Хиротонија на епископот Полјански г. Јаков

 

Древниот, историски манастир на Покров на Пресвета Богородица и на Свети Леонтиј во с. Водоча, вчера посведочи уште еден благодатен настан. Во тој прекрасен паметник на верата и богољубието на нашиот христијански народ, пред огромното мноштво верници, претставници од власта и од културниот и општествениот живот во Македонија, беше ракоположен во епископски чин новоизбраниот архиереј на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. Јаков. Најмладиот епископ на нашата помесна православна Црква ја доби титулата епископ Полјански, како некогаш нашиот црковен и општествен великан, митрополитот Партениј Полјански (Зографски). Всушност, владиката Јаков станува викарен епископ на својот старец, митрополитот Струмички, г. Наум.

Отец Јаков е замонашен во 2005 година од митрополитот г. Наум, во манастирот во Водоча. Од 2010 година е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и Свети Великомаченик Георгиј“, во Ново Село. Дипломирал на теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во 2017 година е произведен за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и Свети Димитриј Солунски“, во Струмица.

Наречението на новоизбраниот епископ Јаков беше извршено во поклоничкиот Манастир на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици во Струмица, вечерта на 24 ноември, во присуство на првосветителот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан со синодалните архиереи, како и многуброен народ.

Хиротонијата, пак, ја изврши Архиепископот г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа архиереи од Свештениот Синод, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки и Aдминистратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, надлежниот Митрополит Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент.

На хиротонијата присуствуваше претседателот на Владата на Р. Македонија, г. Зоран Заев, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, градоначалниците на Струмица и Дојран, г. Коста Јаневски и г. Анго Ангов, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, како и јеромонахот и претстојател од светогорскиот манастир Дохијар, о. Филотеј.

Во своето пригодно слово, Архиепископот г. Стефан, меѓу другото, татковски го поучи новиот пастир на стадото Христово:

„Како помошен епископ трудете се достојно и достоинствено да ги извршувате задолженијата што ќе ви бидат овозможени, а пред сѐ трудете се постојано да го проповедате Светото Евангелие. Бидете постојано исполнет со љубов за  сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен збор, потребен совет на оние што тоа ќе ви го побараат. Оние коишто скршнале упатувајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете  на оние кои останале без надеж, на оние на кои им исчезнала љубовта, им згаснала верата. Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример“.

Од своја страна, епископот Јаков, во пристапната беседа смирено истакна:

           Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.
           Ваше Блаженство,
           Ваши Високипреосвештенства,
           Ваше Преосвештенство, сечесни оци,
           Почитуван Претседателе на Владата на Република Македонија,
           Почитуван министре,
           Почитуван директоре на Комисијата за односи со верските заедници,
           Господа градоначалници,
           Возљубени браќа и сестри во Христа,
           Благословен народе Божји,
 
