(Видео) Велика Сабота

Богат е гробот, зашто во себе Го прими Создателот, како Оној што спие, та се покажа како ризница на божествен живот, за спасение на нас кои пееме: Избавителу, Боже, благословен си.

(Од Канонот на Утрената на Велика Сабота)

 

Ден на покој! Дојде крајот на земните страдања на нашиот Господ, Кој од неискажлива љубов кон луѓето се симна од небото, за со нив да поживее и од страдањата да ги спаси. Дојде крајот на сè: пред нас Го гледаме Синот Божји, Кој како мртов лежи во Гробот. Заспал и одмора од нанесените рани и Крстната смрт, кои доброволно ги прифати за нам да ни даде живот. И колку чудесно: Неговиот лик, сепак, блеска со бескрајно смирение и прави во нашите срца да се всели таинствен спокој. Гледајќи во Христовото тело, се пренесуваме во тој историски миг на Голгота и размислуваме што се случи таму, а што после неа. Ете сега ги целиваме Неговите замрени нозе кои ја осветија земјата, благовестејќи мир насекаде; ги милуваме Неговите раце, во кои железни клинци беа забодени – истите оние раце што ги хранеа гладните, што ги допираа слепите и лепрозните за да ги исцелат и мртвите за да ги воскреснат. Нашите очи гледаат во Неговите склопени очи и се скрушуваат срцата пред мислата, дека од Неговиот благ поглед извираше утеха за мнозина бедни и страдални, а сега е прекриен со раните кои Му ги нанесоа силните удари. Молчи и Неговата пречиста уста од која слатки зборови се слушаа, занеме Оној пред чија што заповед не се спротивстави ни морската бура, ни неизлечивата болест, ни демоните кои човештвото го измачуваа.

Сега злобните Јудеи го запечатуваат темниот Гроб и си мислат дека сè е завршено. Ликуваат, оти таму на Голгота, Он им се виде како бессилен, а во Гробот безживотен. И навистина речиси сè е завршено, ама не онака како што тие очекуваат. Токму зад гробот, таму каде што продолжува животот, Он дејствува. Он го уништува адот! Христос, моќниот и силниот, го уништува местото на гневот, каде со векови беа врзани човечките души. И додека со болка и трепет гледаме во Христовиот гроб, додека умот ни се збунува пред длабочината на оваа надумна тајна, прашувајќи се: „Зошто беше потребно Бог да го претрпи сиот тој ужас за од ужасната смрт да нè избави“, возљубениот Божји ученик, светиот Јован Богослов, ги разрешува нашите дилеми и ни одговара: „Зашто Бог е љубов!“

И ете, во овие неколку дена, ова прекрасно собрание на верни, кое побрза кон Бигорската свештена Обител за со својот Старец, архимандрит Партениј, да ги сподели највозвишените чувства, беше сведок на повеќе собитија. Најпрвин слушнавме за Јудиното предавство, потоа го видовме страшниот призор на биениот наш Господ и со огромна болка стоевме пред Неговото Распетие. Тагуваа и срцата наши пеејќи ги трогателните погребни статии и поклонувајќи се на Христовиот гроб – со умилна љубов раскошно украсениот Епитаф. И литијата со спуштени знамиња ја пренесуваше болката за Царот наш, што сега мирно лежи во гробот. Но, таа болка е краткотрајна оти само малку подоцна, пак, го чувме и пророштвото за коските што ќе оживеат, изречено уште многу векови пред Христа од устата на големиот пророк Језекил… И ете, веќе извираат првите спокојни воздишки, нешто почнува да се менува! Длабоката смисла на ова пророштво го менува расположението на душата, која се исполнува со тивка радост. Суви коски што Бог ќе ги оживеат, коски кои со помош на Духот Божји ќе се раздвижат, ќе се исправат на нозете свои и ќе станат народ многуброен, што ќе Го познае својот Господ! Зарем во овој миг не оживуваат и срцата наши?! Зарем Духот Свет не нè раздвижува и исправа пред Бога Спасителот, подготвувајќи нè да ја чуеме новата вест што ја промени на целата Вселена?!

Сега нова надеж блеснува во нашите души. Чиниш целото создание се облекува во нова и светла облека; сè е исполнето со очекување на торжествена прослава. Лицата – озарени со нетварна светлина, срцата – полни со небесна радост, сè е пронижано со зраците на Воскресението. И сега ја разбираме големината на Божјата љубов: Он го поднесе сето ова, за да оживееме, ние, кои се бевме умртвиле од гревот.

Се радуваат и најмалите како од сонце огреани од љубовта на Старецот, кој освен својата насмевка им подари и украсени пасхални свеќички. Истата таа љубов ги огреа и браќата и сестрите од нашите свештени Обители, како и штитениците, кои го добија неговиот благослов, примајќи голема пасхална ламбада.