Во благодатната прегратка на Крчин, каде што планинскиот спокој лесно се претвора во молитва и созерцание, и годинава со особена духовна радост и торжество беше прославен сечесниот годишен спомен на светите рамноапостолни и сесловенски просветители, Божествените браќа Кирил и Методиј. Овој светол празник претставува голема слава за Бигорската свештена обител, зашто од длабока љубов кон овие боговдахновени учители и апостоли меѓу народите, нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со благочестивите ктитори и дарители, го подигна нивниот прекрасен скит над Битуше, под благословените падини на Крчин, како дом на молитвата и жив споменик на словото, на просветата и на евангелската жртва.
Во навечерието и на самиот ден на празникот се отслужи целиот празничен богослужбен круг, исполнет со псалмопеење, свештени химни и умилни возгласи што се издигаа кон небото заедно со срцата на верните. Најнапред, на вчерашната празнична Вечерна богослужба, претстоеше нашиот сакан владика, Преосвештениот Антаниски, додека денеска, тој тајноводеше со Божествената Евхаристија, принесувајќи ја бескрвната Жртва во чест на светите Браќа, чиешто дело останува непресушен источник на духовна светлина за сите народи. Собрани околу светата Чаша, верните повторно ја почувствуваа онаа таинствена врска помеѓу словото и Логосот, помеѓу азбуката и Откровението, помеѓу човечката жед и небесното исполнување.
Множества верници пристигна во скитот, за да земат молитвено учество во ова торжество на верата и на словесната благодат. Лицата на присутните беа озарени со радост одозгора, а дворот на светилиштето беше исполнет со благословена живост, со радосни среќавања, со благодарност и со онаа празнична утеха што Господ им ја дарува на оние кои со љубов Го бараат. Навистина, сè наоколу сведочеше дека празникот на светите Кирил и Методиј не е само спомен на едно велико минато и на едни бесмртни великани, туку и жива сегашност, свето присуство, постојан повик нашите души повторно да се напојуваат од изворите на Божествената наука.
По завршетокот на светата Литургија, во пространиот манастирски двор следуваше и културно-уметничка програма, која му даде особена свеченост и дополнителна радост на празничното чествување. Во неа настапија легендарните „Мајовци“ од реканскиот крај, како и Фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“ од с. Сопиште, кои со својата изведба ја збогатија атмосферата со духот на нашето народно творештво и традиција.
Особена убавина и симболичен украс на овогодишното празнување му придодаде и новата чешма во дворот, пред самиот храм, која деновиве беше пуштена во употреба. Старецот неа ја осмисли не само како украс или корисен извор на вода, туку и како своевиден чешма-споменик посветен на преславните Рамноапостоли, изработен во мермер и камен, со изрезбани ликови на светите Кирил и Методиј, од кои се излева вода низ дулци со змиски глави. И не е тоа без длабока порака. Оти Господ Христос рече дека од оној кој верува во Него ќе потечат реки од жива вода; така и овие наши духовни отци, преку водата на Божествената наука, ги напојуваат народите до ден-денес, гаснејќи ја жедта на човечките срца со вистината на Евангелието. А змиските глави, според Господовите зборови: „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“, ја означуваат мудроста на Рамноапостолите, нивната духовна проникливост и светлата разумност во делото на благовестието. Коритото на чешмата, пак, е изведено во форма на отворена книга, врз чии страници се вдлабени буквите од двете словенски азбуки – глаголицата и кирилицата. Водата што тече низ чешмата е постојана изворска горска вода, спроведена директно од подножјето на Крчин. Така, ова прекрасно дело соединува вода и слово, камен и смисла, предание и надеж. И навистина, пред таа камена книга од која тече жива вода, човек лесно може да го почувствува благословот на светите Просветители, кои и по толку векови продолжуваат да го водат нашиот род кон Христовата светлина.
Нека нивните свети молитви го чуваат овој скит, нашата Обител и сиот наш народ, та, укрепувани од нивниот пример, и ние да станеме верни приматели и смирени преносители на словото Божјо.
Амин!































