Оној кој еднаш пристапил кон Христа, се прилепил кон Него со сето свое срце и својот живот нераскинливо го сврзал со животот и уделот Христов на земјата, тој нема друга желба, ниту друг страв, освен стравот да не некако Го изгуби Него. За таквата душа Христос е сè – негов дом и семејство и светлина и храна и здравје и живот. Силно прилепувајќи се кон Христа со таква небесна и света љубов, светите Првоапостоли Петар и Павле, подеднакво ја предадоа душата своја за словото Божјо и проповедајќи им на народите во името на Господа Исуса Христа, усрдно ги пасеа овците на Христовото стадо и ја овенчаа Христовата Црква, која беше искупена со Неговата света крв. Едниот, камен на верата, прв ги утврди браќата, што по воскресението беа расеани од страв поради гонењето на Евреите, и прв разјасни дека кон Црквата која дотогаш беше сочинета само од синовите Израилеви, Бог благоволи да ги присоедини и незнабожците. Другиот, пак, бидејќи избран сад за да го возвести името Христово на народите кои уште не беа слушнале за Христа, ја помина со словото на својата проповед речиси целата тогаш позната вселена, за да се возвесели неплодната Црква и да се зарадува земјата сува и неродна на срцата од незнабожците. Обата во иста мера исполнети со љубов кон Христа, сиот свој живот го посветија на проповедта на Словото и подвигот на апостолството и обајцата ја запечатија со маченичка смрт својата верност кон Оној Кој ги повика.
Свештеномаченик Тадеј Успенски
Славејќи го заедно со целата Црква празникот на нејзините родоначалници, Првоврховните Апостоли Петар и Павле, сестрите и браќата монаси на Бигорската Света Обител, се собраа во духовните прегратки и татковската закрила на својот сакан Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој и самиот е силно сведоштво за чудесните дела на рамноапостолната благодат, за тука да оддадат благодарност и достојно да ги пофалат оние што ја уловија сета вселена и го просветлија светот со Христовата вистина. Соединети, по примерот на Светите, во братска љубов и единомислие, тие ги слеаја во еден глас и своите смирени прозби кон Апостолите, молејќи се за единство во Црквата и благоуспевање на христијанскиот род, кој страда под крстот на тешки раздори и несогласие.
А несогледивата длабочина на љубовта на Старецот, која извираше од неговиот благ лик, додека со вдахновени слова го величаше подвигот и жртвата на двајцата најголеми Апостоли, таинствено им зборуваше на срцата на присутните за Божјото призвание на апостолски подвиг упатено кон сите нас:
Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Денес, мили мои, со големо торжество и почит, ги прославуваме двата најголеми столбови на Црквата, Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле.
Кога некој би сакал да раскаже нешто за својот живот, не би можел а да не спомне некои личности од неговото минато, коишто врз него оставиле силен впечаток и белег, кои допринеле за оформување на неговиот карактер, на неговите сфаќања и идеали. Истото е и со Црквата Божја. Овие двајца Првоапостоли се втемелувачи и украс на Светата Црква Христова. Вообичаено, на иконите на кои се претставени, нив ги гледаме прегрнати во љубовта Христова, или, пак, држејќи ја Црквата во своите раце. Меѓутоа, она што предизвикува особен восхит и чудење е тоа што овие два подеднакво значајни столба на Црквата се, всушност, сосема различни – по карактер, по происход, по знаење. Потекнуваат од различни средини, имаат различни нарави, различни мислења за некои прашања, па дури и понекогаш спротивставени. Погледнете каква разлика: едниот, Апостолот Петар, бил обичен галилејски рибар, син на прости селани, неук, неугледен по род и по образование; другиот, пак, Апостолот Павле, фарисеј по занимање, човек од угледен род, од тогаш големиот и славен град Тарс, образуван во Ерусалим, при најпознатиот и најучен еврејски учител и фарисеј Гамалиил. Вистинско чудо на Светиот Дух е како овие двајца мажи, со дијаметрално спротивни карактери, станале еднодушни темели на Црквата Христова, први по чест меѓу Апостолите, симбол за љубовта и единството во Христа!
