Духот Утешител, Духот животворен, Духот Кој радост твори и умиление дава, денес подготви уште едно торжество во Негова слава, уште едно духоносно молитвено собрание. На покана на некогашниот бигорски собрат, почитуваниот Митрополит Брегалнички г. Иларион, во прекрасната Црква на Света Троица во Радовиш, нашиот Старец, Епископ г. Партениј, чиноначалствуваше со тајноводството на Светата Евхаристија, во сослужение со Брегалничкиот архипастир и со свештеници и ѓакони од Брегалничката епархија и од нашето братство. За верниот народ од Радовиш денешното литургиско празнување на Светиот Дух претставуваше благодатно подобие на горната одаја во Ерусалим, каде што биле собрани Апостолите, а за нашиот Старец уште еден повод боговдахновено да ги искаже своите размисли и созерцанија, преточени во неговото пригодно и празнично слово, изговорено на крајот од Светата Литургија:
„Ваше Високопреосвештенство, почитуван Митрополит Брегалнички г. Иларион,
Чесни отци и преподобни монаси и монахињи,
Возљубени браќа и сестри Христијани,
Би сакал, најнапред, да ви се заблагодарам на сите вас присутни овде, што со вашите молитви и љубов го направивте толку убаво и возвишено ова свештено литургиско собрание. Дозволете пред вас да ја искажам својата срдечна почит кон мојот некогаш собрат, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, со кого, пред 26 години, заедно го започнавме својот монашки подвиг во Бигорскиот Манастир. Од сè срце му благодарам што така љубезно нè покани да бидеме денес заедно во овој прекрасен храм и по Божја промисла да сослужуваме на оваа празнична Света Литургија.
Впрочем, сè станува по благоволение на Светиот Дух. Така е со ова наше молитвено заедничарење. Имено, откако сум ракоположен во архијерејски чин, јас за прв пат излегувам од мојата богочувана Дебарско-кичевска епархија, возглавена од нашиот почитуван и сакан архипастир Митрополитот г. Тимотеј, на сослужение во друга. И иако сум помал од г. Иларион според положбата во црковната јерархија – јас сум викарен епископ, а вашиот почитуван архипастир е Митрополит – тој, во духот на евангелската љубов, го покажа своето смирение: ме покани и благоизволи јас да го водам денешното евхаристиско тајноводство. Така беше и пред 26 години, кога тој како ѓакон, а јас сè уште расофор, покажа свето смирение и посака да бидеме заедно и да започнеме духовен живот во Бигорскиот манастир, прифаќајќи помалиот да стане старешина. Навистина, тоа наликуваше на примерите кога поголемите се смирувале пред помалите, што ги читаме во Лавсаикот, Старечникот и во другите списи на Светите Отци. Така, во смирение и послушание започна нашиот монашки живот и градењето на нашето братство и на нашата Црвка. Во тоа време монаси бевме многу малку. Едвај ли можеа да се избројат на прстите од двете раце. Помнам, кога го примив монашкиот потстриг од мојот почитуван архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, бев четвртиот монах, после дедо Иларион, во нашата сакана Татковина. Ви благодарам, дедо Иларионе, што благоизволивте да застанеме денес заедно пред свештениот престол, сега веќе како епископи на нашиот Велик Архијереј и Владика, Господ Исус Христос, токму на овој преголем ден за Црквата Негова.
Имено, на овој ден учениците Христови, Светите Апостоли, беа духоположени во епископски чинови и од дотогаш уплашени рибари, едноставни и прости, тие наеднаш станаа бестрашни и громогласни проповедници на евангелската вистина, со која ја уловија сета вселена. Вчера го славевме слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите. Духот Кого Христос им го беше ветил пред Своето Вознесение на небесата; Духот Кој требало да ги научи на сè и да ги потсети на сето она што Христос го беше направил за нив и со нив. Читајќи го Евангелието, гледаме дека иако Господ постојано правел чуда пред Своите ученици, тие, сепак, не можеле да разберат што точно Он правел и што сакал да им каже. Тоа го гледаме во последните мигови од земскиот живот на Христа, при Неговото смирено влегување во Ерусалим, на Тајната Вечера, во Гетсиманската Градина, кога Он им зборувал за Своите страдања, но тие не може докрај да Го сфатат. А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе Го испратам Јас од Отецот, Духот на Вистината, Кој излегува од Отецот, Тој ќе сведочи за Мене (Јован 15,6). Токму тогаш, на Педесетница, кога Тој Дух слезе врз Апостолите, тие станаа боговдахновени луѓе, проповедници на радосната вест за Воскресението од мртвите. Духот Свети ги научил на сè. Веќе можеле на вистински начин да го разберат сиот Домострој на Триединиот Бог за спасението на човекот.
