Во Гари се верни на традицијата

Со утрена богослужба и божествена литургија беше одржано големо тржество посветено на одбележувањето на 150-годишнината од живописувањето на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Гари

Ден по големиот христијански празник, Успение на Пресвета Богородица, во истоимениот храм во мијачкото село Гари, завчера, беше одржана голема прослава посветена на 150-годишнината од осветувањето на прекрасниот живопис, што го изработил Дичо Зограф, од мијачкото село Тресонче, соседно на Гари, најпознатиот македонски зограф во 19 век и неговиот син Аврам Дичов. Иконостасот бил изработен, исто така, од великаните на длетото, на гарчаните на тајфата на прочуениот Петре Филиповски-Гарката, кој го изработил иконостасот на манастирската црквата „Св. Јован Крстител“ во Бигорскиот манастир и неговите браќа Марко и Јован.

Црквата, која е во правоаголна базилика, била изградена во 1860 година, фрескоживописувањето траело 6 години и во 1866 година била осветена. Значајно за фрескоживописот е што Дичо Зограф ги насликал фреските во внатрешноста на црквата и фреската на мајка Богородица со ангелски крилја, која е редок мотив во македонските цркви, како и шеснаесеткракото сонце, симбол на Мијаците и го има речиси во сите цркви во овој регион.

Во прекрасното здание, црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Гари, која сведочи за сестраната надареност и посветеност кон бога на мијачкиот род, беше причина да се одржи големо тржество. Со утрената богослужба и божествената литургија, чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на Дебарско-кичевската епархија, во сослужение со игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, учествуваа јеромонаси и дебарскиот свештеник Миле Ангелковски. Убавината на светото богослужение беше збогатено и со прекрасното византиско пеење на хоровите на Бигорската и на Рајчичката свештена обител. На литургијата присуствуваа гарчани и нивни потомци, поголема група гарчани што живеат во Бугарија и специјално беа дојдени на прославата како и верници од повеќе места на нашава држава.

Претседателот на црковниот одбор во с. Гари, им се заблагодари на митрополитот Тимотеј и на игуменот Партениј, на братството и на сестринството, кои ја збогатија гарската слава. Притоа, Кузмановски даде краток историски оглед за успенскиот храм, при што нагласи дека жителите на с. Гари „со сопствени раце и средства ја граделе и опремувале црквата.“

Исто така, свое обраќање имаше и д-р Сашо Цветковски, научен соработник на МАНУ, специјалист на делото на Дичо Зогаф, кој рече дека овој јубилеј има големо значење и прославата не се однесува само за зографската работа на Дичо, туку во себе ги вклучува и сите ктитори, градители и побожни гарчани, кои придонеле за изградбата и убавината на храмот.

Инаку, мијачкото село Гари се наоѓа на падините на планината Стогово, на надморска височина од 1.100 метри, а низ селото тече Гарска Река, со чиста и бистра вода, богата со речна пастрмка, која се влева во Мала Река, а оваа во реката Радика.

Според статистичките податоци во 1905 година во с. Гари живееле 1.560 православни христијани, а во 1961 година бројот на населението значително се намалил дури за над 1.000 жители и биле регистрирани 454 жители. Во наредниот попис во 1971 година, повторно Гари го зафаќа нов голем бран иселувања и од селото се иселиле над 400 жители и биле регистрирани 37 жители. На последниот попис во 2002 година биле регистрирани само 10 жители.

Ако за галичани Петровден (12 јули) бил и останал најголем христијански празник кога се одржувале галичките свадби, и кога доаѓале печалбарите, за гарчани, пак, Голема Богородица е пандан за Петровден. Во селото Гари, пак, свадбарските свечености се одржувале на овој ден. Младоженците пред олтарот во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која била преполна со сватови, пред свештениците и пред бога, си ветувале доживотна верност, почитување и среќен брак, кој ќе им биде исполнет со многу дечиња.

Автор: Киро Кипроски