Првиот семинар на професорите по предметот „Етика во религиите“

Бигорската Свештена Обител, којашто низ историјата воспитала и издигнала многу духовни и културни дејци и каде и во поново време духовно се образуваат сите што со вера притекнуваат во неа, во саботата од Светлата седмица, на 22 април 2017 лето Господово, беше домаќин на еден настан од исклучителна важност за градењето на добрата иднина кај нашите најмлади: еднодневен семинар во организација на Асоцијацијата на професори по предметот Етика во религиите „Просветление“.

Овој настан, прв од ваков вид организиран од Асоцијацијата после нејзиното формирање во месец февруари 2017 л. Г., беше наменет за професорите кои изведуваат настава за учениците во VI одделение по предметот „Етика во религиите“. Главната тема на семинарот беше: позитивни искуства од воведувањето на предметот „Етика во религиите“ во основното образование и постигнување на повисоки резултати во работата со учениците.

Семинарот беше отворен од страна на домаќинот, игуменот на Свештената Бигорска Обител, Високопреподобниот Архимандрит Партениј, кој најпрвин ја изрази својата благодарност што вероучителите го избраа токму Бигорскиот Манастир за да ја реализираат својата прва средба, а потоа и пастирски ги поздрави, упатувајќи им и поучителни зборови:

„Оваа средба треба да ве поттикне на силно меѓусебно дружење и зближување во Христа. Во светот вообичаено се вели: ’Само добриот тим е тим кој успева‘. Па така, и вие треба да сте едномислени и едногласни во своите ставови и барања… Сите што сте овде доаѓате од Богословскиот факултет, од таа, на сите нас особено драга институција, каде што сме се стекнале со знаењето на наука за Божјото Слово, и благодарение на професорите сме го добиле епитетот теолози, богослови. Тоа е големо достоинство и повлекува сериозна одговорност. Впрочем, да не заборавиме дека во историјата на Црквата само тројца светители го носат тоа големо именување: Св. Јован Богослов, Св. Григориј Богослов и Св. Симеон Нов Богослов. Би се задржал повеќе на првиот, на највозљубениот ученик и апостол Христов, кој силно Го засакал Христа и кој за време на Тајната Вечера ја беше навалил главата на градите Негови и својата Божествена теологија ја црпел, љубејќи Го Христа; затоа и нему му биле откриени оние возвишени догматски мисли, кои подоцна ги запишал во своето Евангелие… Токму такви треба да бидете и вие: собрани околу Христа, во љубовта Негова, во Неговата прегратка… И постојано да се потсетуваме дека теологијата не е само некакво сувопарно слово или обично схоластичко знаење, туку пред сè учење за љубовта. Затоа пред да се занимавме со теологија, треба најнапред многу да Го возљубиме Бога и да општиме со Него во срцето; дури тогаш ќе можеме на правилен начин да го разбереме Евангелието и целата теолошка наука, предадена нам во наследство од Светите Отци. Тогаш и теологијата ќе ни стане опитна и искуствена, а со самото тоа ќе има духовна моќ да допре до срцето на слушателите. Значи, нашата вера треба да биде дејствителна, секојдневно да ја сведочиме преку дела, и тоа најмногу преку делата на љубовта. Пред нас стои една тешка, но благородна задача: да ја издигнеме веронауката на повисоко ниво и да се залагаме за нејзина поголема застапеност во државните образовни институции. Но, за да се постигне тоа, треба да работиме поорганизирано и тимски. Да не го сфатиме овој собир како една средба која беше и помина, туку и понатаму постојано да контактираме и споделуваме искуства, бидејќи само заедно ќе однесеме победа. Нашите манастири и натаму остануваат отворени за вас и вашите ученици во поглед на практичната веронаука што започна кај нас пред неколку години. Имено, минатото лето во нашите два манастири поминаа повеќе од 350 деца, кои преку учество во литургискиот живот и послушанијата опитно ги спознаваа длабочините на нашата вера. Нашето искуство покажа дека за поголеми плодови на полето на веронауката, училиштата не треба да бидат единствените места каде нашите деца ќе се стекнуваат со знаења за Бога, туку суштински потребно е такви активности да бидат организирани и во рамките на парохиите при храмовите. Затоа, да ги насочиме нашите сили и во тој правец, па преку една длабока соработка помеѓу Црквата, возглавена од нејзините епископи, и образовните институции да можеме од нашите деца да изградиме духовно здрави и морално цврсти личности. Христос Воскресна!“

Свои излагања за важноста на застапеноста на предметот „Етика во религиите“ во образовниот систем, какои огромна благодарност до бигорскиот игумен за гостопримството изразија и деканот на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, како и претседателот на Асоцијацијата на професори по Етика на Религиите, о. Бобан Митевски.

Целта на овој семинар беше да се постигне континуирано и професионално усовршување на воспитно-образовниот кадар, подобрување на квалитетот на наставата по наставниот предмет, на методите и пристапите во реализација на наставата, како и во насока за обезбедување одговори на многуте прашања и дилеми со кои се соочуваат професорите и стручна и советодавна поддршка. Во тоа особен придонес дадоа директорката на Бирото за развој на образованието, д-р Весна Хорватовиќ, како и г-ѓа Лилјана Самарџиска Панова, која е советник во истата институција. На семинарот беше најавена и втората активност на Асоцијацијата – првиот награден литературен и ликовен конкурс по соодветниот предмет на тема: „Св. Климент – живот и дело“, кој треба да се одржи во наредниот период.