Со таинството на Педесетница потполно се исполнува Божјиот спасителен Домострој, затоа што на тој ден се роди новозаветната Црква во Духот Свет, Кој е содржител и учител на сè што е добро – како што велиме во позната молитва со која започнуваат сите богослуженија и сите молитвословија во домашните молитвеници: „Цару Небески, Утешителу! Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Сокровиште на добрините, дојди и всели се во нас и очисти нè од секаква скверност и спаси ги, Благи, душите наши!“ Кога Го призиваме со вера и со смирение, Он доаѓа во нас и ги гори нашите гревови, нашите лоши постапки и страсти и нè упатува кон добро. Неслучајно Он се појавил во вид на огнени јазици над главите на Апостолите, за да покаже дека е оган што има сила да гори сè што е нечисто, гревовно. Сите ние, мили мои, сме грешни, но како што пророчки кажал во Стариот Завет царот Давид: пороси ме со исоп и ќе се очистам, измиј ме и повеќе од снег ќе обелам (Пс. 50, 7). Со што може Бог да ме измие и очисти, освен ако не преку моето покајание како предуслов и со доаѓањето на Светиот Дух во мојата душа, во срцето, телото. Он ме очистува, ме прави побел од снег. Тогаш доаѓаат и радоста и спокојот во мојот внатрешен човек.
Гледате колку е голема Божјата љубов. Црквата, вчера и денес, нè повикува со посебна љубов да Го славиме Светиот и Животворен Дух, Кој од Отца исходи, Кој е рамен на Отецот и Синот, Еден од Божествената Тријада, Третото Лице на нашиот прекрасен Бог во Троица, Кој е надразумен, недостижен, неискажлив, неопислив. И сè што Бог им открил на луѓето за Себе, тоа дека Он е Единица во Троица и Троица во Единица, Три Лица во една Суштина – сето тоа е Божја икономија, за колку што може на човечки јазик да се опише и разбере и во човечкиот ум да се собере, бидејќи Бог е над секој човечки збор и поимање. По суштина Он е апсолутен и недостижен, но преку Неговите Божествени несоздадени енергии нам ни се дава да Го познаваме и да живееме со Него и во Него. Тоа се случува особено преку Бог Светиот Дух, преку кого простите рибари, Дванаесетте апостоли, станаа обожени личности, богови по благодат, и бивајќи просветлени токму од Него, тие ја приведоа кон богопознание сета екумена.
Денес Црквата го поставила евангелското зачало, што го слушнавме од устата на нашиот јероѓакон Анатолиј, во кое Господ нè предупредува да внимаваме на Неговите мали: Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното (Матеј 18,10-11). Што, всушност, сака да ни каже со тоа? Дека сите ние, секој човек одделно, сме мали пред Божјото величие. Но, со слегувањето на Светиот Дух секој човек станува храм Божји и добива непроценлива важност пред Него. Човекот стекнува Божествено достоинство. Целото човештво, од Адама па до денес, во Црквата станува еден собор. Секој нејзин член е бесценет во Божјите очи. Затоа Господ Христос се споредува со пастир, велејќи: Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца? Па, ако ја најде, ве уверувам дека ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени. Така и вашиот Отец небесен не сака да загине ниедно од овие, маливе (Матеј 18,12-14). Нашиот Христос помина низ толку многу понижувања и страданија, за со Својата жртва, со Своето Распетие да ја пронајде и издигне загубената овца. А таа загубена овца сме сите ние, целиот род од Адама до последниот човек. Христос дојде и го побара загубеното човештво, слезе во Адот, за да ги побара Адам и Ева, воскреснувајќи ги во Рајот, заедно со сите старозаветни пророци. Он постојано го бара секого од нас, сакајќи и ние да учествуваме во животот на Триединиот Бог. Не сака никого од нас да остави. Нему човечката душа Му е поважна од сиот свет. Затоа, мили мои, да пристапиме со одговорност кон нашиот љубовен Бог, Кој сака правилно да Го чествуваме во животот. Да бидеме дел од духовниот свет уште сега, од овој век, та во иднина да го наследиме и Рајот, а при второто и славно Христово доаѓање, да воскреснат во Царството Небесно и телата наши, телата на сите покојни, со што човекот повторно ќе биде целосен.
Нека Триединиот Бог биде со сите нас и да внимаваме на сите Негови мали, односно на сите наши со-луѓе. Ние кои припаѓаме на свештениот клир на Црквата сме особено повикани да внимаваме на Неговите мали. Пастирот, епископот, свештениците се повикани да се грижат за доверената им паства, за верниците. Но, и воцрковените Христијани треба, исто така, да внимаваат на оние кои сè уште не се во трлото на Црквата. Иако повеќето кај нас, можеби, се крстени, сепак, малкумина се воцрковени. Па и за оние кои не се крстени или припаѓаат на друга религија – ние сме тие што треба да им Го пренесеме Светиот Дух. А за да им Го пренесеме, потребно е најнапред самите да бидеме духоносци, богоносци. Ако во Стариот Завет носители на Светиот Дух биле само одредени личности, и тоа само во одреден период од нивниот живот, по Педесетницата и по личното крштение, секој Христијанин станува носител на Светиот Дух. Меѓутоа, потребен е подвиг во добродетелите од наша страна, за да би можеле да Го запазиме Духот во нас. Да се држиме секогаш до плодовите на Духот, за кои чувме денес од Апостолот Павле: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста (Гал. 5,22-23).
