Соборна молитва за нашите упокоени ближни

Православната црква, постојано нѐ повикува нас, живите, молитвено да си спомнуваме за нашите упокоени отци, браќа и сестри во Христа. Тоа со посебно внимание и љубов се прави во саботите одредени за тоа, наречени задушници, кога според богослужбениот ред е предвидено во храмовите да се служат парастоси и заупокоени Лутургии. Тогаш чедољубивата Мајка Црквата ги повикува живите да се потсетат молитвено на телесно заспаните, но со души живи во Христа, давајќи милостина за нивен покој. Живите пак, потопени во срдечна молитва, стојат тивко крај гробовите на своите ближни, тие споменици на воскресението, очекувајќи ја со надеж идната средба со нив. Зашто како што секое семе закопано во земјата се распаѓа пред да изникне во нов вид и да даде плод, така живее и нашата надеж дека сета онаа гнилеж, правот од коските на предците наши, отците, браќата и сестрите наши, еден ден ќе воскресне во слава и сила и ќе се облече во ангелска убавина и бесмртност.

Последувајќи го завештанието на светите отци, се помоливме и ние соборно во свештената Бигорска обител, за Бог да ги насели Неговите упокоени чеда во небесните дворови.

Голема е благодарноста и радоста на отците наши Јован, Иларион, Митрофан и Арсениј, Серафим, Анатолиј и Партениј и на другите со нив, незаборавни ктитори и монаси на Бигорската обител, како и на нашите ближни, кои со надеж во воскресение и вечен живот си заминале од овој свет, и за кои бигорскиот молитвен собор во оваа света задушница со молитва и љубов си спомнува. Умилителните стихири на вечерната богослужба, панихидата и утрената, чиниш беа молитвено излевање на срцата на сите верни за покој на душите на своите родители, деца, браќа и сестри. Сите тие молитвени врутоци како да се слеаја во едно срце, срцето на нашиот старец, игуменот Партениј, кој од името на сите нив принесе молитва пред Господа за блажено успение на починатите од веки, со вера во воскресение и вечен живот.

Нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, заедно со останатите јеромонаси, ја започна панихидата, на која монасите и верните, со свеќи во рацете, ги упатуваа своите молитви кон небесниот Цар за да ги всели душите на починатите во Неговото царство на живите. Утредента, пак, на утрената богослужба, која продолжи со заупокоена Литургија, мноштвото христољупци се помолија за блажено успение на душите кои, веќе, го напуштиле телото. А светата заупокоена Литургија, навистина претставуваше еден собор на благодарноста, заедница на двата света, молитвен разговор на земните и небесните, сите тие потопени во светиот Путир, во Телото и Крвта Христови.

Нека милостивиот Бог, по молитвите на Својата Пречиста Мајка и на богоносните оци наши, на душите што се упокоиле со надеж во воскресение и вечен живот им дарува наслада во мирните рајски дворови, во незаодната Светлина, во невечерниот ден на Христовото Царство, вечно заедничарење со Христа, вечна Литургија, вечен спомен во Бога. Вечен спомен…