Рождество Христово

Секој ќе падне во крајна недоумица откако ќе размисли за чудото: како Бог слегол од небесата и си приготвил живеалиште во Мајчина утроба; како Божјата природа се облекла во човечко тело и не се гнасела да живее девет месеци во утроба; како утробата, бидејќи тело, можела да држи во себеси оган, и како во слабата утроба живеел пламен, без да ја изгори?! Како што капината на Хорив Го криела во себеси Бога – така и Марија Го носела во својата утроба Христа. Ново чудо извршил Бог во средината на земнородените: и Сам се раѓа од Жена Која не познала маж – и Оној, Кој Го проповеда, се раѓа не по редот на природата. Тој го мери небото со Својата педа, а се полага во јасли во размер на земна педа. Морето го поставува во Својата дланка, а се раѓа во пештера. Неговата слава ги полни небесата – пештерата, пак, го открива величието Негово.

Св. Ефрем Сирин

Кој може да остане рамнодушен на ваквата чудесна пројава на Божјата милост! Господарот на небото и земјата од љубов осиромаши – осиромаши до мерата на нашата телесност за нас да нe збогати и издигне до степенот на Неговото Божество. Колку голема и неискажлива тајна! Ние добивме подобие Божјо, но не го сочувавме. Сега Он го прима нашето тело за и подобието да ни го врати и телото да ни го обесмрти. „Затоа и го зема моето тело, за да Го примам и јас Неговото Слово. И, Оној Кој го зема моето тело, ми Го дава Својот Дух, та давајќи и земајќи да ми се даде ризницата на животот“ – торжествува св. Јован Златоуст. И Бог стапува во ново општење со нас, многу повозвишено од првото, зашто ни го дава подоброто, а на себе го прима полошото. Да го празнуваме, затоа, со духовно ликување овој пресветол празник; не наш празник, туку празник на Оној, Кој постана наш, не празник на слабоста, туку на исцелението. Да се зарадуваме и возвеселиме како што се зарадува Претечата во утробата на својата мајка, кога Ја виде Мајката на својот Бог. И уште повеќе, зашто нам ни доаѓа Самиот Спасител, духовното Сонце слегува на земјата за со Своите зраци земјата да ја огрее и душите да ни ги просветли.

Еве, Витлеемската ѕвезда повторно заблеска на бигорското небо, повикувајќи ги верните, како мудреците од Исток, да дојдат и да Му се поклонат на Богомладенецот, Кој денес се раѓа од Пречистата Дева. И тие, следејќи го нејзиниот благодатен сјај, од сите страни се собраа во Бигорското светилиште, носејќи ги со себе своите дарови, кои, во своите со постот очистени души, ги подготвиле од љубов за воплотеното Слово. А Бигорски радосно ги пречека своите возљубени гости, пеејќи ја ангелската песна и ликувајќи заедно со пастирите, свечено украсен да биде вистинска пештера и јасли за Оној, Кој ги приклони небесата и слезе, предвечниот Бог. Понесени од тој предбожикен дух придојдените верни се придружија на монашката бадникова радост и откако се собраа во манастирската библиотека, од своите срца на Новородениот најпрвин Му принесоа прекрасни божикни каланди, кои чудесно прозвучија низ високите бигорски сводови. А стиховите на каландите добија нова сила, зашто беа излеани и од чистите детски срца и весело ѕунеа низ нивните распеани детски гласчиња. Какво неискажливо навестување на сеноќното молитвено торжество, кое сите со силен копнеж во душите толку долго го очекувавме.

Бигорскиот храм веќе беше подготвен да Го прими во своите пазуви навестуваниот од ангелите Спасител. Низ сиот тој нежен сплет од цвеќе, раскошно се издигнуваше украсената пештера и како пред очите на сите да ја оживуваше необичната библиска сцена: Детето повиено во јасли, Пречистата Дева, Која се удостои во Својата утроба да Го смести Несместливиот, кротките животни со приклонети глави пред својот Творец, пастирите и мудреците со своите дарови… Се откриваше големата и несфатлива тајна на Божјиот домострој за спасение на целото огревовено и духовно умртвено човештво. И таа чудесна глетка во душите на присутните приготви угодно место за благодатните зборови на нашиот пастир, архимандрит Партениј, кој одново ги сподели со нас своите духовни размислувања и поуки, вдахновени од овој радосен и спасителен празник:

