Достоинствено и без зурлите и тапаните на “Мајовци“ прославен Илинден во Лазарополе, таму најгоре (фотогалерија)

Илинден се одбележа со голема богослужба на владиката Партениј во црквата “Св. Ѓорѓи“, а заради почитување на мерките ги немаше звуците на зурлите и тапаните на “Мајовци“, “Тешкото“ на сред село и традиционалните ора.

Лазарополе таму најгоре,

Слика убава мајко, од дамнина.

Илинден е голем празник, да се прослави,

да ни дојдат сите горе во Лазарополе,

да се собере мијачијата…

Големиот празник Илинден се чествува во Лазарополе. Традиционално звуците на тапаните и зурлите го означуваа започнувањето на славата на селото со пристигнувањето на “Мајовци“ на сред село ден пред големиот Илинден. Најпрво повозрасните искусни играорци го играа “Тешкото“, оро во чии звуци и чекори се отсликува тешкиот живот на Македонците низ вековите. Потоа сите старо и младо со песни и ора до доцна во ноќта. Оваа година за прв пат тоа не се случи заради мерките на претпазливост од коронавирусот. “Мајовци“ ги немаше и на Илинден сред село, а оваа година со маски и почитување на мерки на претпазливост на Илинден “лозоровци“ се упатуваа кон црквата “Св. Ѓорѓи“ честитајќи си го празникот со желби за здравје.

Достоинствено сите на голема литургија и причесна во црквата која ја одржа Владиката Партениј, заедно со монасите, а тука беше и дел од “Мијачката гарда“, кој по завршување на Богослужбата се обрати на големиот број верници кои беа присутни со зборовите:

-Оваа е моја прва богослужба од моето удостојување за Епископ надвор од  манастирот “Св. Јован Бигорски“ и многу ми е мило што се случи тука за големиот празник на македонскиот народ  Илинден, со Вас, заедно, Лазоровцки, кои секогаш сте биле јунаци. Со верба во бога да си посакаме добро здравје во овие времиња на корона криза.

Лазоровци како и секој Илинден, така и на овој годинашниот, дојдоа од сите страни на Македонија на своите огништ, од Скопје, Битола, Охрид…, а сосебе донесоа и пријатели на кои сакаа да им ја покажат оваа “Божја хубавина“. На Илинден, во село Лазарополе обично  доаѓаат сите, без разлика каде живеат сега и што работат. Сите  на своите прастари, дедови огништа, и како што и секогаш бива си прикажуваа, кој од која фамилија е, како е тој и тој, дали е жив оној… На Илинден сите лазоровци се браќа, мијаци, секоја куќа  отворена,  дворовите полни со луѓе.

-Сите порти се отворени, но не е како што беше од годините, секој ги почитува мерките на претпазливост и семејствата слават со своите блиски.  На сите ни недостасуваат звукот на зурлите и тапаните. Некако е посебно тивко за овој Илинден, но кога ќе се сретнеме со други луѓе иако не се гушкаме или поздравуваме како некогаш, погледот ни кажува дека сите имаме исти грижи, дилеми, недоумици и со желби се побрзо да заврши. Си посакуваме пред се здравје, а понатаму и  се друго во животот. Да се надеваме дека овој Илинден е последен кој го славиме на ваков начин. Моја желба е, не само на Илинден, туку и други денови селото да е полно, да се вратат сите макар на еден ден, да ги обноват куќите, да се тука, а дека лазоровци можат, тоа да го направат докажале илјада пати, велат сите “лозоровци“.

Но, за да не помине се така тивко се погрижија монасите од “Св. Јован Бигорски“ кои во “Калин“ кои со домажините и нивните гости испеаја неколку стари македонски песни на радост на малкумината гости кои беа таму.

Традицијата, верата и вербата во подобро утре ги одржале Македонците илјадници години, а “лозоровци“, почитувајќи ги истите принципи се надеваат дека за брзо време ќе се вратат во Лазарополе.

-Догодина со добро здравје, весели ќе го славиме повторно Илинден на традиционален  начин како што го славеле со години и со сите обележја на македонскиот народ, е пораката која сите си ја упатуваат.

Затоа молитвите на свештениците во црквата “Св. Ѓорѓи“, предводени од владиката достоен  Партение од Бигорски манастир,  во која почиваат коските на Ѓурчин Кокале, во која пред 150 години иконостасувал Дичо Зогравски, се насочени кон тој ден, подобро утре. Илинден, кога таму горе ќе се собере мијачијата.

-На гробот на Ѓурќин Кокалевски во црквата “Св. Ѓорѓи“ не пишува пишува залудно “Кољку сме повеќе, тољки сме посилни“, а бројот на оние кои беа дојдени на Илинден во Лазарополе беше навистина голем, а тоа е гаранција дека “Лозоровци“ ќе бидат силна како некогаш, така и во иднина.