Преподобен отче, свети Григорие, откако со Духот го наостри зборот како меч, ти си бил оган за богоборните чинови, слегувајќи од висините како молња, сечејќи ги и горејќи ги нивните хулења, а сите верни водејќи ги кон Божествената трисолнечна светлина. Просветен од неа, ти се покажа како втора светлина, сопрестолен и едночислен со врховните богослови и со нив фален. Престојувајќи со нив, и сега моли се, да ѝ дарува на Црквата единство, мир и голема милост.
(Стихира на Господи повикав)
Како уста и правило на монашкиот живот, божествена уста и светител и учител, достојно беше воспеан од монашките усти овој втор Еремија и боговидец, кој благоволи да му ја даде својата молитвена закрила на
Рајчичкото сестринство, станувајќи им пример во духовната борба. Со сеноќна молитва во манастирскиот параклис преточена во прекрасните созерцателни стихови, сестринството и верните Дебрани го прославија споменот на овој голем светија, којшто им излеа штедар благослов и благодатно го посети овој молитвен собор.
Свет и преподобен отче Григорие, ти кој стана учесник во неискажливите Божји тајни и боговидец, испроси од Него милостивиот просветление на нашите души и мисли, за да можеме јасно да Го созерцаваме неискажливото Слово Божјо и откако богоугодно го минеме претстојниот Божикен пост да се удостоиме да ја спознаеме тајната на Божественото воплотување. Амин!