Ни Светото Писмо не крие колку различни, поскоро спротивставени мислења имале овие двајца Апостоли во однос на некои нешта. Така, на пример, помеѓу нив постоело несогласие околу тоа дали новите Христијани, коишто потекнувале од незнабошците и кои Го примиле Христа, требало да се обрезуваат како Евреите, или не. Во една прилика Апостолот Павле строго го укорил Апостолот Петра, укажувајќи му дека лицемери: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?“ (Гал. 2,14) Меѓутоа, ваквите несогласувања воопшто не им попречиле тие да останат соединети во љубовта Христова и секогаш да ги надминуваат недоразбирањата, та да станат двата краци на Крстот Христов, двете раце на Божјата благодат, коишто го прегрнаа светот, преку Духот Божји, во истата таа Христова љубов која и нив ги соединила. Тоа ни сведочи дека Црквата е место на љубовта. Во неа, преку благодатта на Светиот Дух, се надминуваат сите недоразбирања, сите поделби и несогласици. Но, неопходно е, секако, смирението. Сите несогласувања се надминуваат само кога се смируваме едни пред други и кога, макар и длабоко навредени, ќе ги кажеме од срце прекрасните и полни со преобразувачка сила зборови: Те молам, прости ми. Тоа го правеле апостолите и затоа живееле во мир и единомислие.
Светиот Апостол Петар прв од Апостолите Го исповедал Христос како Син Божи. Чувме пред малку од Евангелието, дека кога Христос ги прашал учениците за кого Го сметаат луѓето, Апостолот Петар прв ги искажал славните зборови: Ти си Христос, Синот на живиот Бог. Господ му одговорил: Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата (Матеј 16,16-17). Кога станува збор, значи, за верата, таа треба да биде богооткриена и богопредадена. Во спротивно, за неа може да има многу спекулации и секој да изведува свои заклучоци, така што ќе има многу разногласија. Еве, на пример, додека сме сега ние во храмот, некаде во некој дом во моментов нешто се разговара. На која тема и што точно се разговара, ние можеме само да претпоставуваме. За да ја дознаеме вистината, потребно е да имаме човек од тој дом, кој ќе ни открие за што точно се разговарало. Истото се случува и во однос на верата. Таа е богооткриена, особено од третото Лице на Светата Троица, Светиот Дух, Кој слегол врз Апостолите на Педесетница и им открил сè што требало околу Домостројот Божји за спасение, колку што човечката природа можела да понесе. Светиот Дух е, значи, Тој Кој нè бодри и ни открива за верата, затоа што Тој е дел од Божествената Троица и ги знае тајните.
Бог Отецот преку Бог Светиот Дух му открил на Свети Петар дека неговиот Учител е, всушност, Синот Божји. Му дал да проѕре во великата тајна на Светата Троица, за да им ја открие на сите луѓе. Преку Светиот Дух и Апостолот Павле се удостоил на чудесен начин да наѕре во таа тајна. Слушнавме денес од неговото Второ послание до Коринтјаните, како бил грабнат од Духот и однесен во Рајот, до третото небо, каде чул неискажливи зборови, коишто човек не може да ги искаже (2. Кор. 2,4). Затоа, на едно друго место, тој со исто толкава сигурност пак им сведочи на Коринтјаните: Што око не видело, уво не чуло, ниту на срце човечко му паднало, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат (1. Кор. 2,9).
Гледаме, мили мои, дека Апостолите биле како и сите луѓе, со свои слабости. Апостол Петар, на пример, бил човек со импулсивен карактер, брз и енергичен, но во исто време и полн со љубов кон својот Учител. Меѓутоа, иако со таков силен карактер, иако Му ветил на Христа дека ќе остане со Него, па макар и по цена на својот живот, тој, сепак, се поколебал во верата и три пати се одрекол од Него поради страв. Но, Господ, по љубовта и милоста Негова, трикратно го очистил и му опростил, поставувајќи му го прашањето: Симоне Јонин, Ме љубиш ли? – и добивајќи го одговорот: Да, Господи, Ти знаеш дека Те љубам! (Јован 21,15-17)
Великиот Апостол Павле, пак, учителот на народите, отпрвин бил жесток гонител на Христијаните. Тој сметал дека тие го извитоперуваат јудејското учење и затоа сурово ги гонел. Но, при едно такво гонение, одејќи кон градот Дамаск со намера да ги фати тамошните Христијани, него го озарила Христовата нетварна светлина и во неа Самиот Христос му прозборел, преобраќајќи го на специфичен начин: Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило (Дела 26,14). Видете колку различни начини има Господ, за да ги повика луѓето при Себе! Апостолот Петар го повикал крај Генисаретското Езеро, каде што ловел риби со својот татко и брата му Андреј Првоповиканиот. И Свети Андреј и Свети Петар оставиле сè зад себе и непоколебливо тргнале по Христа. Апостолот Павле, претходно фарисеј и жесток гонител на Христијаните, го повикал на чудесен начин, дури и ослепувајќи го привремено, за духовно да прогледа, да му се открие, да му го смекне неговото жестоко срце и да го направи свет апостол.
