Трет ден Света Пасха во Рајчица – радоста на новото творение

Светата Пасха, таа неовоземна и надсветска реалност на преобразувањето за вечноста, продолжува да торжествува во животот на Црквата како постојана теофанија на Божјата благодат. На третиот ден од Празникот над празниците, во Манастирот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, повторно се вознесе Божествената Евхаристија – литургискиот израз на победата на Животот над смртта.

Со благодатен мир и литургиска длабочина, Светата Литургија ја предводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со своето богослужение уште еднаш ја засведочи живата реалност на Воскреснатиот Христос како центар на сè: како мера на времето, како Логос на историјата и на вечноста, како Образ на спасението.

„Ако Христос не воскреснеше, празна ќе беше нашата вера“, вели божествениот Апостол Павле. Но Христос воскресна, и ние, преку Евхаристијата, не само што ја славиме таа победа, туку таа стана дел од нас, наш живот, наша светлина, есенција на нашето битие.

По благодатната богослужба, литургиската радост продолжи на еден културно-уметнички начин: со едно прекрасно изненадување за нашиот Старец – музичка изведба, едновремено дар и благослов, во форма на класични сочиненија и воскресенски тропар. Квартетот во состав: Петар Христов (сопран саксофон), Љупчо Милевски (виолончело), Игор Милевски (виолина) и Никола Трајановски (виола), преку уметничкиот говор на звуците го изрази она што зборот не може: таинството на Пасхата, вдахновената благодат на новото творение, воскресенската преизобилност.

Така, како што Небото и Земјата, ангелите и луѓето, Црквата небесна и Црквата земна, стануваат едно во Воскресението, така и Рајчица денес беше сведоштво на тоа единство – духовно, евхаристиско и уметничко.

Христос воскресе!