„Добро ни дојдовте сите во светата обител! Морам да ви признаам дека немам соодветни зборови да ја искажам радоста за денешниот голем празник, кој е митрополија на сите празници, а и радоста поради тоа што имав можност на бадниковата вечер да ве прегрнам сите, да ги видам вашите прекрасни лица, кои многу ми значат, сите оние на кои им сум духовник, а и оние што не ми се духовни чеда, зашто сите сме едно во Христа, сите сме Црква Божја. Кога ве прегрнував денес, јас всушност прегрнував дел од Црквата Божја во Македонија. Вечерва на браќата им раскажував за времето кога дојдов во манастир, заедно со сегашниот митрополит Брегалнички, г. Иларион. Кога наближи првиот Божик, ние премногу се радувавме на празникот, постојано созерцававме за него, но бевме тажни што немавме никој околу нас за да го прославиме заеднички, немаше народ. Малкуте верници што тогаш ги имаше, решија Христовото Рождество да си го прослават во своите парохиски цркви, а така и требаше, бидејќи и тие беа сосема малку на број. Се јавивме на луѓето во блиското село Ростуше и ги замоливме да ни дозволат да служиме во нивната црква за заедно со нив да ја споделиме божикната радост. Тие се согласија, но ни напомнаа дека долго време не виделе свештеник и немаат навика за служби во црква. Така, отидовме и служевме, но додека ние се молевме, тие си разговараа надвор од храмот, во трпезаријата. Колку тогаш ќе се радував да имав барем еден од вас покрај мене! Затоа денес, посебна радост ми е што на овој ден ве гледам во толкав број, срцето ми е исполнето со огромна љубов и не можам а да не помислам: Колку е голема љубовта Божја! На овој ден Он го прегрна целиот свет со Својата љубов, со Своето снисходење, кога слезе при луѓето и стана она што не беше, стана човек. Се роди во скромна пештера во Витлеем, а претходно девет месеци живееше во човечка утроба и не се згнаси од тоа – и сето тоа од преголема љубов за нас.

Сите ние во животот сме имале мигови, кога сме се радувале и восхитувале, гледајќи ги Божјите созданија.Така на пр., гледајќи навечер во небесниот свод, украсен со ѕвезди, се воодушевуваме како тие блескаат со трепетлива светлина и колку е чудесна месечината која управува со ноќта. Дење, пак, додека патуваме низ различните предели, се восхитуваме од прекрасните глетки и пејсажи, од планините раззеленети со прекрасни дрвја, од таинствената длабочина на океаните и убавината на реките… И секој човек, па и оној кој не верува, соочен со оваа убавина, се исполнува со некаква радост, неизмерна радост и восхит, а мудриот, пак, човек преку сета оваа прекрасно создадена твар лесно ќе Го спознае Творецот – Бога. Бог, како најголем Уметник и Творец на овој свет, откако со огромна љубов го создаде светот и така прекрасно го украси, на сето создание најпосле му го даде и највозвишениот украс – човекот. Токму тоа и се кажува во првата книга од Светото Писмо, каде стои дека Бог го создаде човекот по Својот образ и подобие и го постави за круна на целото создание. Гледајте, каква неискажлива љубов на Господа! Бог толку го возљуби човекот што го постави како господар на сe од Него создадено и му даде таква привилегија да ги именува животните, да му даде име на сe што Бог создаде во светот. Но му даде и нешто многу повеќе од тоа – Бог му го даде на човекот дарот да општи со Него. И сега, замислете, какво е чувството да се општи со Бога! Ако созданијата ни причинуваат толку голема радост, тогаш каква, пак, радост се чувствува, кога нашата душа ќе се сретне со Создателот! Но човекот, знаеме, ја прекрши единствената заповед, којашто му беше дадена и така ја изгуби заедицата со Бога, ја изгуби литургијата за која беше создаден, ја изгуби честа да се радува со Бога. А кога Адам го изгуби општењето со Бога, после сторениот грев, тој почна да чувствува страв од гласот Божји. И кога Бог го бараше во Рајот, како што читаме во Библијата, тој се исплаши и се сокри од Него. Прогонет од Рајот, човекот отиде во туѓа земја. Тогаш, за жал, сите земни созданија ја изгубија онаа првобитна благодат, зашто царот на творението, човекот, отпадна од својот Создател. Се нарушија и сите природни закони. Сепак, најжално беше тоа што, по падот, кога гревот влезе во светот, за човекот стана невозможно да се врати при Бога и повторно да општи со Него. Но семилостивиот Бог не го остави да страда, туку Го испрати Својот единороден Син, Кој стана човек, за човекот да стане бог по благодат, и така повторно да се воспостави прекрасната заедница помеѓу Бог и човекот.
Празниците Господови не се само едно сеќавање за одредени моменти од животот на Христа, туку тие ни отвораат порта за општење со Бога, преку светата Литургија. Зашто во таа светла Божикна ноќ, кога Бог се роди во пештерата – да искористиме тука една теолошка симболика – Он целиот свет го направи храм Божји. Според светиот отец наш Атанасиј Велики, и самата пештера во која Бог се роди од Пречистата Дева Марија, е своевидна Божја Црква, каде што Он е првосвештеник, а Пресвета Богородица, пак, е Негов престол. И бидејќи преку овој празник Божјата и човечката природа конечно се соединија, а Божјата природа е вечна и вечно соединета со човечката природа, така и ние на светата Литургија, причестувајќи се со Телото и Крвта Христова, се соединуваме со Бога, стануваме сотелесни со Него, со Оној, Кој го прими човечкото тело, го обожи и го направи вечно, совршено. Токму затоа постојано напоменуваме за тоа колку е важно честото причестување, колку е важно нашето редовно учество на светата Литургија, која не трае само таму во храмот, туку продолжува и надвор, во сите аспекти на нашето христоцентрично постоење. Кога ние на вистински начин општиме со Бога, причестувајќи се со Неговото Тело и Крвта, ние повторно стекнуваме подобие Божјо и ја исполнуваме до крај заповедта што Господ ни ја дал: Да ги љубиме ближните како себеси. Токму затоа во вас јас видов Црква Божја. Радувајте се што Бог ве повикал на вистински литургиски живот, ве направил соучесници во Неговата смрт и воскресението! Но тоа повлекува и голема одговорност, зашто ние, како вистински христијани, треба да светлиме со своите добри дела и да им го сведочиме Христа и на другите, кои се далеку, далеку од својот Создател. Тие се радуваат, гледајќи ги Неговите созданија, а можеби, Него Самиот не Го познаваат. Да им помогнеме со љубов да Го спознаат Најблагиот, најдобриот Уметник на сето создание што толку нe воодушевува.

