На многаја лета, Ваше Блаженство

Навистина неискажливо благодатни и исполнети со божествена радост се овие пресветли денови на Рождественското торжество! Откако најпрвин со мудреците и пастирите се поклонивме пред Витлеемскиот Богомладенец, Ѝ оддадовме достојна чест и на Богомајката, Којашто во Себе Го смести Несместливиот, подарувајќи Му тело на Творецот на сѐ. Сега, пак, пред нас силно сјае сеславниот спомен на прекрасниот и совршен слуга Христов – св. архиѓакон и првомаченик Стефан. Овој родоначалник на ѓаконите и начало на мачениците прв со својата крв ја украси новозаветната Црква Христова, засветли како ангел во тело и во најдлабоко смирение и совршена љубов Му го предаде својот дух на Господа. И затоа Црквата Христова со неизмерна почит и радост си спомнува за неговиот светол спомен и го восхвалува неговиот добар подвиг и маченички венец.

Но, нашата света Мајка, Македонската православна црква – Охридска архиепископија, има и уште една дополнителна причина за радост: именденот на нејзиниот претстојател и наш архипастир, г. г. Стефан. Поведен од должната почит и љубов, нашиот старец, архимандрит Партениј, со дел од раичкото сестринство, денес го посетија Неговото Блаженство во архиепископската резиденција, каде што им беше укажано големо гостољубие од негова страна. Притоа, честитајќи му го од името на целото наше братство и сестринство именденот на возглавителот на Светиклиментовото седиште, старецот му подари еден навистина драгоцен дар – прекрасна архиерејска митра. Оваа необично убава ракотворба, подолго време се изработуваше со несебична љубов и посветеност од страна на монахињите во Рајчица, а за нејзиното украсување беа искористени повеќе големини и видови на благородни бисери, меѓу кои и препознатливиот охридски бисер. Покрај топлите и благодарствени пастирски зборови, и озареното лице на архиепископот јасно ја покажуваше неговата радост и благодарност за оваа монашка посета и за прекрасниот дар. Нашиот старец и сестрите му посакаа на Неговото Блаженство долголетие и благодатни сили од Господа во понатамошното носење на тешкиот крст како наследник на Светиклиментовиот престол и духовен пастир на стадото на Охридската архиепископија, а ги запросија и неговите свети молитви за духовно благоуспевање на нашето братство и сестринство.

Нека светиот и славен архиѓакон и првомаченик Стефан молитвено го закрилува и помага нашиот архиепископ во подвигот на раководење со нашата Мајка Црква!

На многаја лета, Ваше Блаженство!