Камен-темелник на нов објект вчера беше осветен во манастирот Свети Јован Бигорски, каде што се славеше празникот на патронот на овој манастир – Отсекување на главата на Јован Крстител.
Дебарско-кичевскиот и плаошки митрополит, г. Тимотеј, најави дека со ова почнува изградба на конак со параклис и со библиотека на духовна литература. Со утринската Литургија чиноначалствуваа митрополитот Тимотеј и брегалничкиот митрополит Иларион, а присуствуваа околу 1.000 гости и верници.
– Идејата за изградба на новиот конак потекнува од пред 100 години, но, ете, сега доживеавме да се оствари желбата на архимандритот Арсениј – рече митрополитот Тимотеј.
Празнувањето на празникот на патронот почна во понеделникот ноќта со голем народен собир. Во манастирската црква беше извршено и замонашување на отец Еразмо, кој му се приклучи на монашкото братство на Бигорскиот манастир.
(З.Г.М.)