Говорејќи за горката чаша која требаше да ја испие, Господ истовремено ги поткрепуваше Своите ученици, упатувајќи ги нивните мисли кон неземни и нераспадливи нешта. Сакаше милостивиот Господ на тој начин да ги поткрепи срцата што Го љубеа. Оти, кој е тој што би можел да ја издржи сета таа болка, кој би можел да гледа во таа страшна глетка што започна во Гетсиманската градина, па преку Пилатовиот дворец и Патеката на страданијата продолжи до Голгота? Ако не ги утешеше Господ Своите исплашени ученици, ако не им ја испратеше таа искра надеж дека на крајот сè добро ќе се заврши, никој од нив не ќе можеше да ја поднесе таа најсурова човечка осуда, која Го подложи нашиот Господ на неискажливи страдања. И Кој подобро би можел да го поткрепи човекот од Богочовекот Христос, Кој Самиот прв претрпе срамни понижувања и надумни маки, со што на сите нам ни влеа сигурна надеж дека и покрај сите неправди, клевети, искушенија и отфрлања, во душата ни тлее таинствен спокој што извира од Неговото славно Воскресение. Оној Кој рече дека сè ново ќе сотвори – така и направи. Оној Кој рече дека дојде за да го спаси човекот, никогаш не престанува да нè спасува сите нас, примајќи нè во Неговата исцелувачка љубов и прегратка.
И нема поголема осуда за нас од неможноста да ја препознаеме оваа совршена и сеопростувачка љубов, нема поголема пречка што се поставува помеѓу нас и Бога од нашата мрзеливост и себељубие, од несострадалноста и неблагодарноста. Затоа, добриот наш Бог, умилно, но и со божествена власт, пред самиот Свој земен крај, ни ја прераскажува параболата за Десетте девојки, велејќи ни навреме да си ги подготвиме душите, да ги омекнеме со елејот на милосрдноста, за така да ја тргнеме пречката што нè одвојува од средбата со Него.
Вака Господ го исправа срцето наше и целото наше битие мислено го води низ тие драматичи настани кои некогаш се случија во Ерусалим. Ако вчера ги скрушивме нашите срца пред ликот на Младоженецот, величајќи ги истовремено воздржанието и добрината Јосифова, ако си спомнавме и за неплодната смоква и молевме да не бидеме презрени како неа, денес ја восфалуваме чистотата и будноста на петте мудри девојки и подобно на нив, ја просиме милоста и љубовта Божја за да ги осветлува срцата наши. Молитвено стоиме заедно со многубројниот верен народ, што во овие најсвети денови пристигна во Бигорската Свештена Обител, за да го излее своето бескрајно благодарење пред Бога за даруваната можност во овие значајни денови да се биде со Него.
„Стоиме“, созерцателно ќе рече нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј „и топли солзи во срцето Му принесуваме, оти Неговите чесни и доброволни страдања од страдањата адски нас нè спасија, а Неговата болка од болката на нашите гревови нè исцели. Во свештен внатрешен молк и длабока тишина се поклонуваме пред небесниот Младоженец, молејќи Го да ни прости и да ни даде да се облечеме во свечена свадбена облека на чистота и духовна радост, та со елејот на милосрдието и со другите добри дела, да ги наполниме светилниците на душите наши, за да можеме неосудено да застанеме на трпеза со Него во Светиот и Велик Четврток, и да се поклониме на Неговото славно Воскресение во Недела“. Амин.