(Видео) Рождество Христово – Божик

Предвечниот Бог, Творецот на Небото и на Земјата, на ангелите и на луѓето, на животните и на растенијата, на просторот и на вековите, доаѓа да се роди на Земјата, да стане човек, за да го обожи човекот, та да стане тој бог по благодат. За таа цел, нашиот Спасител ја избира Пречистата Дева Марија, нејзината чистота и девственост, непорочност и смирение, а Таа самата прифаќа да стане Мајка на Бога, за Бог преку Неа да се сроди по тело и крв со луѓето.

Како што пишува химнографот: „Роденото е Бог, а Мајката Дева – што почудно слушнало човечко уво?“ Во Марија Дева се обединуваат бракот и девственоста. Бог станува и човек. Творецот, снижувајќи се доброволно, самоиспразнувајќи се од Божеството, се  облекува во твар. Дело пречудно и несфстливо и за ангелите и за луѓето.

Нека секоја човечка душа застане и затрепери од страв пред големата тајна на сите времиња и векови, но и на целата вечност, бидејќи согласно со Светите Отци, таа тајна на Божествената кеноза не ќе може да се објасни и сфати ни во бескрајната иднина на вечноста.

Со неопислива свежина и восхит во нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча – Бигорски беше отслужено сеноќно бдение во пресветлата ноќ на сечесното Рождество по плот на Господа и Бога и Спасителот наш Исус Христос, на кое претстоеше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, со свештенослужителите од Обителта. Ревносниот многуброен верен народ, заедно со монасите и монахињите, со големо внимание и усрдност молитвено и таинствено Го воспеваа Царот новороден, Кнезот на мирот. Царското велелепно одејание на храмот со најпрекрасно украшение, празничните одежди, слаткогласното и величествено пеење на псалтите, беа видливите и чувствени изрази на радоста од средбата со ипостасниот Мир, Кој од Небото слегува, за на Земјата да се роди. Затоа сите со Ангелите да повикаме: „Слава на Бога во висините и на Земјата мир, меѓу луѓето добра волја!“

Мирот вистински, кој од Бога доаѓа, беше темата на благовест преку празничното слово на нашиот Старец, Преосвештениот Епископ г. Партениј, со кое нѐ упати кон Господа Христа, нашиот врховен мир:



Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што и оваа година нè удостои да го дочекаме и да го прославиме овој велик и светол празник, кој во себе крие длабока смисла, радосна и надежна порака и изобилство на животна енергија. Рождеството Христово се однесува непосредно на секого од нас, откривајќи ни го значењето на Божјото воплотување.

На овој ден несместливиот Бог се смести во човечко тело; Он се роди како Дете не во некој царски дворец, не во некоја раскошна палата, дури не и во некоја обична куќа, туку во една сиромашна пештера, во јасли, среде бессловесни животни. Како што читаме во Светото Евангелие, за Пресвета Богородица и за Христа немало место во гостилницата во Витлеем, бидејќи градот бил преполн со дојденци, заради пописот што го спроведувал римскиот цар.

Но не е случајно тоа што Творецот посакал да се роди во едно скромно место, крајно несоодветно за Неговата слава. Всушност сето тоа било според Неговата промисла, бидејќи уште со самото Свое доаѓање на Земјата, со начинот на кој го направи тоа, Он ја започна Својата проповед, Својата мисија со која сите нè управи кон патот на доброволното смирение. Го избра најпонизното место, за да се роди во овој свет. Ја избра бедната пештера, животинските јасли, неразумните животни, ги избра простите пастири, смирените мудреци, едноставните по срце и дух луѓе, и токму нив ги удостои да го видат Божјото вочовечување и да ги чујат Ангелите како пеат: „Слава на Бога во висините, на Земјата мир, меѓу луѓето добра волја“.

Возљубени мои, неизмерна е љубовта на Бога кон човекот! Он, како семоќен, можел да го спаси своето највозљубено создание и на било каков друг начин, но сепак, од човекољубие избра да стане едно со него, да ја понесе неговата природа, неговите болки, радости и страданија и како таков да го поземе со Себе во обновениот и нерасиплив живот. Оти, така прилегаше на Неговата безгранична љубов кон нас. Најнапред Он нè сотвори и обдари со дарот на слободата, со правото на избор, на сопствена волја. Тој дар, првосоздадените, а и сите ние заедно со нив, го злоупотребивме, избирајќи да живееме во непослушание, во нездравото его што е во сушта спротивност на Божјата сеопфатност и на Неговата светлина и радост. Меѓутоа, Неговата широчина и почит кон нашата слобода и ден денес се спростира врз сите нас. На секого пооделно му е оставено правото на избор. Во тоа, имено, се состои Божјата величина, „лудата љубов Божја“ – како што се изразуваат некои Отци на Црквата. Таа љубов е причината заради која Он нè создаде според Својот образ и подобие, ни ја остави Својата господственост, ни ја дари слободата, како што секој вистински родител би му оставил слобода на своето дете.

