на целата свеченост, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој јавно му се заблагодари на нашиот Старец, Епископот г. Партениј, за неговиот труд да ги донесе на Имврос своите монаси, монахињи и духовни чеда и да го овозможи овој преубав настан. Мелодиите и ората на младите уметници откај нас, проникнати со длабока љубов кон нашата музичка традиција, одекнуваа низ плоштадот, носејќи духовно веселие на сите присутни. Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со видливо воодушевување и радост, го благослови настапот, пофалувајќи ги младите изведувачи и нивната посветеност кон зачувувањето на богатото културно наследство.