           Денес, по неизглаголивата и неопислива милост и промисла Божја стојам пред сите вас овде, во еден од најдревните храмови на нашата Света Црква, на највозвишеното и најстрашно место во Црквата, во епископскиот чин. Во повеќевековните строителства на Водочкиот комплекс на цркви, секогаш сум го согледувал историскиот континуитет на патувањето на нашиот богољубив народ низ времето и историјата кон Есхатонот, носен во прегратките на љубената ни Охридска Архиепископија кон вечното Царство на Триипостасниот наш Бог.
           Ние, во Црквата, никогаш не зборуваме за историја исклучувајќи ја иднината, бидејќи Светата Евхаристија е нашиот начин на постоење, во која ја живееме реалноста на Царството Небесно, кое доаѓа и веќе е. Оттаму, и овој свештен и евхаристиски собор, возглавен од Блаженејшиот наш Архиепископ и Архиереите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, опкружен од народот Божји, е жива икона на Царството Божјо, но исто така, и моја лично-соборна Педесетница, која не може да биде само лично моја или, подобро кажано, сопствена; впрочем, како и ништо друго во Црквата. 
           Способноста за градење љубовна заедница најпрво со Личносниот Бог, а потоа и со секој човек е она што најсилно ја карактеризира личноста како словесна и ја устремува кон соборност. Боголиката личност своето постоење го осмислува во заедница, поради тоа што единствено во Црквата како Богочовечка заедница ние се градиме, зрееме и на крајот, се реализираме како личности, и никако поинаку. Епископот ја предводи Црквата на тој пат на оличноснување во заедница со Оној од Кого сме, и заради Кого сме создадени.
           Епископот не станува Епископ поради некаква своја заслуга, туку исклучиво по благоволение Божјо, во послушание кон Светиот Архиерејски Синод, поради молитвите, и најважно од сѐ, заради потребите на Црквата. Затоа, надвор од Црквата и нејзината Евхаристија, Епископот нема идентитет, и не постои како Епископ, но и Црквата не може да го оствари своето литургиско постоење без Епископот, кој ја возглавува.
           Епископот излегува од својот манастир, каде што го научиле дека местото на срцето е последното место на кое седнуваш доброволно, станувајќи им слуга на сите; дека вистинскиот живот е оној кога умираш за другите да живеат, и дека критериум за сѐ и мерката според која мериш сѐ, а особено себеси, е Богочовекот Христос. Затоа, кога свети Игнатиј Богоносец вели дека Епископот седи на место и во обличје Христово, тој сака да каже дека тоа место не е позиција на власт и моќ, туку пред сѐ, Голготското место и место на Крст и страдање, а обличјето Христово е обличје на слуга, кој доаѓа да служи, а не да му служат.
           Епископот го иконизира присуството Христово во Црквата, бидејќи налик на Него е кроток и смирен по срце, го мрази гревот, а го љуби грешникот. Неговите зборови изгонуваат секаков сомнеж и му објавуваат на светот дека Христос навистина воскресна. Тој зборува за Христа, живее за Него и умира за Него. Го молам Великиот Архиереј, Единородниот Син Божји Исус Христос, и мене недостојниот да ми подари такво епископство.На почетокот напомнав дека Евхаристијата, што буквално значи благодарење, е начинот на кој постоиме во Црквата Христова.
           Затоа, Му благодарам на Бог, и особено се радувам што во овој ден не стојам пред непознати луѓе и на непознато место, што не морам да зборувам за себеси и да се претставувам, затоа што сите ме знаете, и моето срце ве знае вас и љубовта што ја имате кон мене. Ти благодарам, Господи, што не стојам на непознато место, туку во саканата ми Водоча. Овде дојдов првпат пред осумнаесет години, налик евангелскиот млад човек, барајќи и прашувајќи што треба да направам за да имам живот вечен. Му благодарам на Владиката Пимен, тогашен игумен Водочки, и на сите браќа – монаси за сета љубов и трпение, и што ми ја покажаа, пред сѐ, со својот живот есхатолошката перспектива на монаштвото. Овде примив монашки потстриг, ѓаконска, свештеничка благодат, и еве денес, повторно во оваа црква, на мојата глава слезе Пресветиот Дух, Кој ги крева паднатите и ги подига раслабените.
           Бог знае колку му благодари мојата душа на мојот Старец и Владика, нашиот Митрополит Струмички г. Наум, во чие охристовено срце се родив духовно и пронајдов пат натапкан и прооден, пат светоотечки што води на Гората Таворска. И повторно, на негово барање, а со благослов на Светиот Архиерејски Синод, станувам негов сотрудник на нивата Господова.
           Особено Му благодарам на Блаженејшиот Архиепископ наш г.г. Стефан и на сите архиереи за довербата да бидам причислен кон епископите на нашата Света Црква.
           Му благодарам на Претседателот на Владата на Република Македонија за неговото ценето присуство, но и за сè што прави и што во иднина ќе направи за добробит на нашата света Црква.
           На крај, најсмирено ги просам вашите свети молитви, поради тоа што знам дека сите дарови што сум ги добил од Бог, сум ги добил поради молитвите и воздишките на другите, а јас самиот со ништо не сум ги заслужил. А, за сѐ и над сѐ, Му принесувам благодарност, поклонение, чест и слава на Триипостасниот наш Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!

На свечениот чин на хиротонија присуствуваше и сослужуваше нашиот старец, архимандрит Партениј, кој како најстар во редот на архимандритите, ја имаше радоста да го приведе г. Јаков пред Неговото Блаженство за да биде ракоположен.

Нашата монашка заедница, возглавена од старецот и игумен Партениј, сесрдно му честита на новиот Христов архиереј, епископот г. Јаков Полјански, просејќи од седобриот Бог благодатни сили за неговиот тежок крст на предано служење за народното во Христа спасение.

На многаја лета, владико! Достоен! 

Фотографии: MИА, Струмица Портал