Па така, мили мои, да не се колебаме и да не се плашиме за тоа какви сме и што сè гледаме во нас, да не губиме надеж, гледајќи какви страсти и слабости имаме, бидејќи благодатта е таа која покрива сè. Преку благодатта на Светиот Дух Апостолите станале Апостоли; преку неа исплашените рибари станале ловци на сета вселена; преку неа жестокиот гонител Савле, станал верниот проповедник Павле; преку неа Апостолот Петар кој се одрекол од Христа, станал маченик заради Христа. И обајцата, Светите Петар и Павле, маченички пострадале за својот возљубен Учител и Спасител, и тоа, според преданието, во ист ден и во истиот град – Рим: Апостолот Петар бил распнат на крст, со главата надолу, а Апостолот Павле бил посечен со меч. Со својата апостолска и маченичка крв го осветиле градот Рим, тогашната престолнина на Римската Империја, којашто овие Апостоли бестрашно ја поминале пеш и насекаде основале црковни заедници. И накрај, за нецели три века, се исполнил нивниот сон: сета тогаш позната екумена, тогашниот цивилизиран свет, во најголема мера Го прифатил Христа и Тој станал темел на идната христијанска цивилизација.
Гледате ли, мили мои, каква бестрашност дава Светиот Дух?! Храброста, имено, е еден од даровите на Светиот Дух. Вооружени со неа и со љубовта Христова, без никакво земско оружје в рака, Апостолите го освоија светот. Од Христа биле испратени како јагниња меѓу волци: Ете, Јас ве праќам како овци меѓу волци: бидете мудри како змии и незлобни како гулаби (Матеј 10,16). Со таа незлобливост, со мудроста и со љубовта во Христа, со маченичката жртва, за само три века, целиот тогашен свет станал Христијански. Христијаните не убиле никого, а, напротив, биле убивани; но, крвта на Апостолите, на нивните последователи, на Мачениците, станала семе за нови Христијани. Да го имаме ова, мили мои, секогаш на ум и во срцата наши. Благодатта на Светиот Дух е таа којашто нè охрабрува, за да можеме да ги последуваме Апостолите. Зашто, нив треба да ги подражаваме не само со зборови и со тоа што ќе раскажуваме за нивните животи, туку и со тоа што ќе се трудиме да ги подражаваме нивните дела, нивната верност и пожртвуваност.
На некој начин и ние сме повикани да бидеме апостоли. Овој 21 век жеднее да слушне за Христа. И тоа од луѓе кои Го имаат во срцата свои и кои Го покажуваат преку делата свои. Ја започнав оваа беседа со фактот дека Апостолите Петар и Павле биле многу различни меѓу себе, потекнувале од различни средини, имале различни мислења, некогаш и спротивставени. Но, во Црквата станале едно, бидејќи, рековме, таа е место на љубовта, каде што се надминуваат сите разлики, поделби и спротивставености. Денес, за жал, не го гледаме тоа единство, напротив, гледаме големи раздори помеѓу Христијаните – што значи дека љубовта кај многумина оладела и дека не можеме да се наречеме вистински Христови ученици, коишто знаат, прегрнувајќи се со љубов во Христа, да ги надминат своите недоразбирања. Затоа, да ги молиме овие Првоврховни Апостоли, кои се краците на Крстот Господов и рацете на Христос во ширењето на Евангелието, да измолат од Господа смирение за нас, та да можеме повторно да се обединиме и да живееме во едната, соборна и апостолска Црква, во љубов и единомислие, прославувајќи го Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
(Фотографии: Стефан Рајхл и Стефан Самандов. Голема благодарност до нив за покажаната добра волја и искрената соработа)