Управниот одбор за доделување на највисоките општински признанија и награди, што традиционално општина Битола ги доделува по повод 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, одлучи наградата за „животно дело“ годинава да му биде доделена на Архимандрит Партениј, старешина во манастирот „Св.Јован Крстител -Бигорски“.
Архимандрит Партениј е роден во Битола, а неколку години е старешина во манастирот „Св.Јован Бигорски“, а наградата му се доделува заради неговата ангажираност и борбата против пороците на денешницата, посебно дрогата од која страдаат младите. Управниот одбор донесе одлука да додели и четири награди за посебни едногодишни остварувања на двајца поединци и две институции.
Четвртоноемвриска награда и е доделена на Елена Гроздановска државен советник во Министерството за труд и социјална политика, која повеќе од 15 години се истакнува со промоција на концептите од областа на човекови права и еднаквите можности на граѓаните, како и на Блаже Докулевски, карикатурист кој објавил над 25.000 карикатури во „Битолски весник“ и други списанија во државата и светот.
Највисокото општинско признание, наградата „4.Ноември“ ќе им биде врачена и на Приватната специјална болница за гинекологија и акушерство „Плодност“-Битола и на Фестивалот за класична музика „Интерфест“ кој годинава одбележа две децении постоење.
Свеченото доделување на наградите ќе биде реализирано на 4.Ноември – Денот на ослободувањето на Битола кога традиционално се одржува свечена академија посветена на развојот и постигнувањата на општината во изминатиот период.
Извор: Дневник