Денес старецот Симеон го пресретнува ветувањето што му беше дадено од веки; денес неговите очи, кои беа сведоци на човечка болка и на мракот на страдањата, ја гледаат светлината што го осветли и избави новиот Израил; денес длабоката и минлива Симеонова старост во своите растреперени раце ја прима вечната Христова младост, кои во таинствено совршенство се соединуваат; денес, Пресветата, од својата топла мајчинска прегратка Го предава своето Доенче во прегратката на светиот праведник, кому речено му било дека нема да види смрт додека не се исполнат зборовите на Господа. Оваа историска сцена трогнува, воодушевува и радува, зашто долгоочекуваната човечка надеж станува реалност.
И навистина, нели нашиот живот е едно постојано очекување? Не се ли деновите наши исполнети со безброј надежи дека конечно ќе се избавиме од многуте притесненија што наместо воздух ги вдишуваме?! Катадневно ја посведочуваме слабоста наша, катадневно и воздивнуваме по Господ на силите, од Кого бараме да дојде и да ја зајакне нашата вера. Од Него просиме благодат, Него сакаме да Го пресретнеме во срцата наши, та добриот копнеж да ни стане стварност и тивката радост да ни го обликува животот. Оти знаеме дека, да се живее значи трпеливо да се чека, но не да се чека нешто минливо и подложно на распаѓање, туку да се чека вечноста, да се очекува остварувањето на полнотата на животот. А средбата со Убавината, доверувањето наше во прегратките на Вистината, средбата на душата наша со Бог на љубовта, со Оној Кој е наш живот и нетление, е најубавата средба што може да ни се случи овде на земјата.
Токму затоа, средбата со оној што кон Христа нѐ привел и преку кого со Бога се помиривме, секогаш е средба со надежта која никогаш не посрамува, со дејствителната вера во која копнежите добиваат смисла. Тоа е средба од која одново и одново извира толку посакуваниот мир преку кој срцата наши тивко и таинствено биваат зарадувани. Навистина, средбата со Старецот, епископот Антаниски г. Партениј е непресушен извор на духовна радост, а неговиот татковски благослов сила без која нема остварување на нашите благопожелби. Затоа и многу негови чеда притекнаа денеска во славниот манастир на Богомајката Пречиста над Кичево, каде што со благослов на нашиот почитуван и блаженејши Архиепископ Охридски и македонски г. г. Стефан, се одржа прекрасно литургиско собрание по повод историската средба на Старецот Симеон со Христа Господа.
И навистина, Литургијата во Светата Обител на Пречистата Богомајка беше вистинско Сретение со Христа – едно благодатно средоточие на сета наша надеж, копнеж и љубов кон Оној Кој е живот и светлина. Тоа беше свештена средба на човечката душа со Бога, средба во која времето и вечноста се преплетоа во литургиската реалност, давајќи ни одново можност да се исполниме со радоста на спасението. Секој кој со вера пристапи кон овој благословен празник, со умиление го почувствува небесниот мир што ги посетува срцата кои копнеат по Христовото присуство. Во таа духовна атмосфера, исполнета со трепет и боголика убавина, сите со внимание ги вперивме своите души кон пастирското слово на нашиот сакан Старец, владиката г. Партениј, кој, како грижлив духовен отец, и овој пат ни подари мудрост и утеха, произлезени од неговиот длабок, жив и искуствен однос со Вистината – Христа нашиот Бог.