Бигорски манастир – рај за очите, мир за душата

8 јануари 2013 Овој свет храм сместен крај реката Радика, покрај шуми, ливади и раштркани села, го зема здивот на обичниот намерник. Тајната на Бигорскиот манастир се крие во жедта човекот и светот де се преобразат, да постанат нов човек и нов свет.

Има многу места во светот кои го пленат погледот, но сосема малку на број се оние што ја одмараат и успокојуваат и душата. Бигорски во себе ја крие привлечноста на обете – и чудесна глетка за очите и неискажан мир на душата. Ова светилиште во себе ја крие и тајната за неговото необично создавање, таинствената посета на Крстителот преку својата чудотворна икона, која уште од дамнина го благословила ова место.

Цели десет века од неговото создавање во 1020 година, Бигорски го нудел своето гостопримство и молитвен покров за сите намерници: и подвижници и верници и туристи, поклоници, и оние кои ја барале неговата помош, оние кои дошле надевајќи се на исцеление, па дури и за оние кои дошле привлечени од раскошниот пејзаж и уникатниот иконостас.

– Тој бил и остана значаен дел од нашата историја, неодминлив фактор во борбата за нашата национална самобитност и богата ризница на нашата култура и православна духовност. Воскреснувал и замирал, но никогаш не ја запрел до крај својата од Бога дадена мисија за спасување на човечките души. Така е и сега. Новото Бигорско братство, мудро раководено од својот игумен, архимандрит Партениј, кое одново го разгоре огнот на духовната просвета во манастирот што беше напуштен по војната, влеа нови животни сили. Вградувајќи се и себеси во возобновениот духовен и непробоен бедем на Православието на овие простори, монашкото братство кај верниот македонски народ повторно го разбуди интересот за ова наше, по малку заборавено светилиште, вели отец Доситеј.

Во овој манастир дише Светогорски монашки дух, кој веќе десет века раѓа  духовни водачи, преподобни старци. Сета историја на манастирот, неговиот живот, фреските и иконите, се што во него било и е создадено, се што е негово минато и сегашност, говори за еден непрекинат стремеж кон Бога. Токму затоа уште од дамнина манастирот непрестајно ги привлекувал мирјаните, станувајќи најсакан Божји дом за сите православни Македонци од овој крај.

Историја на манастирот

Во времето кога на овие простори царувал Самуил (976 – 1014), монахот Јован, кој потекнувал од дебарскиот крај, по шест години откако ја нашол чудотворната икона, т.е. во 1020 година, на местото каде што ја пронашол, подигнал поголем храм, околу кој започнало да се собира монашко братство. Со тоа, Јован Дебарски станува првиот ктитор на светата бигорска обител.

За време на своето постоење манастирот најмногу пострадал за време на турското ропство, кога бил неколкупати рушен и пален. Но св. Јован Крстител не дозволил неговата света икона да биде уништена. Така, на два пати кога манастирот бил до темели уништуван, иконата на чудесен начин самата исчезнувала и се селела на друго место. Првиот пат иконата се преселила во еден манастир помеѓу Струга и Дебар, каде што и денес има црква што се вика „Св. Јован Бигорски“. Вториот пат, си нашла привремен дом во с. Слатино, Дебарца. И во Слатино има црква што го носи името „Св. Јован Бигорски“. Иконата повторно се вратила во манастирот во времето на неговиот возобновител, игуменот Иларион (1743 – 1781/2).

Бидејќи местоположбата на манастирот била таква, тој да се наоѓа во најразбојничкиот крај во Западна Македонија, бројни биле опасностите за него и само благодарение на чудата на св. Јован, манастирот опстанал. 

Историја на архитектурата

Денешниот манастирски храм датира од крајот 18. и самиот почеток на 19 век. Во тоа време конаците ги сочинувале неколку згради. Монашкиот конак, веднаш до црквата, познат како „Горни Палат“, бил изграден во 1814 год. Највпечатливиот дел, беше вешто изработениот чардак, кој со надворешно издадени скали ги поврзуваше двата ката на конакот. Приземјето отпрвин го сочинувале простории што служеле за производство на кашкавал, сирење и др. Подоцна, пред пожарот, тука се наоѓаа манастирската кујна, како и магацинските простории. Монашките келии беа распоредени по чардакот на двата ката. Покрај нив,  тука се наоѓаа и владичките одаи, заедничката соба за монасите која до последно служеше за истата намена, канцелариските простории со архива и библиотека  со богато изрезбани плакари за книги и шивалната просторија, која подоцна беше преуредена во келија за монаси.