Бог да ве благослови сите и ви благодарам за вашето молитвено присуство тука. Му благодарам уште еднаш и на мојот собрат дедо Иларион, кој, во љубовта и добротата на Духот, ме удостои за ова свештено тајноводство. Ги просам неговите свети молитви и му посакувам добро здравје и обилни духовни сили. Нека Триединиот Бог нè чува сите нас, та да бидеме Христијани какви што Он сака, носители на Светиот Дух, светлина за овој свет. Амин“.
Во продолжение, понесен од духот на благодарноста и на евангелската љубов, нашиот многу сакан домаќин, Старецот и Митрополит Брегалнички г. Иларион, се осврна накратко за неговите заеднички почетоци во монаштвото со нашиот Старец и Епископ:
„Преосветен Владико и брате мој Партениј,
Ви благодарам за убавите зборови, Ви благодарам за љубовта и за молитвите што постојано ги упатуваш кон престолот на Севишниот Бог, кон Претечета Христов кому му служиш во неговиот свет манастир, во кого што заедно го започнавме нашиот монашки живот. Ме потсетивте на едно далечно и тешко време, кога го отпочнувавме монашкиот подвиг, кога немавме никакви услови за живот и како што рековте, бевме многу малку монаси, и недоволно разбрани од повеќето луѓе. Но, со силата на Светиот Дух, со Божја помош, по молитвите на нашата Игуменија Мајката Божја, Бог посака на почетокот да се подвизуваме заедно, за потем телесно да се разделиме, но духовно засекогаш да бидеме заедно – вие да останете во Бигорскиот манастир, а јас да се преселам во Лесновскиот, та и двата манастири духовно да заживеат, да засветлат како светила за сведоштво на Христа и на Воскресението, за процут на благочестивата вера меѓу нашиот народ православен.
Вие постанавте силен духовен расадник, подобно на Светиот Отец наш, Преподобниот Наум Охридски Чудотворец, којшто собрал луѓе од сите краишта, духовно ги воздигнал и ги испратил како апостоли по земјата Господова. Но, Вие, исто така, зедовте уште поголем подвиг и крст со тоа што прибирате луѓе со големи слабости, луѓе што се наоѓаат во тешки и погубни зависности, за на секаков начин да им помагате, лечејќи ги духовно и телесно и враќајќи ги во општеството здрави по дух и по тело, та да можат да Го слават и да Му благодарат на Бога. Тој Ваш единствен подвиг во нашата Татковина е добро забележан во нашата Црква; но не само кај нас, ами и во сиот православен свет, по сета вселена се пренесува добар глас за вашиот навистина голем подвиг да возобновувате, да воздигнувате, да враќате духовно и телесно здравје. Затоа Бог и ќе Ве награди, подарувајќи Ви удел во Царството Небесно и во вечноста, којашто нашиот Господ ја приготви за сите кои Го љубат.
Од името на моето свештенство, на мојот благоверен народ, Ви благодариме Вам, на Вашите сопатниците, преподобните монаси и монахињи, со коишто денеска дојдовте во градот Радовиш, во овој велелепен храм на Пресветата Троица, што го имаме благодарение на нашиот ктитор г. Ристо Гуштеров и неговото благочестиво семејството. Ви благодарам што дојдовте, за заедно да Му принесеме дарови на Господа, заеднички да се помолиме, та по Вашите свети молитви, по Вашиот свет благослов, верниот народ тука да го прими благословот Божји, да оди по патот на вечноста, надминувајќи ги сите искушенија и да Му благодари на Бога, за накрај да го наследи Царството Небесно.
Денешната Света Литургија и Вашите богоугодни зборови искажани со љубов од Вашето смирено срце ме потсетија на оној прв ден кога заедно зачекоривме во монашкиот живот во Бигорскиот Манастир. Затоа, денеска нашата радост е посебна, што, еве, вие како епископ на нашата помесна Црква, за прв пат доаѓате на гости во друга епархија да служите, да чиноначалствувате. И ништо не е случајно, бидејќи Бог промислил нашата заедница и нашата дружба да продолжи, со тоа што првото Ваше излегување и гостување во друга епархија да биде токму кај мене. Па како што заедно почнавме во монаштвото, дај, Боже, заедно и да го износиме крстот и бремето до вечноста. Заедно сме го избрале патот Божји, сме се одлучиле за Христа и за Евангелието, го сакаме својот народ и својата Црква и нема да отстапиме да Го љубиме Господа и да правиме жртва за нашиот народ. Господ Бог нека Ви подари добро здравје, многу сила и мудроста што ви ја дава да Ви ја преумножи, за и понатаму да спасувате многу човечки души, ловејќи ги за Христа, како што Самиот Он им рече на Своите апостоли: нема повеќе да ловите риби, туку ќе ловите човечки души.
На многаја лета, Преосвештен Владико! Секогаш сте добредојден кај нас!“