Денеска во посета на Свештената Бигорска Обител допатува Министерот за здравство г. Венко Филипче. Почитуваниот доктор-неврохирург и Министер во Владата беше гостољубиво пречекан од нашиот Старец и Игумен, Владиката Партениј и од монашкото братство. Гостинот и неговата придружба имаа можност одблиску да се запознаат со манастирските содржин и со дел од монашката мисија и секојдневие.
На срдечната средба во работната и гостоприемна игуменска одаја, Министерот Филипче му ја искажа својата благодарност на Владиката Партениј за поддршката и молитвите за здравствените работници, коишто оваа година самопрегорно и херојски го понесоа најтешкиот подвиг на пожртвувана служба за доброто на другите. Министерот, исто така, ја истакна својата поддршка за благородната социјална мисија на Старецот и братството за помош и исцеление на лица коишто страдаат од зависности, а за којашто е добро запознаен. Владиката му се заблагодари на г. Венко Филипче за убавите зборови и искрената поткрепа и му посака благодатни сили и благоуспевање во неговата одговорна дејност, како и што поскоро избавување од искушението со пандемијата.