Секој миг од Светиот и Велик пост претставува допир со одандестраното. Тоа мистично патување низ Четириесетницата, тие денови исполнети со свештена ревност се најблагословениот период за жедната душа која тргнала по Изворот на својот живот. Тоа талкање низ четириесетдневната духовна пустина, низ тој време-простор на средба со себеси, ги открива слабостите наши и падовите, но и можностите што се наѕираат низ пукнатините на тие падови. Секој наш здив е исполнет со копнеж, секое наше движење со надеж, секоја молитва со вера дека Господ нема да го остави Своето создание, дека нема да ме остави ни мене последниот, нема да ме лиши од Своите дарови без оглед на мојата грешност.
А има ли поголема поткрепа на тоа мистично патување, поголем дар од оној што Црквата ни го нуди во првата великопосна петочна ноќ, во која устите на верните едногласно воскликнуваат низ многуте „Радувај се!“ Петочните акатистни стихови што Црквата уште од одамна Ѝ ги посветила на Мајката Божја, Која, пак, целата своја небоземна служба ја посвети на закрилата на родот човечки, се првото пристаниште на кое пристигнуваме, за да ги укотвиме своите добри желби, првиот одмор во кој ги освежуваме душите. Ова е првата прегратка што како дар ја примаме од Царицата Мајка, прво откровение дека Таа може за нас, нејзините деца, да го победи секое искушение и да ја исцели секоја рана, душевна и телесна. Бидејќи таа е оаза на мирот, надеж за слабите и светлина за паднатите во бездната на мракот.
Умилно одекнува: „Радувај се, Невесто неневесна!“ Одекнуваат и останатите пофални акатистни восклици среде манастирската тишина, во храмовите на Крстителот, Победоносецот и нејзиниот – Пречистанскиот. Го испраќаме најрадосниот поздрав што го буди и исполнува секое човечко срце; со највозвишени зборови Ѝ пееме и ја славиме, кажувајќи Ѝ колку ја љубиме, колку ни е потребна, колку Ѝ благодариме за сите добрини што ги сотворила за нас. Зашто Таа непрестајно дејствува во нашиот живот, испраќајќи ни ја својата неискажлива милост и мајчинска утеха.
Посебен, пак, дар од Неа за нас е нејзиниот верен слуга и наш Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со своето акатистно пеење ни посведочи за потполната синовска предаденост и вера во нејзината помош. Вера дека Таа останува тука, до крај со сите нас.
Нека овој прв букет, сотворен од љубов, надеж и вера, нека овие цветови набрани од ревноста во првата седмица на Великиот Пост, бидат поткрепа по целата великопосна патека, по која продолжуваме смирено да чекориме, за да стасаме до конечната цел – Воскресението Христово.