Посета од министерката за образование и наука

Свештената Бигорска Обител денеска беше посетена од министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска, во придружба на членови од нејзиниот кабинет: г-ѓа Санела Шкриељ, г-ѓа Маја Стојановска, г-ѓа Тамара Ќупевска и г. Душан Томшиќ.

Во топлиот манастирски и пријателски амбиент, г-ѓа Мила Царовска најпрвин се сретна со нашиот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, кој ја запозна со долгогодишната социјална мисија, која под негово духовно раководство ја водат нашите монашки Обители, како и со актуелните манастирски активности, што на г-ѓа Царовска ѝ остави особен впечаток. Министерката и нејзиниот кабинет ја посетија и манастирската библиотека и други простории од манастирскиот комплекс.
Веднаш потоа, г-ѓа Царовска оствари средба со претставници од Асоцијацијата на професори по етика во религии, во состав на: деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски – Скопје“, г. Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Анета Јовковска, проф. Ружа Стојковиќ и монахињата Ефимија Зајковска, со кои дискутираше околу опстојувањето на овој наставен предмет во основното образование, како и статусот на професорите кои веќе 11 години го предаваат овој предмет низ училиштата во нашата земја. Притоа, со взаемна согласност и нескриена радост беше утврдено дека овој предмет не само што ќе опстане во македонското образование, туку согласно реформите, учениците ќе имаат можност да го избираат во едно полугодие и тоа речиси во сите одделенија (IV – IX), а не како досега само во VI одделение. Професорите, пак, кои го предаваат овој предмет, ќе стекнат право на трансформација на работниот однос од определено на неопределено време, под услови утврдени со новиот закон за наставници.

Изразуваме благодарност до Министерката за образование и наука, г-ѓа Мила Царовска за покажаната добра волја и подготвеност за дијалог и соработка.