Нашиот милостив Бог, Кој добро ги познава човечките срца, знае колку е тешко понекогаш да му се каже едно „прости“ на ближниот. Нам, некако, полесно ни е да го подигнеме погледот кон небото, барајќи прошка од Него Седобриот, отколку да го сретнеме погледот на нашиот ближен во кој се крие болка заради некоја наша повреда, или осуда заради некоја наша грешка и од срце, скрушено и искрено да се смириме пред него и да го изговориме тоа толку потребно „прости“ кое ги изгонува демоните и ги смирува страстите. Затоа, Он ни дава шанса, барем еднаш во годината, пред да го почнеме Светиот и себеочистителен Пост, да ги вкрстиме погледите еден со друг и преку едно „прости“ излеано со љубов, да ставиме елеј на раните што сме ги причиниле, а истовремено и да ги залечиме своите, давајќи ја нелицемерно својата прошка.
Спомнувајќи си за тоа дека овој живот е само едно краткотрајно патешествие и дека нашите ближни денес се тука, а утре, можеби, ќе го напуштат ова патување, за да застанат пред Бога, во Бигорската Свештена Обител се собра големо множество верни, кои пристигнаа да си побараат прошка, најпрвин од старецот епископ г. Партениј, од браќата монаси, а потоа и еден од друг и така да Го смилостиват Бога за сопствените прегрешенија.
Со покаен трепет на срцата, додека бигорскиот храм го исполнуваше јасниот и продорен глас на нашиот владика и игумен, кој ги читаше умилителните и покајни молитви што светата Црква ги предвидела за овој трогателен чин на меѓусебното проштавање, присутните низ солзи и молитвени воздишки ги бришеа старите долгови, за во нив да се всели долгоочекуваниот мир и љубов кон сите.
Оваа Умилителна вечерна на простувањето уште еднаш нè потсети колку е голема и неискажлива љубовта и милоста Божја кон нас, колку многу би сакал Он сите ние да пребиваме во мир, едни со други, колку Му значи тоа наше љубовно отворање на срцето за ближниот. А кога Неговите чеда искрено и од срце ќе се прегрнат, и од едното срце кон другото ќе потече слатката утеха на прошката, тогаш и Неговата радост е неизмерна и Он изобилно ја излева врз тие срца и Својата благодатна прошка. Сведоштво за тоа ни беше нашиот сакан Старец, кој зрачеше од радост, гледајќи ги своите чеда, како смирено се поклонуваат еден пред друг, барајќи си прошка и ширејќи го мирот. Најнапред самиот тој смирено побара прошка од сите, ги упати своите татковски благослови и поуки за постот, а потоа, со срце преисполнето од милост, низ своето умилно пеење ни ја долови идната пасхална радост, правејќи нè уште посилно да копнееме, та подготвени со сострадание и прошка кон ближните, да го пречекаме тој триумфален допир со вечноста. Но, претходно ни претстои смирено, богоугодно и со многу дела на милосрдие да ја изодиме оваа света Четириесетница, оваа пустина на постот, којашто, сепак, изобилува со духовни извори на води кои течат во вечен живот.
Добра Четириесетница!