Нашиот добар Родител на Небесата нè советува, нè поучува, нè патеводи, но никогаш не прави нешто присилно, нешто што е против нашата волја. Он докрај ја почитува слободата со којашто нè направи Свој образ. Нам единствено ни останува да избереме дали ќе Го љубиме и ние, онака како што Он нè љуби нас. И затоа Он на ваков начин се всели меѓу нас: со крајно смирение, со доброволна понизност, со кеноза на Своето Божество. За така да ни го покаже патот кон возвишеното, кон Царството Небесно. Он не дојде, за да ни покаже како овој свет да го сториме рај, зашто доколку и би успеале во тоа, тогаш тој рај бил само еден привремен привид. А згора на тоа, и нашата од гревот повредена природа и стихијноста на нашите незауздани страсти едноставно не дозволуваат овој свет да постане рај. Начинот за достигнување на рајот ни го покажа Самиот Син Божји со своето крајно смирение; најнапред со раѓањето во јаслите и потоа со севкупниот Свој живот на Земјата, сè до понижението, страданијата, распнувањето и смртта. Ни остави образец за навек за тоа како да го минуваме овој живот, за да би стасале до Царството Небесно.

На овој ден, значи, Бог се родил во Витлеем, не од желба да го покаже Своето Божествено надразумно величие, туку за да Му се предаде Себеси на човекот. Впрочем, тоа е и најголемиот дар од Неговото вочовечување: Самиот Он, во видлив и за нас природен и опиплив облик, го посети Своето создание и започна на мистичен и благодатен начин да ни се дава Самиот Себе. По Христовото Рождество сите имаме можност да Го поседуваме Бога во своите срца. Се отвори потенцијалот за обожение, што е и крајното исполнение на нашето предназначение. Оти целта на доаѓањето на Бог во светот е мистичното пресоздавање на човекот; Христос стана човек, за да ги надополни прататкото Адам и прамајката Ева. Човекот во Христа станува целосен. Кој се охристовува, тој воедно и се обожува. Станува едно со Божеството, се соединува со Него за вечноста.

За да стасаме до таа врховна цел на обожувањето, неопходно е да се трудиме во општењето со Христа, во стекнувањето на Неговиот мир. Денес Ангелите го пеат славословниот воспев: „Слава на Бога во височините, на Земјата мир, меѓу луѓето добра волја“. Нема здраворазумно човечко битие што не го вреднува мирот како врховно добро. Сите силно чувствуваме колку ни е потребно да го имаме тој Божји мир во себе. Сепак, за да можеме да го стекнеме, потребен е подвиг. Потребна е согласноста на нашата слободна волја, нашата решеност и конкретни чекори. Најнапред, сè започнува од добрата волја кон нашиот со-човек. Тоа е првиот степен на мирот: да бидеме во добри односи со сите луѓе. За него Апостолот Павле нѐ почува: Ако е можно, доколку зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе! (Рим. 12,18) и на друго место: Впрочем, браќа, радувајте се, усовршувајте се, утешувајте се, бидете едномислени и живејте во мир, и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас! (2. Кор. 13,11) Се трудиме, значи, да бидеме во мир со сите, па честопати и по цена на сопствениот комфор. Во колку ли случаеви треба да бидеме попустливи, понизни, да се смируваме пред другите, само за да има мир помеѓу нас! Овој мир, следствено, произлегува од меѓучовечките односи, односно од нашето настроение и нашата поставеност кон ближните и е неопходен услов за да стасаме до повисоките степени на мирот.