Особен и впечатлив белег на третиот кат од конакот беа некогашната игуменска соба и владичките одаи, поради нивната издаденост од конакот.

Северо-западно од црквата се наоѓаше конакот со трпезарии, кој бил граден од 1820 до 1825 година. Тука биле сместени машката трпезарија и синодиконот (подоцна мала трпезарија), а веднаш под нив се наоѓале женската трпезарија и архондаричката одаја.  Поранешната женска трпезарија,  која се наоѓала веднаш под машката, беше преуредена во богата галерија, каде што беше сместена манастирската ризница.  Овде беа распоредени ретки икони, древни црковни предмети, фрагменти од резби, стари богослужбени одежди, стари крстови и други предмети  со историска вредност.

Трепезаријата се до пожарот постоеше во својата изворна состојба при што беше запазена и нејзината намена. Архондаричките одаи, пак,  се одликуваа со прекрасни резбани тавани – розети и вградени, резбани детали по ѕидовите. Подоцна едната одаја служеше како гостинска приемна просторија и беше збогатена со колекција од портрети на старите игумени на манастирот.

Меѓу конакот со трпезарии и „Горни Палат“ беше сместена некогашната манастирска магерница (кујна), со помошна фурна, со што му се даваше една функционална целина на конакот. Магерницата со големото засводено огниште и мала вградена фурна до крај го имаше запазено својот автентичен изглед и намена, а под неа се наоѓаше големата фурна и магацинските простории. 

Западно од црквата се наоѓал „Момочкиот конак“ кој бил изграден во 1870 година  и бил наменет за живеење на  момоците – помошници. Приземјето на овој конак служело како перална, поради неговата близина до чешмите, а на спратот биле просториите за живеење. Изгледот на конакот се карактеризирал со впечатлива меѓукатна дрвена конструкција која завршувала со многу издадена стреа, правејќи конакот совршено да се вклопува во манастирскиот амбиент.

Меѓутоа, во 60-те години од минатиот век, од непознати причини, конакот бил срушен и денес овде има пространо бетонско плато. Веднаш зад „Момочкиот конак“ се наоѓала „Сејменската кула“, каде што живееле чуварите – сејмени. До спратот за живеење се доаѓало преку надворешни скали со мал наткриен чардак. Денес кулата е пренаменета во мал параклис посветен на „Св. Ѓорѓи Кратовски“.

Друга впечатлива градба која се наоѓа јужно од црквата е манастирската костурница, направена од зеленкав, делкан  камен во 1827 год. Во неа се наоѓале черепите на упокоените монаси, кои во периодот на комунизмот биле скриени во темелите на костурницата. Веднаш над влезот од манастирот постоел конак наречен Долни Палат, кој изгорел во 1912 год. Стариот конак, заедно со другите конаци и градби, сочинувал една затворена целина. Конакот се одликувал со посебна уметничка обработка на вратите и таваните, кои биле  различни во секоја одаја, така што одаите со богато уредениот ентериер  се користеле  за прием на гости. Конакот го формирал влезот во манастирот во вид на полукружна аркада, со манастирска чешма во влезот, како особен украс на целиот конак.

Манастирското братство, како што велат во Бигорски,  се потруди да му го врати автентичниот изглед на  манастирот, со тоа што целосно го возобнови овој раскошен гостински конак. Внатрешноста на „Долни Палат“ е комплетно автентична и е збогатена  со уште еден кат и параклис посветен на празникот „Благовештение“.

Црквата

Централното  место во Бигорскиот манастир го зазема соборниот храм познат како католикон. Тој бил изграден по углед на светогорските манастири, кон крајот на 18 век и претставува еден од првите храмови со големи димензии, во периодот по освојувањето на Турците. Дело е на мајстори-градители, копаничари и зографи од  дебарскиот крај.  Граден е во две етапи, при што прво е изграден западниот дел, а  олтарниот е додаден нешто подоцна.

Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е иконостасот, врвно, резбарско дело на мијачките копаничари Петре Филиповски – Гарката  од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник, кои  го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. Во истиот тој период биле повикани и познатите зографи од Самарина,  Михаил и неговиот син Димитар, кои ги завршиле иконите на иконостасот, така што заедно со иконите, тој формира една целина, еден целосен приказ на Светото Писмо во резба.

Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари сместиле сцени од Стариот и Новиот Завет. Покрај човечката фигура, во декорацијата на иконостасот присутни се  и разновидни животни, како и цветни мотиви.