Нека оваа рождественска ноќ Богомладенецот Христос се роди во нашите души и откако на Литургијата ќе се причестиме со светите и божествени Тајни, да го „изиграме“ Ирод, како што тоа го направија мудреците. Во Евангелието според Матеј се вели дека мудреците, откако се поклонија на Христа, на сон добија известување од ангел и го надмудрија Ирода, заминувајќи си по друг пат. Што значи ова: „да го изиграме“? Тоа значи да го надмудруваме ѓаволот, кој симболично го гледаме во Ирода, односно, откако ќе се причестиме и се соединиме со Христа и со тајната на Неговото вочовечување, да не се враќаме повторно на страстите, на телесните размислувања и на телесните желби, туку да го избереме патот на воздржанието, на љубовта, на смирението и така постојано да општиме со Христа. Бог нека ве благослови и нека ни дарува на сите сили постојано да го надмудруваме Ирод и да нe удостои на вистински начин да се соединуваме со Христа.

Уште еднаш ви благодарам што вечерва ги видов вашите озарени лица и Го молам Бога да ви даде голема благодат, та утрово, кога ќе заврши светата Литургија и се причестиме, да нe удостои со уште поголема радост и таа радост Христова да пребива во нас постојано, та да ја пренесуваме на сите околу нас. Вистинскиот христијанин е постојано радосен во Господа. А и како да не се радува, кога Бог ни го даде на дар најскапоценото, ја обожи нашата човечка природа, нe направи богови по благодат! Затоа, да се трудиме да ги избегнуваме стапиците на оној, што постојано се обидува да нe измами, вовлекувајќи нe во погубните страсти и да го впериме нашиот поглед кон Христа, Кој ни даде учество во вечниот живот. Христос се роди!“

Благата вест што како поток бликна од просветленото слово, проследена од ангелското славословие, што се издигнуваше кон небото низ свечените гласови на озарените псалти, се допре до срцата на присутните и во нив разгоре толку силна и сеопфатна радост, па тие со копнеж пристапуваа кон пештерата, гледајќи Го Царот на љубовта, Кој доаѓа како дете и поклонувајќи се пред Него, смирено ги принесуваа на дар своите молитви и највозвишени чувства. И со љубов и вера ги отвораа своите души за во нив, како на фотографска плоча, да се втисне ликот Христов, да се всели во нивните срца, како во пештера, правејќи ги достојни сместувалишта на рождественската благодат.

Одекна радосниот восклик „Христос се роди“, земните гласови се измешаа со ангелските, а Оној, Кој благоволи да се роди во нашите срца ни ги принесе на дар Своето чесно Тело и пречиста Крв, наситувајќи ги нашите души со оваа бесмртна небесна храна. И после таквата божествена трпеза, заедничката трпеза беше само уште едно скромно надополнување на братската љубов. И секако тоа не беше крај. Барем не за децата. Таа чиста и нескриена детска радост што блескаше на нивните лица доби полнота, кога од рацете на нашиот старец, проследено со најтопла татковска насмевка и љубов, го примија благословот во вид на посебно украсено божикно пакетче со производи подарени од „Витаминка“. А над бигорското небо, озарено со необичната светлина на Христовото Раѓање, како да се слушаше ангелскиот поздрав:

„Слава на Бога во висините и на земјата мир ,меѓу луѓето добра волја!“