Вечерва како венец од најсвежи рози се редеа: „Радувај се… Радувај се… Радувај се…“ и секое срце се исполнуваше со радост и благопријатност, оти Сецарицата Мајка го покрива светот со љубов и сожаление под плаштот од своите молитви. Навидум обичен ден, сега петокот во светиот Пост блеснува со посебен сјај бидејќи се исполнува со хвалоспеви и слава што Црквата со благодарност ѝ ги оддава на Пресвета Богородица Марија, непосрамливата надеж на Христијаните. Заради Неа сите ние ликуваме зашто да не беше таа, мостот меѓу Небото и Земјата, човештвото не ќе можеше да се израдува и надеж да има. Затоа незамолчливо ја поздравуваме: Радувај се, Мајко на Христа Бога!
Обителта на Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј во Рајчица кадешто монахуваат нашите сестри беше удостоена со присуството на нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кој ѝ ги возгласи поздравните пофалби на Богородица и го започна празничното торжество што за централен настан ја има Светата Евхаристија во вториот неделен ден од Светата Четириесетница посветен на Светиот Григориј Палама Солунски.