И пак победоносно загрми симфонијата на камбаните во Бигорската Свештена Обител во знак на триумф и слава на Православието, во чија чест Христовата Црква ја посветила оваа прва недела од Светата и очистителна Четириесетница. После покајните ѕвонови, отрезнувачкото клепало и трогателните песнословија и молитвословија во текот на изминатава седмица, кои вродија со покајание и самопознание, денес како венец и круна и плод од духовниот подвиг, засветли богопознанието преку православното вероисповедание – правилното учење и верување за Бога. Таа богата ризница на непропадливи духовни богатстава, која се нарекува Православна Христова Црква, го содржи во себе сето знаење за Бога, за човекот, за животот и вечноста.
Објавувајќи ја славата на Православието преку животот на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со своите духовни рожби, монасите и моханињите и многубројните православни благочестиви православни Христијани, го воспрославија Троичниот Бог, Кој на дар ни даде да ги живееме Таинствата на духовниот живот, преку единственоста на павославното Предание. Со ноќно бдение, со Божествена Архиерејска Литургија, со литија на свети икони околу храмот и со читањето на Синодиконот на Православието, беше запечатено денешното торжество – победата на Вистината над лагата.
На сите кои ги положија своите животи, своите души, своите сили за Евангелието Христово и сочувување на чистотата на Православното учење за спасението и вечниот живот, вечен им спомен!