Иконостасот е прилагоден на димензиите на црквата. Затоа овде се наоѓаат три реда икони, што е редок случај, бидејќи почесто се среќаваат иконостаси со само два реда икони. Резбаните правоаголни табли под престолните икони се најубавиот дел на иконостасот во Бигорски. Тука се претставени повеќе од 500 човечки и  околу 200 животински фигури,  илустративно е претставен Стариот и Новиот Завет. Под престолната икона на Св. Јован Крстител се претставени повеќе сцени од неговиот живот, меѓу кои најубаво е претставено „Отсекувањето на главата на Претечата“. Најгорниот дел од иконостасот е еден од најимпресивните и него го красат големиот крст од Распетието Христово и неговите придружни делови.

Внатрешниот амбиент на манастирската црква е надополнет и со два стола:  владичкиот и игуменскиот. И двата стола се дело на истите мајстори – резбари, што го изработиле иконостасот. Владичкиот стол е поставен во средишниот дел на црквата, до десниот стол, свртен со лице кон олтарот. Додека, пак, игуменскиот стол има идентично резбарско украсување како владичкиот, но за разлика од него, над седиштето е поставена икона на Богородица  со Христос, а пред нив е претставен Св. Јован Претеча.
Иконата на Св.Јован Крстител: вистинита и чудотворна

Иконата носи едноставна и мирна порака. Од самата икона, од лицето на светителот прикажано на неа, се излева една светлина, која носи мир, спокојство и радост. Сето ова ќе го почувствува човекот кога ќе застане пред чудотворната икона на Претечата, која ги пречекува сите поклоници во Бигорскиот манастир. Зрачејќи на влезот во храмот, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен извор, излева благодат која чудотвори. Затоа, монасите кои живееле тука во 19 век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.

Едно од чудата е и самиот начин на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Но, таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот.

Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројано мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата, преку својата икона,  им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Како што се нижеле чудата, така се  множеле и даровите пред иконата. Секој дар крие вистинита приказна  зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Св. Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.
Светите мошти

Благодатта во црквата ја дополнуваат и чудотворните мошти, на бројни жители на Ерусалим, кои се наоѓаат во наосот, во големиот кивот, изработен во 1834 год, како и во олтарот на храмот. На капакот од надворешната страна на кивотот, во медалјон од ковано сребро, е изработено Распетието Христово со Богомајката и Св. Јован, а од внатрешната страна, зографите Михаил и Даниил ги живописале ликовите на светиите, чии мошти се вградени во кивотот. Истите овие ликови се прикажани во сребрена релјефна гравура, претставени во кивотот. Тука се наоѓаат моштите на Св. Јован Крстител, кои се мироточиви и исцелителни, како и оние на Св. Марина, Св. Параскева, Св. Евстатиј, Св. Пантелејмон, Св. Јаков, брат Божји, Св Јулита и Св. Кирик, Св. Трифун и Св. Харалампиј, додека недостигаат моштите на Св. Никита, кои исчезнале во времето на комунизамот. Сите мошти биле донесени од Цариград и биле подарени  на манастирот од богати трговци.

Во манастирот се наоѓаат уште  и моштите на светителот Агатангел Битолски, кои се чуваат во олтарот на црквата и се изнесуваат на поголеми празници и бденија. Самото доаѓање на моштите во манастирот е поврзано со едно чудо, што светителот го направи, со цел овие мошти да бидат запазени, бидејќи во 1997 година отец Партениј зеде дел од моштите на Св. Агатангел, кои се чуваа во црквата Св. Димитриј во Битола. Две години подоцна, поголемиот дел од моштите, кои останаа во Битола, за жал, беше украден. Така моштите што отец Партениј ги зеде, беа единствени што останаа зачувани во Македонија. Следната година, на барање на споменатата црква, отец Партениј им врати дел од моштите.

Покрај овие мошти, во олтарот се чуваат уште и моштите на Св. Климент, Св. Јован Руски, Св. Стефан, Св. Серафим Саровски, Св. Варвара, Св Лазар Четиридневен, Св. Климентиј и др. Моштите се непроценливо духовно богатство за манастирот, зашто преку нив, овие светители се молитвено и благодатно присутни во храмот.

Игумени

Сите игумени во историјата на Бигорскиот манастир се Македонци, претежно од Мијачкиот крај, кои придонеле да се создаде културно-просветно упориште во манастирот.

Прв познат игумен во поновата Бигорска историја е игуменот Иларион, а највлијателниот меѓу игумените е Арсениј, кој придонел за материјалната и духовната надградба на манастирот од 1807 до 1839 год. Тогаш храмот бил доукрасен со прекрасен дрвен иконостас, биле обновени старите конаци, а машката трпезарија била целосно фрескописана. Во 1870 год. по еден подолг период без постојан игумен, со манастирот почнал да раководи игуменот Михаил. Тој се погрижил да го извади манастирот од економската криза во која бил западнат, обидувајќи се да ги исплати манастирските  долгови, преку собирање помош од наши верници во соседните земји. Наследникот, пак, на Михаил, епископот Никодим, кој за игумен дошол во 1907 год. не оставил многу траги од своето игуменување, додека за игуменот Партениј се знае дека игуменувал два пати: еднаш во 1912 и подоцна, од 1916 до 1918.