Вториот степен на мир е оној што доаѓа од нашето целосно себепредавање на Бога; кога ние имаме потполна доверба во Бога. Тоа е, пред сѐ, состојбата кога имаме мир со себеси. „Помири се со себе, и со тебе ќе се помират и Небото и Земјата“ – вели Свети Исаак Сирин. Тоа е мир на срцето, кој доаѓа по макотрпен подвиг и искуство, и останува незасегнат од надворешните случувања. Што и да се случува околу нас и со нас, нашето срце останува мирно, бидејќи целосно се потопило во довербата кон Бога. Оти, колку и да се трудиме, работите во животот не секогаш одат онака како што би сакале ние. Постојано сме притеснувани, напаѓани, искушувани. Често се вознемируваме, се исполнуваме со лоши мисли, се прашуваме: Зошто и од каде сето ова? Еве, се трудам сè да чинам како што треба, да правам добрини, но пак сум искушуван, напаѓан, клеветен… Без разлика, што и да ни се случува, ние треба самите постојано да се смируваме, да бидеме самокритични до одредена мера и никого освен себеси да не обвинуваме за сè што се случува околу нас. Со таква размисла, и со потполно доверие да се предадеме во Божјите раце. Господ е просветление мое и Спасител мој, од кого ќе се бојам? Господ е Заштитник на животот мој, од кого ќе стравувам? (Пс. 26,1) Затоа, ќе нагласам, што и да ни се случува, ние целосно се нурнуваме во довербата кон Бога. Тогаш врз нас слегува мирот одозгора. Тоа е оној мир за кој секојдневно се молиме со прозбата од големата ектенија: „За мир од висините и за спасение на душите наши, на Господа да се помолиме“. Толкувајќи ја оваа прозба, Свети Никола Кавасила вели дека тука не станува збор „само за мирот кон луѓето кога ничие зло не го паметиме, туку и за мир кон самите себе – кога нас сопственото срце за ништо не нè обвинува… Оти, ако некаква лутина го вознемирува човекот, или ако злопамтењето го брка мирот од неговата душа, тогаш од молитвите нема да добие ниту опростување за своите гревови, а уште помалку, пак, да стекне каква било друга благодат“.

Највисокиот степен на мир е благодатниот мир, кого Господ го дава на дар, откако човек ќе се потруди преку добродетелен подвиг за првите два вида на мир. Тоа е оној совршен мир кога душата веќе пребива заедно со Божеството и повеќе се наоѓа во духовниот, одошто во материјалниот свет. Сетете се, на пример, на трите момчиња од Стариот Завет, кои заради нивната непоколеблива вера во вистинскиот Бог биле фрлени од царот Навуходоносор во седумкратно повеќе вжарена печка, откако претходно на разни начини биле убедувани да се откажат од Бога. И додека печката толку силно горела, што сѐ во нејзината околина почнало да се топи од огнот, трите благочестиви момчиња останале недопрени од пламените јазици, Вчудовиден од таа глетка, царот самиот исповедал: Ама јас гледам четири мажи, одврзани шетаат по огнот, и не им се случува ништо зло; четвртиот е сличен на синот на боговите! (Дан. 3,25) Значи, околу нив гнев и оган, и материјален и духовен, а тие не само што беа во мир, ами беа посетени и од некоја необична Личност, Која ги пазела недопрени од големите маки и од смртта. Таа Личност била, всушност, Словото Божјо, кое се симнало во печката во облик на човек, како претсказание за Неговото вочовечување и благодатно присуство среде луѓето.

Следствено, овој највозвишен степен на мир што го дава Бог е, бездруго, Самиот Христос. Пред Своето распнување Он на апостолите им вели: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои (Јован 14,27). Ете ја целта на Неговото доаѓање, ете зошто на овој празник Ангелите воспеваат: На земјата мир! Господ Христос дојде во светот како врховен мир. Он е нашиот мир што надвишува секој ум (Филип 4,7), Кој го помири претходно скараниот човек со Бога. Христос како Син и Слово Божјо е нашиот помирител со Бог Троица, откако заради љубов кон нас стана еден од нас, примајќи ја човечката природа. Сега Он е нашиот патеводител до Царството Небесно, апсолутниот мир.

Мили мои, да се поучиме од Христовото смирение и да го бараме мирот Негов. Вреди да се подвизуваме за тој бесценет мир Божји. Најпрвин да започнеме од препораката на Свети Апостол Павле, да бидеме во мир со сите луѓе. Потоа со доверба да се препуштиме себеси на бездната на Божјата милост и промисла, за накрај Господ да ни го подари и тој чудесен благодатен мир, Самиот Себе да ни се подари, вселувајќи се во нашите срца.

Сега продолжуваме со Светата Литургија, па ајде да ги отвориме своите срца за Христа. И откако ќе заврши ова чудесно богослужение, да се трудиме да ја зачуваме благодатта од него и да не Го жалостиме нашиот премил Спасител. Да се молиме, исто така, и за целиот свет, оти гледате и самите колку денешниот современ човек има потреба од молитва. Таа пред сѐ, ни е потребна нам на Христијаните, кои, за жал, не одговараме достојно на призивот што го имаме. Погледнете само колку зло се вдомило меѓу нас. Жалосно. Просто човек да се запраша во врска со некои: веруваат ли воопшто овие луѓе во Христа? Можеби  формално веруваат, одат во црква, можеби и се исповедаат, се причестуваат, но каде е тука суштината? Каде е мирот Божји во нив? Дали ние Го сведочиме и го шириме тој мир со своите животи? Дали, пред сѐ, го имаме во себе тој мир што Господ го донесе на земјата? Бог да ни дава сили да започнеме од првиот степен на мирот и да станеме добри Христијани, чеда на мирот. Да сте благословени сите!

Христос се роди!