Прв настап на хорот од Бигорскиот манастир на официјален настан во Атина – аплауз и воодушевување од публиката

фото: МИА

Со долг аплауз и воодушевување од присутните беше поздравен настапот на монашкиот хор при Бигорскиот манастир за време на Меѓународниот фестивал на православна црковна музика што се одржува во Атина, што воедно беше и прво нивно вакво претставување во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.

Фестивалот е под покровителство на Министерството за култура на Грција, општината Атина и атинската архиепископија и воедно станува збор за прв настап на македонски хор на ваков официјален настан кај јужниот сосед.

фото: МИА

Присутни беа генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција, како претставник на Владата и претставник на грчкиот архиепископ Јеронимос, како и игуменот Бигориски манастир, Епископ Антаниски г. Партениј.

Отец Анатолиј одговорен за машкиот хор, во разговор со дописничката на МИА од Атина, по завршувањето на настапот изрази задоволство како од пеењето, така и од приемот на публиката.

Објасни дека учеството на првиот Меѓународен фестивал на православна црковна музика беше по покана од претседателот на Здружението на јеропсалти, односно црковни певци на периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, Илиас Редиадис -Тумбас, а „сето тоа е со благослов на архиепископијата атинска, односно на архиепископот атински господин Јероним и со нивно покритие“ и со поддршка од Министерството за култура на Грција.

-Ова е првпат во нашата, да речам понова историја, бидејќи не сум доволно сигурен за минатото, но мислам дека првпат хор од нашата црква да присуствува на еден ваков настан, официјален настан на Грчката православна црква и сметаме дека пеењето беше доста успешно, бевме доста успешно примени од публиката, истакна отец Анатолиј за МИА.

фото: МИА

Додава дека ова немаше да биде возможно „без заложувањата кои нашиот Игумен, епископот Антаниски г. Партениј ги има направено досега на многу полиња, а притоа и во црковната музика, за промоција на Македонската православна црква – Охридска архиепископија насекаде во светот, особено и овде, во Грција“.

Здружението на јеропсалти од Атика, на епископот г. Партениј му додели почесен медал за неговите заложби за источно-црковното православно пеење.

фото: МИА

Концертот се одржа во Соборниот храм посветен на Благовештение на Богородица, а организаторите и домаќините, посебно време посветија на гостите од Северна Македонија и посебно го истакнаа учеството на хорот од Бигорскиот манастир.

фото: МИА

На почетокот на концертот, како претставник на грчката Влада, на присутните им се обрати генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција Јоанис Хрисулакис, кој во име на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го поздрави синоќешниот настан и рече дека „византиската музика може донесе само единство и радост во нашите души“.

фото: МИА

Претседателот на Здружението на црковни певци на периферијата Атика, Илиас Редиадис -Тумбас претставувајќи ги учесниците, се осврна на игуменот на Бигорскиот манастир, Епископот Антаниски г. Партениј, за кој рече дека „во 2018 година беше прогласен за почесен граѓанин на Европа од Европскиот Парламент, за неговото многустрано пастирско, хуманитарно и образовно дело во соседната земја, Северна Македонија“.

Првиот меѓународен фестивал на православната црковна музика се одржува во Атина од 3 до 5 декември 2021 година, а Бигорскиот монашки хор и денеска и утре ќе учествува на различни настани.

-Поканети сме во недела да пееме на неделната литургија во црквата „Свети Пантелејмон“, таа е најголемата црква во Атина и ја нарекуваат Света Софија Атинска Таму ќе пееме на левата певница, односно на словенски јазик. Тоа значи дека половина од богослужението ќе биде на грчки, половина ќе биде на црковнословенски јазик и тоа е доста уникатен настан. Се надеваме дека ќе помине многу убаво и со нетрпение го очекуваме, рече отец Анатолиј во разговор со дописничката на МИА од Атина. 

Сања Ристовска


Линкови од други медиуми кои известуваат за истиот настан

Бриф.мк: Прв настап на хорот од Бигорскиот манастир на официјален настан во Атина – аплауз и воодушевување од публиката

Либертас.мк: Хорот од Бигорскиот манастир првпат настапи на официјален настан во Атина

360 степени: Аплаузи и воодушевување – хорот од Бигорскиот манастир првпат настапи на официјален настан во Атина