Игуменот Спиридон бил последен игумен на манастирот. Тој бил замонашен на Света Гора, а  за собрат на манастирот  бил примен во 1901 год. Истата година станал  јеромонах, а нешто подоцна бил назначен и за игумен. Овие игумени на Бигорската обител ја вградиле сета своја љубов кон Бога во манастирот.

Архимандрит Партениј

Актуелниот игумен на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, го започнува својот духовен пат во средното богословско училиште во Скопје. Потоа, го завршува и Теолошкиот факултет во Скопје.

Сепак, неговото вистинско духовно созревање започнува во манастирот Грегоријат на Света Гора, каде престојува извесно време. По враќањето во земјава, во 1995 година, доаѓа во Бигорскиот манастир, кој, по подолг период на духовна замреност и материјална запустеност во времето на комунизмот, повторно заживува и тука отец Партениј прима монашки потстриг, а истата година е ракоположен и за ероѓакон и еромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 год. е одликуван со граден крст со архимандритски чин.

Игумен Партениј целосно се вложува во светата мисија за враќање на некогашниот сјај и достоинството на Бигорското светилиште, со што го продолжува делото на неговите славни претходници. Знаејќи дека духовната обнова на секој манастир започнува со обновата на литургискиот живот, о. Партениј го воведе типикот на секојднево служење на Божествена Литургија, со утрени, вечерни и други богослужби. Тоа привлече голем број верници, кои во возобновениот манастир ја забележаа духовната преродба, што долго време недостасувала овде.

Монашкиот живот

Новата Бигорска монашка обител сега ја сочинуваат девет монаси и шест искушеници. Монашкиот живот во Бигорскиот манастир е подреден на типик, којшто отец Партениј го доби како благослов од својот старец на Света Гора. Така, во одреденото време за служба,  монахот кој има такво послушание, кружејќи низ манастирот, трипати го бие клепалото, на секои 15 минути и најпосле, во 16 часот, свечениот звук на камбаните го навестува почетокот на вечерната служба. Најпрво, монасите се поклонуваат на светите икони, земаат благослов од еромонахот кој служи и потоа  ги заземаат своите места на дрвените столици, што како отворени гробови, ги прима�т во себе оние кои го избрале животот на распетие. Наскоро потоа се слушаат стиховите од псалмот за постанокот на светот, со кој се означува и почетокот на вечерната.

По заедничката служба, монасите се собираат во трпезаријата, која многу наликува на црква, бидејќи има фрески. Главното место во трпезаријата го зазема игуменот, а веднаш до него се еромонасите. Трпезата (ручекот и вечерата), иако има некаква формалност, сепак е скромна. Монасите во општежитие никогаш не јадат месо додека во посните денови – понеделник, среда и петок, постат без масло. За време на трпезата се слуша само гласот на монахот, кој чита за  житието на светителот на денот или некаков поучителен текст.

Денот завршува со мало повечерие, кога се чита Акатист пред иконата на Мајката Божја. Во примракот на црквата се гледаат само запалените кандила. Службата става крај на изминатиот ден, со поклон пред иконите и последен благослов од игуменот. Службата завршува со Божествена Литургија,  која е круна на дневните и ноќните молитви.

Работата е неделив дел од животот на секој монах во Бигорскиот манастир. Во своето монашко секојдневие, работат во храмот, во кујната, во манастирската градина…Ништо не се прави без благослов на игуменот, кој во манастирот го претставува Христа. Сé се прави со љубов. Било да зографисува икони, или изработува митри, прави свеќи, бројаници, темјан, произведува мед или ретки пијалоци по стари манастирски рецепти, монахот тоа го прави со целосна посветеност.

Митри

Изработката на митри е едно ретко ракоделие, единствено во нашата земја, што сестрите од манастирот посветен на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица го имаат наследено од својот старец, архимандрит Партениј – игуменот на Бигорската света обител. Ова древно искуство е зачувано во Црквата уште од времето на Византија. Имено, православната митра е моделирана според византиската царска круна, бидејќи привилегијата да носи митра Вселенскиот патријарх ја наследил од византиските цареви, а преку него, таа се пренела и на сите архиереи. Од тогаш изработката на митри се пренесувала од мајсторите на учениците, низ многу векови, со што традицијата се запазила до ден денес.

