Наградата на градот Битола за игуменот на Бигорски

Отец Партениј, родум од Битола, веќе 16 години го води Бигорскиот манастир

Бигорски манастир – Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, го доби највисокото признание на градот Битола, наградата за животно дело, што се доделува по повод 4 Ноември, денот кога градот беше ослободен од фашистичките окупатори. Партениј Фидановски ја доби оваа награда затоа што е роден и израснал во Битола. На свеченоста што се одржа во преполнетата сала на Народниот театар во Битола, претседателката на Советот, Силвана Ангеловска, образложувајќи го доделувањето на наградата на архимандритот Партениј, истакна дека таа му се доделува затоа што како духовен раководител им помогнал, и сѐ уште помага, на голем број млади луѓе и заради неговата ангажираност во борбата против пороците на денешницата, особено дрогата од која најмногу страдаат младите.

“Бескрајно сум благодарен на Бог што ме постави на оваа служба, а особено да им помагам на младите луѓе кои страдаат најмногу. Наградата ја посветувам на Македонската православна црква, на која верно и предано ѝ’ служам, а материјалните средства од наградата оставам да се распределат во добротворни цели”, рече Партениј, заблагодарувајќи се на големото признание.

По завршувањето на основното образование, Партениј се запишува на Средното богословско училиште во Скопје. Подоцна дипломира на Богословскиот факултет во Скопје. За да навлезе подлабоко во суштината на духовниот живот тој извесно време престојува на Света Гора, во Григоријатскиот манастир. Во 1995 година доаѓа во Бигорскиот манастир, се замонашува и ја почнува мисијата да ја обнови и продолжи вековната духовна традиција на Бигорскиот манастир, која замрела во 1948 година, со смртта на архимандритот Спиридон.

Игуменот Партениј во своето 16-годишно мудро раководење со Бигорскиот манастир, со монашкото братство и сестринството од метохот на Бигорски – манастирот “Св.Георги Победоносец” во дебарското село Рајчица, не само што успеа да му го врати првобитниот автентичен изглед на Бигорскиот манастир туку уште повеќе духовно го издигна со богат и интензивен духовен живот.

 

Киро Кипроски