Прославувањето на Свети Димитриј во Бигорски

Прославувањето на Светиот и славен Великомаченик Димитриј Солунски Мироточец за Свештената Бигорска Обител не е само еден годишен спомен, туку и суштинска благодатна средба со Чудотворецот, во живото предание на православната Црквата. Возљубен силно од страна на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј и на неговата монашка заедница, Светиот Димитриј е секогаш причина за духовно веселие и издигнување. И токму тоа беше синоќешното бдение во чест на неговиот спомен, на кое монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица и Пречиста, како и надојдените верници, собрани во мистичната светлина на Претечевиот храм, влегоа во време надвор од времето, учествувајќи со молитви и химни во соборното славење на богопрославениот моќен наш застапник и заштитник. И со секоја принесена молитва, со секоја испеана стихира, времето како да го снемуваше за миг, минатото влегуваше во сегашноста и тивката светлина го осветлуваше живиот спомен на непопустливото сведоштво на славниот Великомачник Христов за Воскресението.

Во светлината, пак, на овој мистичен есенски ден, Божествената Литургија што ни ја отслужи нашиот сакан и почитуван Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со браќата јеромонаси и јероѓани, беше не само едно сеќавање, туку и среќавање со Светиот, оприсутнување на Царството Божјо. Мистагогијата на Старецот, поткрепена од благодатното присуство на Солунскиот Чудотворец, беше животна сила што го водеше литургиското собрание во длабочините на животот во Христа. Самото свештенослужение, молитвите, богослужбените песни, кажаните зборови, примените Свети Дарови, сето тоа беше дел од Богочовечкото дејствие – континуираниот дијалог на Бога со човекот, преку големите Божествени тајни Црквата. Посебен, пак, благослов и чес за нас денеска беше присуството и прекрасното пеење на ценетиот протопсалт г. Константин Ангелидис, хорархот на светски познатиот хор по источно-православно пеење „Тропос“ од Атина.

Сите присутни бевме призвани не само да си спомнуваме на Свети Димитриј, туку и да застанеме со него, црковниот Воин и Победник, во есхатолошката реалност на Црквата.

Оти, како што во една прилика ќе каже нашиот Старец, Владиката г. Партениј, „Свети Димитриј стои пред светот и пред вековите како доказ за непроменливата вистина за Христовата победа над смртта. Неговата сила не се покажа во неговата висока и моќна позиција во римската војска, туку во смиреното, но непопустливото исповедање на Христа и на Неговото Воскресение, во понижувањата, во трпението на измачувањата и во храброто мачеништво. Во самата негова личност го гледаме дејството на пасхалното таинство – тајната којашто лежи во самата суштина на проповедта на Црквата. Тој како војник на Христа Бога го носеше оклопот на верата и крстот како меч, а како маченик беше облечен во нераспадливоста на Воскресението. Неговото мачеништво не е само еден далечен историски настан, туку и една мистична реалност, проткаена во живото ткиво на Црквата. Во неговото трајно сведоштво и денес со истата сила го слушаме призивот да го отелотвориме Евангелието среде овој минлив и суетен свет. Зашто, како што благоухано миро тече од неговите свети мошти, така и кон нас сега се излева Божјата благодат, помазувајќи нè со храброст, за да ја сведочиме вистината во нашиот век, како што сведочеше Великомаченикот во својот. Па така, чествувајќи го Свети Димитриј, ние биваме воведени во живиот наратив за обожението, во кое самиот тој сега се насладува во полнотата на Царството. Неговите молитви и благослови нека бидат со нас“.

Амин.