Жанета Ристевска
-Овде човек навистина може да ги почувствува Христовите страдања, болката на Мајката Божја по своето Чедо, патот кон Голгота и Распетието, за најпосле со радост да го доживее и Христовото Воскресение, како свое сопствено воскресение во новиот живот со Христа! Се зборови на возљубениот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, кои навистина се доживуваат во ноќта на Христовото Воскресение кога животот ја победува смртта.
-Манастирот “Св. Јован Бигорски“ е свето место на кое голем број верници се молат за страдањата во текот на деновите на Страсната недела пред и за Велигден.
Сместен во посебно убав предел, манстирот “Св. Јован Бигорски“ зрачи со својата светост која се чувствува кај сите кои оваа вечер се упатија до манастирот за да достоинствено и со голема празнична радост го прослават Христовото воскресение – Велигден, празникот над празниците, кој смртта со смрт ја победи и на човештвото радост му донесе.
Сите тргнуваат, така и ние од местото на “Куќата на Мијаците“ која денес на овој голем ден, е затворена, последен од Светата Недела и строг пост кои го одбележуваат страдањата на Исус Христос. Тргнуваме кон манастирот, по патот многу верници, посебно голем број млади. Патот е осветелен од месечината, ладното време не се чувтствува заради возбудата која кај сите буди посебни чувства, и сите тивко одат нагоре.
Посебни чувства во ноќта на Христовото Воскресени кај сите. Се искачуваат тивко без жагор. После три угорнини се гледаат во ноќта зидините на манастирот “Св. Јован Бигорски“.
“Бигорски“ кој сјае со сиот свој сјај. Манастирскиот комплекс е украсен и уште на големата влезна порта се чувствува блесокот на ова светилиште. Влегуваме тивко во дворот, “Творецот му го подарил на ова место и она што човекот мајстор го подигнал на овој простор: манастирската црква со прекрасната купола, неповторливиот иконостас, иконите и живописот, конакот, чардаците, трпезаријата, чешмата и водите непресушни“…
Вечерва тука се е во свечено руво, за да се дочека Благодатнот оган и прослави победата на животот над смртта, Христвовото Воскресение.
За декорирањето и уредувањето на дворот придонеле Монасите од манастирот, но и монахињите од “Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, метох на Бигорски, и монахињите од “Пречиста Кичевска“ кои и вечерва беа тука, на овој свечен чин.
Претходно, саботната богослужба во утринските часови е посебно доживување во Бигорскиот манастир. Тогаш отците, подобно на Ерусалимскиот храм, ги запечатуваат дверите на олтарот, при што Литургијата се извршува на епитафот што го симболизира предворјето на Гробот Господов. Привилегија за верниците кои присуствуваат и на тој начин им се дава можност да ѕирнат во тајната на осветувањето на Даровите, бидејќи тоа се одвива пред нивните очи.
Вечерта на Велика Сабота Владиката Господин Партение со својата придружба излегува од олтарот и го донесе пред верниците, Благодатниот оган.
Благодатниот оган, најголемата радост која му се случува на човечкиот род, во овој манастир, за првпат беше донесен пред 16 години. Така и овој Велигден на Велика Сабота со пасхален восхит и восклик возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, беседеше за Воскресението како негов сведок, со зборови полни со благодат и сила пред неколку илјадници верници.
Сите возбудено земаат од оганот и со запалени свеќи, пеејќи ги познатите стихови: „Дојдете примете светлост од невечерната Светлина…“
И како што постепено се палат свеќите, целата црква блеснува, осветлувајќи ги радосните лица на верниците кои го очекуваат Христовото Воскресение. Звукот на камбаните го најавува овој прекрасен настан и тогаш сиот народ собран надвор пред црквата, со трепет на душата го слуша Светото Евангелие за Христовото Воскресение и радосно воскликнува на „ХРИСТОС ВОСКРЕСНА“ – „НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА“. Ова го означува и почетокот на Воскресната Литургија, кога сите верници заедно го прославуваат Христовото Воскресение.
Возљубеиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј, се обрати кон верниците:
-Најдоволни ни се двата зборови, Христос Воскресна. Ништо посилно од тоа нема.
-Гледаме зло, војни, закоравени и закрвени уверувања, меѓусебно спротивни филозофии и фанатизам, страдања и смрт. Меѓутоа, доколку добро се вгледаме во човечката историја, во личните животи на оние кои го избрале крстовоскресниот пат, во житијата на светиите, во срцата на охристовените личности, ќе забележиме и ќе констатираме дека Воскреснатиот навистина создаде еден нов свет, нова стварност чиешто градиво е благодатта, милоста и љубовта Божја. И токму во спротивставеноста со паднатиот свет „кој лежи во зло“ (1. Јован. 5,19), ние ја воочуваме реалноста на новата твар, на богосотворениот свет. Гледаме, имено, луѓе кои иако опкружени од злото избрале да бидат последователи на доброто; луѓе, кои, иако притеснети од тагата и меланхолијата на овој свет, славно се радуваат и ликуваат во светот на благодатта. Гледаме личности кои среде темнината на злото во овој век, блескаат со надумна светлина и убавина, рече г. Партениј.
Инаку, мијаците велат дека во манастирот “Св Јован Бигорски“ е собрана сета македонска историја, тоа е трезор на македонското национално богатство, фрескосликарство, икони, иконостасот во манастирската црква “Св. Јован Крстител“ е ненадминат, старомакедонската мијачка архитектура плени, конаците, манастирските ќелии…, не треба да се пропушти приликата секој Макед0нец да биде дел од богослужбите и да доживее едно поинакво празнување на Велигден.
Фото: Сашо Ристевски