Прославен споменот на Бестелесните сили во Бигорски

Хорот ангелски и севеликите чиноначалници Михаил и Гавриил, Архистратизите Божји, денес Црквата Христова ги прославува и им се радува, како на такви кои Бога неуморно Го прославуваат. Небесната хиерархија на војската Господова, силната заштита на напаѓаните и искушувани Христијани, денес им принесува на верните радост ангелска и песна непрестајна, вера непоколеблива и надеж сигурна, оддишка и спокој, храна и питие духовно, вложувајќи им ја во усните Трисветата песна кон Троица Света, на Небесата тројно славена: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, полни се Небесата и Земјата со Твојата слава, осана во висините!“

Превеликиот и непобедлив војсководец Архангелот Михаил, облетувајќи го денес престолот Божји и целата Земја, спасува души и избавува од опасности со своја светлоносна и огненосна појава, расцепувајќи ги облаците на неверието и злото.

Свештената Бигорска Обител, тоа монашко убежиште на рамноангелниот подвиг и житие, како свои браќа и помошници ги прослави духовите на бестелесните, небесни војски на чело со Архангел Михаил, со духовни песни и молитви на ноќното бдение, а утрово и со принесување на бескрвната жртва на престолот Божји, Светата Евхаристија, на кои претстоеше и чиноначалствуваше нашиот игумен, старец и Епископ г. Партениј Антаниски.

Повикот упатен од првоангелот Михаил: „Да стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме“ одекнува и денес, кон секој Христијанин, за да не заборави дека е војник Христов на духовното бојно поле, кое одамна е разгорено и каде храбрите и достојните со овенчуваат со венци, а колебливите и немарните биваат жестоко ранувани. Закрилата и застапништвото на Светите Архангели Михаил и Гавриил и на останатите бесплотни сили, да нѐ избавува од секакво искушение и соблазна.

Амин!