Тајната на ова ракоделие на отец Партениј му ја открил покојниот митрополит Геласиј од Бугарија. Митрата е дел од богослужбената одежда на епископот и го симболизира трновиот венец на Спасителот. Митрата го претставува и царското достоинство на епископот, бидејќи на богослужбата епископот ја  преставува и царската служба на нашиот Господ Исус Христос.

Митрата треба да е достоен одраз на Божјата слава и затоа митрите се украсуваат со многу блескави полускапоцени камења,  рачно везени златни и сребрени орнаменти, емајлирани, зографисани икончиња, византиски двоглав орел и најпосле се опремуваат со раскошно украсен позлатен крст. Секоја митра е уникатна креација. Митрите што овде се изработуваат веќе ги носат и многу епископи во светот, вклучувајќи ги тука и најсветите патријарси како Ерусалимскиот, Рускиот и Вселенскиот патријарх Вартоломеј.

Опожарен Бигорски

Големиот пожар што го снајде Бигорски во 2009-та година целосно го уништи монашкиот конак со својата уникатна и живописна архитектура. Среде оваа, според многумина, голема трагедија, врските во Бигорското братство не само што не се раскинаа, туку дури и уште повеќе се зацврстија. Братството, вели отец Доситеј, имаше бројни прилики да ја почувствува и поддршката на верниците и беше трогнато од нивната навистина голема несебичност и љубов. – Тоа за монасите беше не мала утеха и силна причина уште поревносно да го продолжат својот подвиг, останувајќи цврсто на својот пат во служба на Бога и ближниот, свесни за својата голема одговорност пред Бога да го запазат пламенот на духовноста незгаснат, бидејќи тоа е она што ги преобразува душите и ги приведува кон Бога. Зашто, како што велат самите верници, нема пожално нешто од една раскошна и импозантна манастирска градба во која недостасува оној живоносен изблик на духовни струи, што му ја дава суштинската одлика на вистинското духовно лечилиште, истакнува отецот.

По огнената стихија

Богатиот духовен живот и покрај сите искушенија и тешкотии, продолжува со засилен интензитет. Браќата го исполнуваат целиот богослужбен круг и во тој поглед по пожарот нема некаква посебна разлика во нивното секојдневие, освен зголемената физичка активност околу возобновата на изгорениот манастирски конак. Ниту во поглед на духовната мисија што овој манастир ја врши, нема никаква разлика. Верниците и бројните духовни чеда и натаму доаѓаат, се исповедаат, заедничарат со браќата на богослужбите и секојдневните послушанија, делејќи ги со нив сите радости и таги.

Она што можеби е малку поинаку, раскажува отецот Доситеј, е тоа што по огнената стихија која проголта дел од манастирот, Бигорски стана многу попознат на нашата медиумска јавност. Како да требаше да се случи пожарот, вели тој,  за уште посилно да блесне светлината од  духовната преродба што се случува овде еве веќе цели 17 години.

– Така овој немил настан послужи за очите на јавноста да се отворат и да го видат благородното и родољубиво дело што овие монаси го прават од љубов кон Бога, својот народ и својата родна земја. Зашто благодарение на огненото искушение и зголемениот интерес на новинарите и кај оние што претходно не биле тука се јави желба да го посетат манастирот покрај Радика, па многу од нив, откако ќе дојдат и ја почувствуваат љубовта на браќата, доаѓаат и по вторпат и третпат, станувајќи така и самите дел од големото семејство – Црквата, додава отец Доситеј и притоа истакнува дека Бигорскиот манастир е вистинско сведоштво за тоа дека онаму каде што Бог ги вдахновува луѓето, нема искушение кое би можело да ја победи нивната силна вера, храброст и неизмерна љубов кон ближниот.

– Како светлината што блесна од Бигорскиот духовен светилник да беше токму она што му недостигаше на духовно изгладнетиот народ, па сè поголем број богокопнежливи души ги управуваа своите чекори кон ова наше топло гнездо и таму наоѓаа вистинска утеха, радост, мир и љубов. Нив овде ги донесе нешто повеќе од убавата природа и раскошната архитектура, а тоа е богатиот духовен и литургиски живот и тоа како со невидливи врски засекогаш ги поврза со Бигорското светилиште и монашко братство. Зашто Бигорскиот манастир никогаш и не бил ограничен само на својот конкретен простор, вели отецот и оценува дека тој е во срцата на сите оние кои Божјата промисла ги довела овде и кои, заминувајќи, понеле со себе и дел од него.

Автор: Пандорка Арсовска Гацова